Американска пасторала

Од Википедија — слободната енциклопедија

Американска пасторала (англиски: American pastoral) — роман на американскиот писател Филип Рот од 1997 година.

Посвета и цитати[уреди | уреди извор]

Романот е посветен на Ј. Г., пред да започне првиот дел се наведени два цитата:[1]

  • стиховите „Сонувај кога денот се ближи кон крајот / Сонувај зашто соновите знаат да се остварат / Нештата никогаш не се толку лоши како што се чини / Затоа само сонувај и нека соновите ги достигнат височините“, земени од песната „Сонувај“ на Џони Мерсер, која била популарна во 1940-тите
  • „ретка појава на очекуваното...“ на Вилијам Карлос Вилијамс, земен од „Кај Кенет Берк“ (1946).

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од девет глави, распоредени во три дела:

  • Рајот во сеќавањето
  • Падот
  • Изгубениот рај

Рајот во сеќавањето[уреди | уреди извор]

  • Глава 1: За време на Втората светска војна, Симор Ирвинг Левов, поради русата коса наречен Свид (на англиски: Швеѓанец), бил средношколец од Њуарк кој бил обожуван во целиот крај поради тоа што бил надарен спортист. Неговиот татко Лу Левов бил успешен бизнисмен, сопственик на фабрика за ракавици. Веднаш по матурирањето, во јуни 1945 година, Свид се пријавил во армијата и служел во Јужна Каролина. Таму, тој се свршил, но по интервенцијата на татко му, ја раскинал свршувчката. Во 1947 година се вратил дома и се запишал на колеџ при што повторно бил успешен спортист. Подоцна, се оженил за убава девојка, поранешна Мис на Њу Џерси и учесничка на натпреварот за Мис на Америка. Во детството, писателот Нејтан Цукерман се дружел со Џери Левов, братот на Свид, и бил голем обожавател на Свид. Многу подоцна, во 1985 година, Цукерман случајно се среќава со Свид, а десет години подоцна добива писмо во кое Свид го моли да му помогне да напише книга за Лу Левов, кој во меѓувреме починал во длабока старост. На состанокот, Свид раскажува за своите деца, за пропаста на Њуарк и за фабриката за кожни производи, но избегнува да го спомене писмото така што Цукерман постојано се обидува да го процени Свид и да ги открие неговите вистински намери.[2]
  • Глава 2: Во 1995 година, Нејтан Цукерман присуствува на прославата на 45-годишнината од матурата, кога повторно ги среќава своите некогашни другари со кои ги споделува сеќавањето за младоста и стравот од смртта. Дури на самиот крај на прославата, тој забележува дека е присутен и братот на Свид, Џери Левов кој работи како кардиохируг во Флорида.[3]
  • Глава 3: Од разговорот со Џери, Нејтан дознава дека Свид умрел пред неколку дена од рак на простатата. Притоа, Џери му раскажува за животот на Свид, кој делувал како спокоен и среќен човек, но целиот живот бил несреќен поради непријатната случка од 1968 година, кога неговата 16-годишна ќерка Мери подметнала бомба во локалната пошта; потоа, во текот на 25 години, таа се криела, а Свид постојано се среќавал со неа сè до нејзината смрт, 25 години подоцна. Врз основа на овој разговор, Цукерман, кој веќе почнал да пишува книга за Свид, сфаќа дека имал потполно погрешна претстава за личноста на Свид. За време на прославата, тој постојано размислува за несреќниот живот на Свид и за својата неспособност да ја открие вистинската личност на Свид, кој по скандалот со бомбата целиот живот го поминал во преиспитување на својот однос кон Мери. Малечката Мери го поминала детството во борбата со проблемите со изговорот, а кога станала тинејџерка, наеднаш се здебелила, се затворила во себе и станал огорчен противник на Виетнамската војна. Иако секогаш постапувал грижливо кон неа, по нејзиното бегство од дома, Свид го поминал остатокот од животот во голема тага, обвинувајќи се себеси за несреќата.[4]

Падот[уреди | уреди извор]

  • Глава 4: Четири месеци по исчезнувањето на Мери, во фабриката на Свид доаѓа девојката Рита Коен која му пренесува порака од Мери. Подоцна, тој се среќава со Рита во еден хотел во Њујорк, каде тој ѝ дава голем износ пари, а таа сака да го наведе да имаат сексуален однос. Свид ја игнорира нејзината понуда и бега од хотелската соба и веднаш ја пријавува во ФБИ, но во меѓувреме Рита успева да побегне со парите. Во следните пет години, тој попусто очекува некаква трага што ќе го одведе до Мери, а истовремено се навраќа на детството на Мери, барајќи ги причините за нејзиното одметнување - сцените со самозапалувањето на будистичките свештеници во Виетнам кои Мери ги видела на телевизија, католичкото воспитување што ѝ го наметнувала баба ѝ, бакнежот в уста што го побарала од него итн. Тој период, Свид го поминува задржувајќи ја својата стабилност во односите со надворешниот свет, но неговиот внатрешен живот е потполно уништен.[5]
  • Глава 5: За разлика од присебното однесување на Свид, по исчезнувањето на Мери, нејзината мајка Дон запаѓа во депресија и двапати лежи во психијатриска клиника. Меѓутоа, наеднаш, во нејзиниот живот настапува пресврт и таа прави палстична операција на лицето, а потоа бара Свид да ја продаде старата куќа која отсекогаш ја мразела и тие се селат во нова куќа. Меѓутоа, во септември 1973 година, Свид добива писмо од Рита Коен, која го известува дека Мери работи во Њуарк и тој оди да се сретне со неа.[6]
  • Глава 6: Свид и Мери одат во нејзиниот мал стан во една стара, запуштена зграда во сиромашниот дел на Њуарк. Таму, Мери живее осамена и во голема беда. Од разговорот со неа, Свид дознава дека таа ја прифатила индиската религија џаинизам, дека живее аскетски живот и дека е противник на насилството, а воочува и дека таа повеќе не пелтечи. Притоа, Мери му признава дека таа ја поставила бомбата во родното место и му раскажува за својот живот по бегството од дома: го променила својот идентитет и го зела презимето Штолц, се криела на повеќе места ширум САД, двапати била силувана, живеела во комуна, работела секакви работи, поставувала бомби и извршила уште едно убиство, некое време живеела како питачка и најпосле го открила џаинизмот. За време на разговорот, Сви е бесен на себе поради тоа што сфаќа дека ќерка му е целосно изменета и потполно отуѓена од нејзините родители. Подоцна, по средбата со Мери, Свид постојано е опседнат со нејзиното силување. Очаен, тој бара совет од брат му Џери, кој остро го напаѓа, обвинувајќи го за неспособноста да се соочи со стварноста.[7]

Изгубениот рај[уреди | уреди извор]

  • Глава 7: По исчезнувањето на Мери, целото семејство Левов било потресено и загрижено, надевајќи се на некаква вест за неа. Родителите на Свид се наоѓаат во посета на неговата куќа, а тој се прашува дали да им каже за средбата со Мери. Свид и Дон подготвуваат вечера за неколку гости и тогаш Свид случајно открива дека сопругата го изневерува со соседот Бил Оркат.[8]
  • Глава 8: За време на вечерата, Свид не учествува во разговорот, туку постојано мисли на вината на ќерката Мери, за неверството на сопругата Дон за која сфаќа дека се подготвува да го напушти со нејзиниот љубовник Бил Оркат, како и за логопедот Шила Салцман која во минатото му била љубовница, а не знаел дека токму таа ја криела Мери непосредно по експлозијата. Така, додека тече разговорот меѓу присутните, Свид сфаќа дека неговото семејство е потполно распаднато.[9]
  • Глава 9: Свид добива телефонски повик од Рита Коен, која дознала за неговата средба со Мери и поради тоа му се заканува. Потоа, тој има остра кавга со Шила Салцман која ја обвинува поради тоа што не му кажала дека ја крие Мери во нејзиниот дом. Додека трае вечерата, тој е отсутен и се сеќава на првиот разговор меѓу татко му и Дон, кога му кажал дека сака да се ожени со неа, како и на деновите кога Дон учествувала на изборот за Мис на Америка. Исто така, Свид е оптоварен со вината на Мери за која конечно сфаќа дека од невино девојче се претворила во изопачен убиец. Тогаш, во кујната се слуша врисок и присутните го наоѓаат Лу Левов со рана во близината на окото: додека тој ја хранел пијаната сопруга на Били Оркат, таа се обидела да му ја забоде виљушката во окото.[10]

За романот[уреди | уреди извор]

Романот, кој во 1997 година бил награден со Пулицеровата награда, наишол на поволен прием кај книжевната критика. На пример, во рецензијата објавена во „Фајненшел тајмс“ (Financial Times) тој бил опишан како „полн со длабоки увиди, со остри иронични пресврти, со мудрости на темата од американскиот идеализам и со прекрасна забава... Длабока и интимна медитација за промените во американската психа во текот на претходните педесет години.“[11]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Filip Rot, Američka pastorala. Beograd: Paidea, 2015, стр. 7.
  2. Filip Rot, Američka pastorala. Beograd: Paidea, 2015, стр. 11-49.
  3. Filip Rot, Američka pastorala. Beograd: Paidea, 2015, стр. 50-69.
  4. Filip Rot, Američka pastorala. Beograd: Paidea, 2015, стр. 70-128.
  5. Filip Rot, Američka pastorala. Beograd: Paidea, 2015, стр. 131-188.
  6. Filip Rot, Američka pastorala. Beograd: Paidea, 2015, стр. 189-246.
  7. Filip Rot, Američka pastorala. Beograd: Paidea, 2015, стр. 247-296.
  8. Filip Rot, Američka pastorala. Beograd: Paidea, 2015, стр. 299-351.
  9. Filip Rot, Američka pastorala. Beograd: Paidea, 2015, стр. 352-381.
  10. Filip Rot, Američka pastorala. Beograd: Paidea, 2015, стр. 382-438.
  11. Filip Rot, Američka pastorala. Beograd: Paidea, 2015.