Данок на добивка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Данок на добивка е данок што правните лица (претпријатијата, финансиските институции и другите организации) гo плаќаат на остварената добивка во претходната финансиска година.

Обврзници на данокот на добивка се сите претпријатија (домашни и странски) како правни субјекти кои остваруваат добивка од дејноста што ја извршуваат. Како предмет на оданочување се јавува добивката, (профитот) која се утврдува како разлика помеѓу вкупните приходи и вкупните расходи, согласно сметководствените прописи и законот за данок на доход. Даночната основица е износот на добивката, односно профитот.

Даночни стапки[уреди | уреди извор]

Табела бр. 1: Стапки на данокот на добивка во одбрани земји (2017)[1]

Земја Даночна стапка
Македонија 10%
Албанија 15%
Бугарија 10%
Босна и Херцеговина 10%
Хрватска 12% (до три милиони куни) и 18% (над три милиони куни)
Австрија 25%
Германија 29,65%
Грција 29%
Црна Гора 9%
Србија 15%
Словенија 19%

Данокот на добивка во Македонија[уреди | уреди извор]

Во јануари 2014 година бил изменет Законот за данокот на добивка, при што обврската за плаќање на данокот била воведена и на заемите што меѓу себе си ги одобруваат домашните претпријатија (обврската не важи за претрпијатијата во технолошко-развојните зони), како и на исплатените дивиденди. Притоа, под оданочување подлежат само заемите коишто претпријатијата нема да ги вратат во текот на годината.[2]
Исто така, била направена промена и кај даночниот третман на задржаната добивка: за разлика од претходно, кога задржаната добивка не се оданочувала, т.е. се подразбирало дека таа е реинвестирана, со законските измени било предвидено дека, „ако спротивното не се докаже документирано, се смета дека добивката не е реинвестирана и на неа ќе се плати данок“. Понатаму, со законските измени било вратено старото решение за оданочување на добивката (кое се применувало до 2008 година), односно финансискиот резултат од билансот на успехот ја претставува основата за оданочување. Притоа, за износот на загубата се намалува даночната основа и таа може да се пренесува на товар на идните оданочливи добивки во следните три години.[3]
Понатаму, од 1 јануари 2015 година било воведено даночното ослободување со кое даночната основа се намалува за износот на реинвестираната добивка во материјални (машини, постројки, недвижен имот) и нематеријални средства (софтвер, патенти итн.). Притоа, ослободувањето се дава само под услов, фирмата да ги задржи набавените средства во своја сопственост најмалку пет години.[4]
Табела бр. 1 - Даночните приходи во Македонија, 2003-2016 (во милиони денари)[5]

Година Данок на добивка
2003 3.270
2004 2.362
2005 2.836
2006 4.710
2007 5.896
2008 8.579
2009 4.435
2010 3.691
2011 3.888
2012 3.655
2013 4.420
2014 5.060
2015 12.024
2016 10.769

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Павле Гацов, „Летни разговори за најавените даночни измени“, Економија и бизнис, година 19, број 231, септември 2017, стр. 27.
  2. „Данокот на заеми ги разбранува кредитите за фирмите“, Утрински весник, година XVI, број 4723, понеделник, 2 март 2015, стр. 7.
  3. Павле Гацов, „Загубарите во плус, профитабилните во минус - даночно цедење на стопанството“, Економија и бизнис, година 17, број 198, 25 декември 2014, стр. 64-65.
  4. Павле Гацов, „Загубарите во плус, профитабилните во минус - даночно цедење на стопанството“, Економија и бизнис, година 17, број 198, 25 декември 2014, стр. 65.
  5. Павле Гацов, „Состојби наспроти трендови - Македонски фискални и економски индикатори“, Економија и бизнис, година 18, број 225, март 2017, стр. 52-53.