Брајова азбука или Брајово писмо — специјално писмо наменето на лицата со слаб вид или потполно слепите. Создадено е во 1821 година. Произлегло од т.н. ноќно писмо на тајните служби кои го користеле во ноќните воени дејства.
Францускиот учител за слепи, Луј Брај (1809-1852) ја усовршил оваа техника и настојувал таа да се користи во праксата. Основната клетка на Брајовата азбука се состои од шест точки (т.н. шесточка), а на секоја буква одговара комбинација од тие 6 релјефни точки. Буквите се втиснуваат со метално шило во хартијата, а читачот ги распознава со допирање од спротивната страна.