Ѓорѓи Капчев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Роден Ѓорѓи Капчев
1868 г.
Охрид, Отоманско царство
Починал 1936 г. (68 г.)
Земун, Југославија
Националност Македонец
Занимање правник, новинар


Ѓорѓи Иванов Капчевмакедонски деец и општественик, кој потекнува од охридскиот род Капчеви.

Биографија[уреди | уреди извор]

Според извештаите на загрепската полиција, Капчев е роден во 1868 година во градот Охрид, а според список на офицери на бугарската војска е роден во 1872 година во Русе. На крајот на 80-тите и почетокот на 90–тите на XIX век, Капчев престојувал во Москва. Започнува да се занимава со издаваштво, пишувајќи за весникот на Коста Шахов, „Македонија“.

Во статија од април 1890 година од името на македонската училишна младина во Москва протестира против српските претензии во Македонија. Истакнувајќи ја посебноста на македонскиот говор, во написот Капчев отстапува од наложениот бугарски правопис, ги отфрла ер и ю и наместо нив ги користи i + у и други. Подоцна сличен правопис користат и авторите на списанието „Лоза“ на Младата македонска книжевна дружина.

Од февруари 1893 до март 1894 година, Капчев служи војска во бугарската војска и до 1902 година е адвокат во Русе. Од 1894 година Капчев активно се вклучува во животот на македонската емиграција во Бугарија. Тој е меѓу основачите на Македонско-одринското друштво во Русе каде работи како адвокат и е негов прв претседател до јуни 1895 година. Друштвото учествува на Првиот македонски конгрес на Македонската организација во Софија во 1894 година. Во Русе, одржува тесни врски со својот сограѓанин од Охрид, Александар Протогеров. По неуспешното Мелничко востание во Македонија, заедно со Методиј Кусев, Ѓорѓи Паунчев и Илија Ѓорѓов, е член на делегацијата која оди во Плоешти и од името на Македонскиот комитет бара од Русија да се исполнат реформите во Македонија ветени на Берлинскиот конгрес. Капчев е делегат на Вториот македонски конгрес во Софија во декември 1895 година, кога учествува во седумчлената законодавна комисија, која ги преработува статутите на организацијата од Првиот конгрес. За време на „Виничката афера“ (крајот на 1897 г.), која добила големи размери и имала тешки последици, како за македонскиот народ, така и за неговото национално-ослободително движење, Капчев издава апел против турските репресалии.

По Петтиот македонски конгрес на Македонската организација во 1898 година, кој не успева да ги собере делегатите од сите македонски емигрантски организации и по опаѓањето на моќта на организацијата, Капчев заминува за Австроунгарија и се населува во Загреб, каде развива бурна дејност за македонските работи. Во Загреб тој го издава весникот „Македонија“ (1898/1899) и книгата „Македонија или гласот на робот“ (1898), во која прави преглед на пропагандите кои го попречуваат правилното решавање на македонското прашање. Според Капчев во Македонија дејствувале четири политички и три верски пропаганди: бугарска, српска, грчка и романска, како и унијатска, протестантска и православна. Исто така тој ја развива идејата за автономија на Македонија и Одринска Тракија, како и за создавање во некое идно време на Балканска јужнословенска федерација по примерот на САД.

Во Загреб, Капчев одржувал контакт со видни бугарски и хрватски општественици. Продолжил да се допишува со Александар Протогеров. По издавањето на весникот „Македонија“ во Загреб и на книгата „Македонија или гласот на робот“, Капчев се префрлил во Женева, каде во меѓувреме група македонски студенти предводени од Михаил Герџиков и Петар Манџуков го создаваат Македонски таен револуционерен комитет, со цел ослободување на Македонија преку внатрешна револуција. На групата која била под влијание на руските револуционери и се формираат како анархисти им се приклучил Капчев.

Ѓорѓи Иванов Капчев се зафатил да организира „Македонски конгрес“ и за таа цел од името на „Централен македонски комитет“ подготвил „Апел“ на кој се потпишува како Главен уредник на весникот „Масеdoine“ и го испратил до европската јавност, односно до „До заштитниците на човечката совест, правдата, мирот и човечноста“. Во „Апелот“ од Женева, од 12 јануари 1899 година, во кој Капчев го образложува својот проект за уредување на Македонија, се вели:

„Имајќи ги предвид несреќите што ги поднесува народот во Македонија и Одринско од отоманското ропство, кое ги притиска повеќе од петстотини години; спомнувајќи си ги ужасните сцени од Виница, ужасните пискоти на нашите живо горени браќа, на силуваните девици и на децата истргнати од прегратките на нивните мајки; имајќи ги предвид сите грозотии, Централниот македонски комитет се зафати со тешката задача да биде заштитник на македонскиот народ и со овој Апел до благородните луѓе ги изразува само своите оправдани стремежи.

—Ѓорѓи Иванов Капчев

Програмата на Капчев во која во 12 точки се предвидува Македонија и Одринска Тракија да создадат една автономна област со законодавна и извршна власт, иако била пречекана со остри критики во Бугарија, таа го свртува вниманието на дел од европската јавност.

До крајот на животот Ѓорѓи И. Капчев смета дека единствено решение за македонското прашање е автономија на Македонија. По деветојунскиот воен преврат во Бугарија, како панславист тој се преселува во Земун, Југославија, каде живее до крајот на својот живот (1936 г.).

Семејство[уреди | уреди извор]

Капчев потекнува од охридскиот род Капчеви. Неговиот чичко Ѓорѓи Капчев бил заменик началник на личната гарда на Џузепе Гарибалди, а неговиот татко Иван Капчев бил член на востаничкиот штаб на Кресненско-разлошкото востание.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Каранфилов, Тихомир (23 април 2014). „Апел на „Македонскиот конгрес“ - Женева од 1889 г.“ (на македонски). Македонска нација. Скопје. http://www.mn.mk/index.php/aktuelno/iselenici-region/komentari/8980-Apel-na-Makedonskiot-kongres----Zeneva-od-1889-g. посет. 1 април 2016 г.