Мара Бунева
Мара Бунева | ||
Родена | 1902 Тетово, Османлиско Царство | |
---|---|---|
Починала | 14 јануари 1928 Скопје, Кралство СХС |
Мара Бунева (1902 — 1928) — македонска револуционерка, учесничка во македонското револуционерно движење и деец на Внатрешната македонска револуционерна организација. Позната е како борец за слободата на Македонија[1] и херој.[2] Таа го извршила атентатот врз Велимир Прелиќ во 1928 година. Според други ставови, атентаторката на Прелиќ не живее во сеќавањето на Македонците, а на панихидите доаѓаат Бугари што ја негираат македонската нација.[3]
Животопис
Основно училиште завршила во Тетово, а средно образование во Скопје. Таткото на Мара Бунева - Никола С. Бунев бил пријател на видниот публицист родум од Тетово Матеjа Геров и на д-р Никола Герасимов. Во семејството на Мара Бунева имало шест деца: Борис, Лазар, Мара, Надежда, Вера и Елена. По завршувањето на Првата светска војна Бунева заминува за Бугарија. Завршува високо образование на Софискиот универзитет, по што се мажи за офицерот од бугарската армија Иван Хранков. Нејзиниот брат Борис Бунев ја привлекува во редовите на ВМРО и таа почнува да ги извршува наредбите на револуционерната организација, како на неколкупати поминува границата со конспиративни задачи.
Атентатот на Велимир Прелиќ
По аферата со затворањето и судењето на македонските студенти во Скопје од страна на српските власти, во 1927 година, Мара Бунева во знак на одмазда на 13 јануари 1928 година извршила атентат врз српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ, на кејот на реката Вардар, кај камениот мост во Скопје. Веднаш по атентатот, Бунева самата се застрелала за да не падне во рацете на српските окупаторски власти. На повредите им подлегнала ден подоцна, на 14 јануари.
На атентатот што го извршила Мара Бунева врз Прелиќ му претходел голем судски процес на 20 македонски студенти во Скопје, кој побудил големо интересирање кај европската јавност. Судените биле членови на Македонската младинска тајна револуционерна организација, основана во 1923 година во Виена. Таа имала своја мрежа во Берлин, Грац, Лајпциг, Прага и Париз каде што студирале македонски студенти. Истовремено, свои јадра создала и во Македонија - во Скопје, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Крушево, Ресен, Крива Паланка, Куманово, Кратово, Берово, Струмица, Тетово, Радовиш и Неготино. Организатор на ММТРО бил Иван Бојаџиев од Велес, кој студирал во Виена.
Има спротивставени ставови за националната свест на Мара Бунева и побудите за атентатот којшто го извршила, но она што е неспорно е дека нејзиниот самопожртвуван чин ја изразувал македонската борба против тогашниот српски окупатор и стремежот за слобода.[белешка 1]
Белешки
- ↑ Обичното членство на ВМРО, четниците, атентаторите и терористите биле регрутирани од редовите на македонските емигрантски и бегалски маси во Пиринска Македонија и Бугарија. Тоа биле претежно млади луѓе, кои биле задоени со фанатичен македонски патриотизам и не биле запознаени од "високата" политика на одредени раководители на ВМРО, така што безрезервно верувале во сите постапки на нивните водачи, во кои гледале продолжувачи на борбата на илинденската ВМРО. Поголемиот дел од тие Македонци биле без родители и ја почувствувале тежината на емигрантскиот живот во Бугарија, каде најчесто биле без сигурна работа и постојано живеалиште поради нивната сиромаштија. Меѓутоа помеѓу нив имало и образувани, студенти и интелектуалци кои цврсто верувале во издигнатиот од ВМРО лозунг за автономна Македонија. Сите овие луѓе безрезервно биле пречекувани од страна на организациската мрежа на ВМРО, која најпрвин им обезбедувала привремени престојувалишта и ги снабдувала со одредена сума на пари за да преживеат. За сметка на тоа тие биле должни да ги исполнуваат сите наредби на раководството на Организацијата, меѓу кои било служењето во комитските чети, а подоцна учество во т.н. тројки и петорки, кои извршувале атентати во Вардарска и Егејска Македонија. Доколку добивале наредба да извршат атентат врз некој деец од македонското револуционерно движење, главен предуслов бил тие да не ја познаваат жртвата, за која што цел постоел посебен човек, кој имал за задача да ја посочи потенцијалната цел, неколку моменти пред извршувањето на атентатот. Така постепено со текот на времето се создавала една посебна категорија на Македонци, кај кои за нивната вооружена дејност во ВМРО добивале плата и на тој начин настанала професијата-платен "револуционер" односно терорист... види ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА, Автори Виолета Ачковска и Никола Жежов,Скопје,2004 год
Наводи
- ↑ Болеслав Тахауеръ, аташе по печата на Унгарската легация въ София. Весник "Македония". 1934
- ↑ Александър Гребенаров. Македонският научен институт (1923-2008). ИК Гутенберг, София, 2009. стр. 190
- ↑ Атентаторката на Прелиќ не живее во меморијата на Македонците. На панихидите доаѓаат тие што се чувствуваат Бугари и ја негираат македонската нација. Утрински весник. 22.02.2007 г.[мртва врска]
Поврзано
Надворешни врски
- Утрински весник, 11.03.2007, Ликот на мојата тетка е неправедно оцрнет, интервју со Анче Герасимовска, внука на Бунева од нејзината сестра Ленка. Архивирано на 15 јануари 2014 г.
- Утрински весник, 04.03.2007, Во атентатот на Прелиќ учествувал уште еден човек[мртва врска]
- Утрински весник, 27.02.2007, Ванчо Михајлов умирал и тврдел дека македонска нација не постои Архивирано на 8 март 2016 г.
- Утрински весник, 26.02.2007, Жестока одмазда на српската власт врз македонскиот народ[мртва врска]
- Утрински весник, 25.02.2007, Обвинетите македонски студенти ги бранел Анте Павелиќ[мртва врска]
- Утрински весник, 23.02.2007, Бугарската окупаторска власт ѝ оддаде незапаметена почит[мртва врска]
- Утрински весник, 22.02.2007, Атентаторката на Прелиќ не живее во меморијата на Македонците[мртва врска]
- Утрински весник, 16.01.2007, Двојни аршини на Софија Архивирано на 4 март 2016 г.
- Утрински весник, 15.01.2007, Мара Бунева ја разгоре антимакедонската кампања во Бугарија[мртва врска]
|