Иван Дојчинов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Иван Танев Дојчинов[1] (Гевгелија, 11 јануари 1909 - Скопје, 29 јануари 1992)[2] —македонски комунист, борец во Шпанската граѓанска војна, учесник во НОВ, а по војната репресиран како информбировец. Дојчинов бил член на Главниот штаб на НОВ на Македонија и учествува на Првото и Второто заседание на АСНОМ. Бил носител на „Партизанска споменица 1941“.

Рани години: преку Бугарија до Аргентина[уреди | уреди извор]

Во текот на Првата светска војна неговото семејство се преселува во Ќустендил. Во март 1930 година заминал на печалба во Буенос Аирес, Аргентина.[3] Таму станал член на Македонската прогресивна организација и на Антиимперијалистичката, антифашистичка и антивоена лига. Соработувал и со весникот „Македонски глас“.[4] Во октомври 1932 година е затворен. Во затворот е примен за член на КП Аргентина. Во април 1933 година е ослободен, но во текот на 1933 и 1934 година уште неколкупати е затворан.[5]

Шпанија[уреди | уреди извор]

За Шпанија тргнал од Аргентина на почетокот од октомври 1936 година.[6] Учествува во повеќе битки и трипати е рануван. Добил чин капетан. Во средината на јануари 1939 година со други интербригадисти ја напушта Шпанија и заминува за Франција, каде е затворен во логор за интербригадисти. Во декември 1939 година избегал од логорот Аржелес сур мер во Франција и преку Италија и Југославија стигнал во Софија.[7]

НОВ[уреди | уреди извор]

Во 1941 година се вклучува во народно-ослободителното движење во Македонија како инструктор на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Станува член на Покраинскиот воен штаб, а потоа и на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Кога во мај 1943 година е формиран Кичевско-мавровскиот одред, Дојчинов е избран за командант на одредот. Потоа станува командант на Првата оперативна зона на НОВ и ПОМ.

За време на НОБ, Дојчинов ја пишува песната „Партизанска химна на Првата оперативна зона“ која е објавена во првата стихозбирка на „Македонски народно-ослободителни песни“.[8]

Повоени години[уреди | уреди извор]

По ослободувањето на Македонија, учествува на Второто заседание на АСНОМ, а потоа е испратен во СССР, во Воената академија „Фрунзе“. По враќањето, во 1948 година, е унапреден во чин потполковник и бил назначен за командант на Валевската воена област и за началник на Оперативното одделение на Петтата армиска област.

На 29 декември 1950 година[9] Дојчинов е притворен како осомничен во врска со Резолуцијата на Информбирото. По едногодишната истрага, на 10 ноември 1951 година е осуден на девет години строг затвор и три години ограничени права. Во март 1952 година е префрлен на издржување на казната во Билеќа, а во 1954 година е префрлен на Голи Оток. Помилуван е и пуштен од затвор на 29 ноември 1956 година,[9] откако дојде до затоплување на односите со СССР по доаѓањето на Никита Хрушчов во Југославија во мај-јуни 1955 година.

По ослободувањето од затвор се враќа во Скопје и се вработува во Металскиот завод. Во јули 1958 година повторно е затворен, но по шест месеци, во декември истата година, е ослободен како невин.[9] Емигрира во Бугарија, но повторно се враќа во Скопје.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ѓорѓи Танковски – Лилин, Јован Д. Кочанковски „Битолско-преспански партизански одред ‘Даме Груев’ (1942-1944)“, Друштво за наука и уметност – Битола, Битола, 1998, 221 и 224 стр.
  2. „Почина првоборецот Иван Дојчинов“, „Нова Македонија“, 31 јануари 1992, 4 стр.
  3. Миле Тодоровски „Револуционерната дејност на Иван Христов Дојчинов меѓу двете светски војни“ во Орде Ивановски и др. (ур.) „Дејноста на македонската емиграција од Јужновардарскиот регион меѓу двете светски војни“, Културно-просветна заедница, Гевгелија, 1990, 184 стр.
  4. Александар Литовски „Јубилејна хронологија на македонското националноослободително движење и на антифашистичката борба во Македонија во 2011“, Битола, 2011, 225 стр.
  5. Тодоровски, цит. дело, 186 стр.
  6. Ivan Dojčinov “Doprinos jugoslovenske emigracije u Argentini” во Čedo Kapor (ur.) "Španija 1936-1939", "Vojnoizdavački zavod", Beograd, 1971, tom 5, 366 str.
  7. Кирил Величков „Доброволци на свободата“, „Партиздат“, София, 1972, 297 стр.
  8. Блаже Ристовски (уредник) „Рациновите македонски народно-ослободителни песни“, „Матица македонска“, Скопје, 1993, 53 стр.
  9. 9,0 9,1 9,2 "16.101 golootočana, po spisku!", "Novi plamen", 25.12.2013.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Димче Најчески „Голооточки сведоштва“, Скопје, 2002, книга втора, 76-84 стр.
  • „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 479 стр.