Прејди на содржината

Голема Раседна Долина

Координати: 0°06′S 36°06′E / 0.1° ЈГШ; 36.1° ИГД / -0.1; 36.1
Од Википедија — слободната енциклопедија
Кениски езерски систем во Големата Раседна Долина
светско наследство на УНЕСКО
Карта на Големата Раседна Долина
Критериумприродно: vii, ix, x
Навод1060
Запис2011 (444 заседание)
Координати0°06′S 36°06′E / 0.1° ЈГШ; 36.1° ИГД / -0.1; 36.1

Голема Раседна Долина — географска бразда долга околу 6.000 км која се протега од долината Бека во Либан, Азија до Мозамбик, југоисточна Африка.[1] Денес е познато дека оваа долина е всушност збир од повеќе различни бразди и раседи, и не претставува една целина, иако истите се поврзани.[2]

Во современата литература, поимот најчесто се однесува на долината на Источноафриканскиот Расед, кој е раздвојувачка плочна граница што се протега од Афарската Котлина кон југ, преку источна Африка, полека одвојувајќи ја Африканската Плоча во две посебни плочи. Овие плочи во создавање се наречени Нубиска и Сомалиска Плоча.

Најсеверниот дел на раседот соодветствува на средишниот дел од она што денес се нарекува Левантски Расед. Делот ја образува долината Бека во Либан, која ги дели планинските венеци Либан и Антилибан. Понајуг се јавува во облик на котлината Хула, која ги дели планините на Галилеја од Голанската Висорамнина.[3]

Тука почнува реката Јордан и тече на југ низ езерото Хула, па се влева во Галилејското Море во Израел. Раседот потоа продолжува на југ низ Јорданската Раседна Долина во Мртвото Море на израелско-јорданската граница. Јужно од морето, раседот е пофатен од вадијата Арава, потоа од Акапскиот Залив и на крај од Црвеното Море.[3]

Недалеку од јужниот крај на Синајскиот Полуостров во Црвеното Море, Левантскиот Расед се среќава со езерото Хула и се протега по должината на Црвеното Море. Црвеноморскиот Расед на брегот се среќава со Источноафриканскиот Расед, Аденскиот Срт и Афарската Котлина во источна Африка. Спојот на овие три раседи се Афарска Котлина или Афарски Триаголник.[3]

Езерото Накуру во Кенискиот езерски систем

Западниот Расед, наречен и Албертски Расед, се граничи со некои од највисоките планини во Африка, вклучувајќи ги венците Вирунга, Витумба и Рувензори. Тука се сместени т.н. Езера на Раседната Долина, кои се меѓу најдлабоките на светот (Тангањика достигнува 1.470 м).

Голем дел од ова подрачје е пофатено во границите на национални паркови како Вирунга во ДР Конго, Рувензори и Кралица Елизабета во Уганда и Вулкани во Руанда. Езерото Викторија се смета за дел од системот на раседната долина, иако впрочем се простира меѓу двата ракава. Сите Големи езера на Африка се настанати како последица од раседот, и највеќето лежат во рамките на раседна долина.

Во Кенија, долината е најдлабока северно од Најроби. Бидејќи езерата на Источниот Расед не се одлеваат во морето и се претежно плитки, тие содржат големо количество минерали и нивните испаренија оставаат наслаги од сол. На пример, езерото Магади има голема концентрација на сода (натриум карбонат), а езерата Елментејта, Богорија и Накуру се мошне алкални, додека изворите што го полнат езерото Најваша се од суштинско значење за неговата биоразновидност.

Јужниот дел на Раседната Долина го опфаќа езерото Малави, трето по длабочина во светот (706 м) и ги дели висорамнината на Њаса во северен Мозамбик од Малави; завршува во долината на Замбези.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Merriam-Webster, Inc 편집부 (1997). MERRIAM WEBSTER'S GEOGRAPHICAL DICTIONARY 3/E(H). Merriam-Webster. стр. 444. ISBN 978-0-87779-546-9. Посетено на 22 November 2012.
  2. Philip Briggs; Brian Blatt (15 July 2009). Ethiopia: the Bradt travel guide. Bradt Travel Guides. стр. 450. ISBN 978-1-84162-284-2. Посетено на 22 November 2012.
  3. 3,0 3,1 3,2 G. Yirgu; C. J. (Cindy J.) Ebinger; P. K. H. Maguire (2006). The Afar Volcanic Province Within the East African Rift System: Special Publication No 259. Geological Society. стр. 306–307. ISBN 978-1-86239-196-3. Посетено на 22 November 2012.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]