Економија на САД

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Економијата на САД е најголемата економија во светот, мерено според вредноста на БДП.

Надворешна трговија[уреди | уреди извор]

Во 2017 година, најголемо учество во американскиот извоз на стоки имале ЕУ и Канада (по 18%), а потоа следувале: Мексико (16%), Кина (9%) и Јапонија (4%), додека 35% од извозот на САД отпаѓал на другите земји. Од друга страна, најголемо учество во американскиот увоз имале: Кина (22%), ЕУ (18%), Мексико и Канада (по 13%) и Јапонија (6%), додека 28% од американскиот увоз бил по потекло од другите земји. Притоа, САД имале дефицит во трговската размена со секој од нејзините пет најголеми трговски партнери, а дури 45,8% од трговскиот дефицит на САД отпаѓал на Кина.[1]

Финансиски систем[уреди | уреди извор]

Пазар на капитал[уреди | уреди извор]

Пазарот на акции во САД е најголем во светот: пазарната капитализација во 2019 година изнесувала 44% од светската капитализација на акционерските друштва, иако американските акционерски друштва учествуваат само со 17% во вкупниот број на акционерски друштва во светот. Сепак, тоа претставува намалување во однос на 2000 година, кога американската пазарна капитализација претставувала половина од светската капитализација. Американскито пазар на акции е двојно поголем во споредба со сите европски пазари на акции, земени заедно. Американските акции се најскапите акции во светот, мерени според показателот „цена / принос“.[2] Во текот на 20 век, реалниот принос на акциите во САД изнесувал 4,3% на годишно ниво, во споредба со останатите пазари кои имале принос од 0,8%.[3]

Најпрестижниот берзански индекс во САД е Дау Џонс (Dow Jones Industrial Average), формиран во 1885 година, кој е составен од 30 акционерски друштва со вкупна пазарна капитализација од 7,5 трилиони долари. Во составот на Дау Џонс 30 влегуваат следниве друштва: Microsoft, Apple, JP Morgan Chase & Co., Johnson & Johnson, Walmart, Visa, Procter & Gamble, ExxonMobil, Walt Disney, Home Depot, Verizon, Кока кола, Dow, Chevron, UnitedHealth, Merck & Co., Боинг, Cisco Systems, Интел, Pfizer, McDonald's, IBM, United Technologies, Најк, American Express, 3M, Goldman Sachs, Caterpillar, Walgreens Boots Alliance и Travelers. Индексот се пресметува со методата на ценовно пондерирани просеци, при што акциите со повисоки пондер цени имаат поголемо влијание врз индексот од оние со понизок. Највисок пондер во индексот имаат акциите на „Боинг“, а по неа следуваат акциите на „Јунајтед хелт“.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Зоран Јовановски, „Надворешно-трговскиот дефицит на САД“, Економија и бизнис, година 20, број 242, септември 2018, стр. 10.
  2. www.nasdaq.com (пристапено на 10.1.2019)
  3. Goetzmann, William N., Lingfeng Li, and K. Geert Rouwenhorst (2001), „Long-term global market correlations“. Working Paper w8612, National Bureau of Economic Research.
  4. www.cnbc.com (пристапено на 15.1.2020)