Прејди на содржината

Донација

Од Википедија — слободната енциклопедија

Донација - доброволна и безулсовна помош во пари, добра и услуги која не создава директна корист за давателот ниту обврска за враќање од примателот на донацијата и која може да биде дадена за цели од јавен интерес или за поддршка на активностите на примателот. Под донација се подразбираат и жирални давања, теледавање и организирани настани за прибирање средства. За реализација на донацијата треба да се склучи договор во писмена форма во кој како страни се јавуваат давателот и примателот на донацијата.[1]

Донацијата во македонското законодавство

[уреди | уреди извор]

Во Македонија, донациите се регулирани со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности (Службен весник на Република Македонија бр. 47/2006, 86/2008, 51/2011, 28/2014 и 153/2015) при што двете страни (давателот и примателот на донацијата треба да склучат договор во писмена форма, во согласност со Законот за облигационите односи. Кога примател на донацијата е здружение или фондација која се стекнала со статусот на организација од јавен интерес или кога се работи за здружение или фондација која е основана за конкретна финансиска поддршка на јавен интерес, тогаш не мора да постои договор во писмена форма. Давател на донација може да биде домашно или странско физичко и правно лице, но не лице чие дејствување е во спротивност на Уставот и законите на Македонија или со меѓународните договори кои ги склучила Македонија. Примател на донацијата може да биде домашно правно лице, како и странско правно лице кое има непрофитен карактер и е основано за остварување јавен интерес во друга држава во случај на елементарни непогоди, природни и хуманитарни катастрофи. Објавувањето на името, на фирмата и на заштитниот знак на давателот на донацијата во печатените и електронските медиуми не се смета за реклама.[1]

За поттикнување на донациите се предвидени бројни даночни олеснувања кај повеќе даноци, како: персоналниот данок на доход, данокот на добивка, данокот на додадена вредност и даноците на имот. Така, физичкото лице кое дава донација на правно лице, има право на намалување на пресметаниот а неплатен персонален данок на доход или враќање на платениот персонален данок на доход во висина на донацијата, но не повеќе од 20% од неговиот годишен персонален данок на доход, а најмногу до 24.000 денари. Истовремено, примателот на донацијата не плаќа персонален данок на доход. Во продолжение, фирмите кои подлежат на данок на добивка, кога даваат донација на правно лице, таа им се признава како расход за тековната година во висина до 5% од вкупниот приход. Кога примателот на донацијата добива пари и нив ги користи за набавка на добра и услуги за остварување на јавен интерес, тогаш пресметаниот данок на додадена вредност во фактурата му се враќа на продавачот на добрата и услугите, и тоа врз основа на доставено барање од примателот на донацијата. Исто така, од данокот на додадена вредност се ослободени влезниците за спортски, културен и друг јавен настан, доколку приходот се употребува за финансирање јавен интерес. Од данокот на додадена вредност се ослободени и услугите на телекомуникациските оператори кои овозможуваат донирање пари за финансирање јавен интерес. Ако донацијата е во облик на производи и материјални предмети, таа е ослободена од данокот на наследство и подарок. Ако донацијата е во облик на предмети или имот, тие се ослободени од данокот на имот во рок од пет години по давањето на донацијата. Ако дарителот е странско лице, по негово барање, Управата за јавни приходи му издава потврда дека дал донација. Сепак, даночните поттикнувања не важат ако донацијата се употребува за: поддршка на политички партии, финансирање политички кампањи и за донација од едно до друго претпријатие.[1]

  1. 1,0 1,1 1,2 Никола Главинче, „Донации и спонзорства во јавните дејности“, Економија и бизнис, година 18, број 221, ноември 2016, стр. 62-63.