Николае Чаушеску

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Николае Чаушеску
Nicolae Ceauşescu
Николае Чаушеску

Мандат
9 декември 1967 – 22 декември 1989
Претходник Киву Стојка
Следбеник Јон Илиеску

Роден 26 јануари 1918
Скорничешт, Олт, Романија
Починал 25 декември 1989
Трговиште, Д’мбовица, Романија
Партија Комунистичка партија на Романија
Сопружник Елена Чаушеску

Николае Чаушеску (романски: Nicolae Ceauşescu) (26 јануари, 1918 - 25 декември, 1989) бил водач на Романија од 1965 до декември, 1989. Тој месец му се судело и бил осуден за злосторства против државата, геноцид и уништување на државната економија. Неговото погубување го означила последниот чин на Револуциите во 1989.

Младост и кариера[уреди]

Роден е во селото Скорничешт, Олт, а на 11 години се преселил во Букурешт, каде што станал чевларски помошник.

Се приклучил на тогаш нелегалната Комунистичка партија на Романија во раната 1932 и прв пат бил уапсен во 1933 за правење нереди. Повторно бил уапсен во 1934, прво за собирање потписи за петиција против судењето на желзнички работници и уште два пати за слични активности. Заради овие апсења се здобил со епитетот „опасен комунистички агитатор“ и „активен дистрибутер на комунистичка и антифашистичка пропаганда“ во полициските записници. Во 1936 бил затворен две години во затворот Дофтана заради антифашистички активности.

Кога излегол од затворот во 1939 ја запознал Елена Патреску (се венчале во 1946) - таа ќе изигра голема улога во неговиот политички живот. Во 1940 бил повторно уапсен и затворен. Во 1943 бил префрлен во затворот Таргу Јиу каде што бил во иста ќелија со Георге Георгиу-Деж. По Втората светска војна, кога Романија почнала да паѓа под советско влијание, работел како секретар на Унијата на комунистичката младина (1944 - 1945).

Кога комунистите дошле на моќ во Романија во 1947, станал министер за земјоделство, па заменик министер на вооружените сили под сталинистичката власт на Георге Георгиу-Деж. Во 1952 Георгиу-Деж го внел во Централниот комитет. Во 1954, станал член на Политбирото и на крај стасал до второто највисоко место во партијата.

Водство на Романија[уреди]

Три дена по смртта на Георгиу-Деж во март 1965, Чаушеску станал првиот секретар на Романската Работничка Партија. Една од неговите први постапки е преименувањето на партијата во Романска Комунистичка партија и објавувањето дека земјата не е веќе Народна Република, туку Социјалистичка Република Романија. Во 1967, ја зголемил својата моќ со тоа што станал претседател на Државниот Совет.

На почетокот, Чаушеску бил популарна фигура во Романија, заради неговата неврзана надворешна политика, предизвикувајќи ја надмоќноста на Советскиот Сојуз во Романија. Во 1960тите, ставил крај на активното учество на Романија во Варшавскиот пакт (иако Романија останала членка формално). Одбил да учествува во инвазијата на Чехословачка во 1968 и отворено ја осудувал таа постапка.

Во 1947, Чаушеску си додал титула „претседател на Романија“, уште повеќе зајакнувајќи ја својата моќ. Се држел до својата неврзана надворешна политика - на пример, во 1984, Романија била една од четирите комунистички држави (останатите биле Н.Р. Кина, Куба и Југославија) што учествувале во Летните Олимписки Игри од 1984 организирани од Америка. Сепак, Чаушеску одбил да воведе либерални реформи. Развитокот на неговиот режим го следеле сталинистичкиот пат, исто како кај Георгиу-Деж. Тајната полиција (Секуритате) држела цврста контрола врз јавните говори и медиумите и не толерирала никаква внатрешна опозиција.

Во 1972, Чаушеску започнал програма на систематизација. Таа била претставена како програма за градење на „повеќестрано развиено социјалистичко општество“. Програмата за уривање и повторно изградување почнала по селата, но го достигнала својот врв со обидот целосно да го преобликува главниот град. Повеќе од една петина од средишен Букурешт, вклучувајќи цркви и историски градби, била срушена во 1980тите, со цел да се прегради градот во негов сопствен стил. Зградата на парламентот денес е втората најголема градба, после Пентагон. Чаушеску исто така имал намера да ископа многу села со цел да ги премести селаните во блокови со станови по градовите, како дел од неговата „урбанизациска“ и „индустријализациска“ програма.

Странски долг[уреди]

И покрај неговото растечко тоталитаристичко владеење, неговата политичка независност од Советскиот Сојуз и неговото протестирање против инвазијата на Чехословачка во 1968 го привлекле вниманието на западните сили, кои поверувале дека Чаушеску е антисоветски бунтовник и се надевале дека ќе можат да направат раздор во Варшавскиот пакт со негово финансирање. Чаушеску не сфатил дека ова финансирање не било секогаш во негова корист. Чаушеску понекогаш позајмувал премногу (повеќе од 13 милијарди долари) од запад за да ја финансира програмата за економски развиток, но овие позајмици крајно ја опустошиле финансиската состојба во државата. Во обид да ја поправи оваа ситуација, Чаушеску одлучил да ги отстрани странските долгови на Романија. Организирал референдум и успеал да го смени уставот и додал член што го прекинал задолжувањето на Романија во иднина. Референдумот бил изгласан со речиси 100% гласови „за“.

Во 1980, Чаушеску наредил извоз на голем дел од земјоделското и индустриското производство во земјата, со цел да ги отплати долговите. Ова довело до крајни домашни недостатоци што го направиле романското секојдневие вистинска борба за преживување. Владееле глад, недостаток на струја, греење и нафта. Помеѓу 1980 и 1989 настанал огромен пад на стандардот (особено достапноста на храна и секојдневни добра по продавниците). Официјалното објаснување било дека земјата ги отплаќа своите долгови, а луѓето го прифатиле страдањето, верувајќи дека ќе биде само за кусо време и за најголемо добро.

Долгот бил целосно отплатен во летото 1989, малку пред падот на Чаушеску.

Напнатоста расте[уреди]

Околу 1989, Чаушеску почнал да покажува знаци на целосно одбивање на реалноста. Додека земјата поминувала низ екстремно тешки времиња со долги редици за леб пред празни продавници, тој често бил прикажуван на државната телевизија како влегува во продавници полни со залихи, фалејќи го високиот стандард постигнат под негова власт.

Некои луѓе, верувајќи дека Чаушеску не бил свесен за тоа што се случува во земјата, се обиделе да му предадат петиции и побунувачки писма за време на неговите посети низ земјата. Но секогаш кога ќе примел писмо, веднаш го давал на членови од неговото обезбедување. Дали ги читал или не, сè уште останува непознато. Според некои гласини од тоа време, луѓето што сакале да му врачат некое писмо лично на Чаушеску, влегувале во сериозен ризик. Луѓето биле целосно обесхрабрени да му се обраќаат, а општото мислење било дека било достигнато самото дно.

Револуција и распад[уреди]

Револуција[уреди]

Режимот на Чаушеску паднал по низа насилни збиднувања во Темишвар и Букурешт во декември 1989 г.

Во ноември 1989, 14. конгрес на Романската Комунистичка партија го прогласила Чаушеску за реизбран за наредните 5 години како водач на РКП.

На 18 декември 1989, Чаушеску заминал во посета на Иран, оставајќи ја должноста на задушувањето на револтот во Тимишоара на неговите потчинети и неговата жена. По неговото враќање, вечерта на 20 декември, ситуацијата станала уште понапната и Чаушеску одржал телевизиски говор за случувањата во Тимишоара. За следниот ден бил закажан голем митинг, на 21 декември. Чаушеску бил исвиркан, а митингот преминал во хаос. Ова е еден од одлучувачките моменти за падот на комунизмот во Источна Европа. Скаменетата двојка (диктаторот бил придружуван од неговата жена) не успевајќи да ја контролира масата, на крајот се засолнила во зградата на телевизијата, каде што останале до следниот ден. Остатокот од денот бил полн со бунтувачки случувања, а полицијата уапсила стотици луѓе.

Пад[уреди]

Случувањата во декември 1989 остануваат контроверзни. Многумина, вклучувајќи го и Филип Теодореску, висок функционер во Тајната полиција во тоа време, сведочат дека група од заговорувачи - генерали во Тајната полиција ја искористиле оваа прилика за да извршат државен удар во Букурешт. Останува контроверзно и дали воопшто имало испланиран заговор за државен удар и кој бил вмешан во него. Постојат две можности како одговор. Првата е дека комбинацијата од спонтана револуција и конфузија го симнала системот, а другата е дека повеќе значајни фигури во војската едноставно ја искористила приликата со јавните протести, во обид да зграбат моќ за себеси или за некои други што ги поддржувале. На 22 декември, војската се нашла без водич: Чаушеску (официјалниот шеф на војската) исчезнал, пратен во село од неговиот советник. Водството на војската решила да избегнува конфликти и им наредила на трупите да бидат пријателски спрема демонстраторите.

Крајот на Чаушеску[уреди]

Чаушеску и неговата жена Елена избегале од главниот град со хеликоптер заедно со Емил Бобу и Манеа Манеску. Се упатиле кон резиденцијата на Чаушеску, од каде што пребегнале повторно, овој пат кон Трговиште. Некое време летале без цел, кога им било наредено да се приземјат. Тогаш биле фатени од полицијата, која ги предала на војската. На Божик двајцата биле осудени на смрт за разни дела, од нелегално собирање на богатство до геноцид, и биле погубени во Трговиште. Пред да ги стрелаат, Чаушеску испеал дел од меѓународната химна на социјализмот и рекол дека историјата ќе му пресуди добро. Неговата жена викала и пцуела по секого.

Парот Чаушеску биле погубени од капетан Јонел Боеру и двајца војници со пушки АК-47.

Судењето и погубувањето се снимени на видео запис. Снимката била објавена во Франција и други западни земји. Неколку дена подоцна, снимки од судењето и слики од нивните тела (но не и погубувањето) биле објавени на телевизија за романската јавност. Оттогаш, редовно се прикажуваат на државната телевизија секој Божиќ.