Прејди на содржината

Дмитриј Менделеев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Димитриј Менделеев
Димитриј Менделеев во 1907
Роден(а)8 февруари 1834(1834-02-08)
Тобољск, Руска Империја
Починал(а)2 февруари 1907(1907-02-02) (возр. 72)
Санкт Петербург, Руска Империја
НационалностРусин
ПолињаХемија, физика и сличните области
Познат поИзмислување на периодниот систем на хемиските елементи

Димитриј Иванович Менделеев (Тобољск, 8 февруари 1834 - Петроград, 2 февруари 1907) — руски хемичар, еден од најпознатите научници од оваа област. Тој е создавач на Периодниот систем на хемиските елементи. Покрај со хемијата, тој се занимавал и со истражувања од областа на економијата.

Менделеев е роден на 8 февруари 1834 година во едно село кај Тобољск, на крајниот исток на Сибир, како четиринаесетто дете на Иван и Марија Менделееви. Таткото, директор на локално училиште, ослепел и набргу умрел, а фабриката каде што работела мајка му изгорела, така што семејството во 1849 година се преселило во Санкт Петербург, со цел талентираниот Димитриј да се запише на универзитет. По долготрајните напори, тој се запишал на педагошкиот институт во Санкт Петербург. Студиите ги завршил со златен медал, а потоа продолжил со студии по хемија во Одеса. Во Санкт Петербург, Менделеев станал професор по хемија на тамошниот Технички институт.

Подоцна, одредено време, Менделеев престојувал во Германија и Франција, каде што работел со познати научници како Бунзен, Кирхоф и Каницаро. Покрај тоа што ја составил првата табела на периодниот систем на елементите, тој работел и на решавање на различни технички проблеми во индустријата. Особено е значајна неговата работа врз развојот на методите за изучување на хемијата.

Тој станал познат по низа откритија како професор на Универзитетот, за што добил признанија од Кралскиот универзитет во Лондон, а пред крајот на животот станал член на шведската Кралска академија на науките. Во 1906 година бил номиниран за Нобеловата награда, која никогаш не му била доделена.

Во 1890 година, тој ги поддржал своите студенти во барањето на подобри студентски услови, при што влегол во отворен конфликт со власта. Затоа бил предвреме пензиониран.

Менделеев умрел од грип во 1907 година, во Санкт Петербург, неколку дена пред својот 73. роденден.[1]

Периоден систем на Менделеев од 1871 година

Во чест на неговите заслуги, на Месечината има кратер што го носи неговото име, а 101. елемент во Периодичниот систем,откриен во 1955 година, го носи неговото име - "менделевиум".

Менделеев како економист

[уреди | уреди извор]

Иако Менделеев е најпознат по природниот систем на елементите, тој работел и во областа на економијата. Тој бил прогресивен економист, приврзаник на физичката економија, кој го поттикнувал рускиот индустриски развој, ги поставил основите на рускиот царински систем, ја предложил идејата за изградба на нафтоводи и се залагал за странски инвестиции како двигатели на економскиот развој на Русија. Притоа, тој напишал стотици дела од областа на економијата, често изјавувајќи дека тој првенствено е политички економист. Според зборовите на Михаил Антонов, економист во московскиот Институт на руската цивилизација, "од трите најголеми научни школи во руската економија, најзначајната е заснована на неговите идеи".[1]

Менделеев започнал да се интересира за економските прашања прилично доцна, во петтата деценија од животот, кога почнал да ги истражува темите поврзани со руските региони. Тој бил член на Слободното економско општество и често патувал низ Русија, САД и Западна Европа, посетувајќи фабрики и индустриски саеми. Собирајќи податоци, тој создал програма за развој на Русија, заснована на индустријата наместо земјоделството, поради што трпел остри критики, т.е. неговите противници го обвинувале за нарушување на руската традиција. Сепак, до крајот на 1890 година, тој успеал да се наметне како еден од водечките економски авторитети во Русија.[1]

Менделеев и вотката

[уреди | уреди извор]

Како дел од своите хемиски истражувања, Менделеев е заслужен и за развојот на формулата за изработка на популарниот руски алкохолен пијалак - вотката. Така, тој ги надгледувал стандардите за производство на вотката "емпаер" и своите истражувања во оваа област подоцна ги употребил како дел до докторската дисертација, под наслов "Комбинирајќи ги алкохолите со вода".[1]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 "Идеалната формула на вотката е на Менделеев", Дневник, година XVIII, број 5367, петок, 17 јануари 2014, стр. 22.