Синајски Полуостров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Физичка карта на Синајскиот Полуостров

Синајски Полуостров или Синај (арапски: سيناء; египетски арапски: سينا, Сина) — триаголен полуостров во Египет со површина од околу 60.000 км2. Сместен е помеѓу Средоземното Море на север и Црвеното Море на југ, служејќи како копнен мост помеѓу Азија и Африка. Најголемиот дел од полуостровот припаѓа на две области на Египет (уште три се протегаат низ подрачјето на Суецкиот Канал) и има население од околу 1.400.000 жители. Покрај тоа, Eгипќаните го нарекуваат и „земја на тиркизот“ (أرض الفيروز, Ард ул-Фејруз). Меѓу старите Египќани бил познат како Мафкат или „земја на зелените руди“.[1]

За разлика од Левантот (денес во Сирија, Либан, Јордан, Израел, Јудеја и Самарија (Западниот Брег) и Појасот Газа), кој низ историјата бил предмет на судири помеѓу Египет и државите од Месопотамија (Вавилонија, Асирија, Митани) и Мала Азија (Хетитското царство), Синајскиот Полуостров бил постојан дел од Египет уште од првата династија (~3100 г. п.н.е.), па сè до XX век. Како и остатокот од Египет, полуостровот потпаѓал под власта на странските сили како што се Отоманското царство и Велика Британија (1882-1956). Синај е подоцна окупиран од Израел за време на Суецката криза (во Египет наречена „Тројна агресија“ поради усогласените напади на Британија, Франција и Израел) во 1956 г., како и во Шестдневната војна од 1967 г. На 6 октомври 1973 г. Египет ја започнал Јомпкипурската војна за да си го поврати полуостровот, во што успеал по многубројни жестоки борби. По Египетско-израелската војна од 1973 г. и Израелско-египетскиот мировен договор од 1979 г., во 1982 г. Израел конечно се повлекол од последното упориште на Синајскиот Полуостров. Денес Синај е туристичко одредиште поради природните знаменитости, богатите корални гребени и библиската историја. Синајската Гора пак, е едно од најважните места во аврамските религии.

Преглед[уреди | уреди извор]

Манастирот „Св. Катерина“ — најстариот функционален христијански манастир во светот

Управните области Северен Синај и Јужен Синај опфаќаат околу 60.000 км2 и имаат население од 597.000 жители (2013). Доколку се вклучи Западен Синај, односно деловите од областите Порт Саид, Исмаилија и Суец што се протегаат источно од Суецкиот Канал, тогаш населението достигнува 1.400.000 жители.

Се смета дека името Синај води потекло или од древниот месечев бог Син[2] или од хебрејскиот збор Сене (סֶ֫נֶּה)[3] Полуостровот го добил името поради претпоставката дека планината близу манастирот „Св. Катерина“ е библиската Синајска Гора, иако ова поимување е спорно.

Значаен дел од населението во пустинските краишта на полуостровот е бедуинско, со живописни народни носии и животна култура, застапено во Синај уште од доселувањето на племето Бени Сулејман XIV век.[4] Источниот брег на Синај ги двои Арапската и Африканската плоча.[5]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. "Étude de la turquoise : de ses traitements et imitations", Claire Salanne, Université de Nantes, 2009.
  2. „Sinai Peninsula (peninsula, Egypt) - Britannica Online Encyclopedia“. Britannica.com. http://www.britannica.com/EBchecked/topic/545586/Sinai-Peninsula. конс. 14 јануари 2012 г. 
  3. „Sinai, Mount“. JewishEncyclopedia.com. http://www.jewishencyclopedia.com/view.jsp?artid=817&letter=S&search=horeb. конс. 14 јануари 2012 г. 
  4. Leonard, William R. and Michael H. Crawford, The Human Biology of Pastoral Populations, Cambridge University Press, 2002, p. 67 ISBN 978-0521780162
  5. Homberg, Catherine and Martina Bachmann, Evolution of the Levant Margin and Western Arabia Platform Since the Mesozoic, The Geological Society of London, 2010, p 65 ISBN 978-1862393066

Надворешни врски[уреди | уреди извор]