Своп

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Своп (англиски: Swap) — финансиски дериват со кој две страни разменуваат идни парични приливи во согласност со однапред договорена формула. За првпат, своповите се појавиле во 1981 година, кога Светската банка зела кредит со фиксна каматна стапка во вредност од 290 милиони долари и него го заменила за обврски изразени во швајцарски франци и германски марки.[1]

Видови свопови[уреди | уреди извор]

Во зависност од предметот на размената, постојат повеќе видови свопови:[2]

  • Валутен своп (currency swap) кој претставува размена на парични текови изразени во различни валути. На пример, едната договорна страна ѝ плаќа на другата страна одредена камата на доларски износ во замена за камата на одреден износ во јени. Притоа, при склучувањето на договорот се определува курсот по кој ќе се врши размената на доларите за јени.
  • Каматен своп (interest rate swap) кој претставува размена на променлива камата за фиксна камата при што двете се пресметуваат на однапред договорен износ (notional amount). Притоа, со каматниот своп се разменува само каматата а не и главнината, односно договоренито износ служи само како основа за пресметка на каматата. Исто така, размената на каматата се врши на нето-основа, т.е. двете камати се пребиваат меѓу себе и плаќањето го врши онаа страна чија обврска е поголема.
  • Други видови свопови, како: стоковен своп (commodity swap), кредитен своп (credit swap), своп на индекс на акции (equity index swap), диференцијален своп (differential swap) итн.

Вреднување на своповите[уреди | уреди извор]

Вреднувањето на своповите се врши на два начина: како разлика меѓу сегашната вредност на двата парични тека или како портфолио на договорите за идна испорака (forward contracts) кои се соодветни на секоја размена на средства. На пример, вредноста на валутниот своп се добива како разлика меѓу сегашната вредност на странската обврзница (помножена со девизниот курс, т.е. претворена во домашна валута) и сегашната вредност на домашната обврзница. Оттука, пазарната вредност на свопот зависи од движењето на домашната и на странската каматна стапка и од промените на девизниот курс. Слично, вредноста на каматниот своп претставува разлика меѓу сегашната вредност на обврзницата со фискна каматна стапка и сегашната вредност на обврзницата со променлива каматна стапка. Притоа, во моментот на склучувањето на свопот, неговата вредност е еднаква на нула.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 131.
  2. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 131-132.
  3. Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 132-133.