Прејди на содржината

Манастир (село)

Координати: 41°10′05″N 21°43′41″E / 41.16806° СГШ; 21.72806° ИГД / 41.16806; 21.72806
Од Википедија — слободната енциклопедија
Манастир

Панорама на селото Манастир

Манастир во рамките на Македонија
Манастир
Местоположба на Манастир во Македонија
Манастир на карта

Карта

Координати 41°10′05″N 21°43′41″E / 41.16806° СГШ; 21.72806° ИГД / 41.16806; 21.72806
Регион  Пелагониски
Општина  Прилеп
Население 3 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7500
Повик. бр. 048
Шифра на КО 20063
Надм. вис. 690 м
Слава Св. Димитриј Солунски
Манастир на општинската карта

Атарот на Манастир во рамките на општината
Манастир на Ризницата

Манастир — село во Општина Прилеп, во областа Мариово. Во селото се наоѓа еден од најстарите средновековни манастири во Македонија, сместен на излезот од селото.

Во поново време, селото е домаќин на фестивалот Mariovo Off-Road Experience, фестивал на отворено, кој вклучува повеќе спортски и рекреативни настани и вообичаени се одржува три дена на крајот на мај или почетокот на јуни.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Поглед на селото и клисурата на Црна Река
Поглед на селото Манастир

Селото Манастир се наоѓа во средишниот дел на Мариово, по долината на Црна Река, односно од нејзината десна страна, сместено веднаш под врвот на една тераса која високо се издигнува над Чебренската односно Скочивирска Клисура. Пределот во кој се наоѓа селото Манастир е познат како Старо, Големо или прилепско Мариово. Според својата географска местоположба самото село Манастир во суштина претставува средишна точка на целото Мариово, како за прилепскиот дел така и со својата непосредна близина кон битолскиот дел преку соседното село Зовиќ и тиквешкиот (кавадаречки) дел преку превојот Трибор кај блиските соседни села Витолиште и Полчиште.

Селото Манастир е ридско и се наоѓа на надморска височина од 690 метри.[2] Од градот Прилеп селото е оддалечено 38 километри.[2]

До самото село Манастир води нов и доброодржан асфалтен пат кој се одвојува како крак во должина од 4 километри од регионалниот пат Прилеп - Витолиште кој е главната сообраќајница на прилепскиот дел на Мариово. Атарот на селото Манастир зафаќа простор од 15,5 км2.[2] На него обработливото земјиште зазема површина од 253 хектари, на пасиштата отпаѓаат 705 хектари, а шуми речиси нема.

Сепак, селото е богато со дрвна растителност, а поради изобилството од вода во него има голем број на оревови дрвја, а потоа застапени се и дабот, дивите слива и круша, тополите, смоквите, омориките и дивите маслинки. Селото Манастир и терасата над него се големи лежишта на дијатомејска земја и остатоци од разни вулкански почви и гранитни, вулкански и варовнички карпи како и наоѓалишта на порцеланска глина-каолин, заради што постои и руднички ископ над селото. Веднаш над самиот манастир и селото од јужната страна се наоѓа Гулабова Пештера. Други месности и потези на атарот се нарекуваат: на југ и десно до Црна се Декова Дабица, Чуките и Песјо Поле кон Зовиќ и Бешиште, кон север се Водици, Присој, Поличе, Градиште (563 м.н.в), Дрскавец, Ќуловите, Брест, Козјак, Влашка Аргач кон Расим-бегов Мост, кон манастирот Свети Илија во раселеното село Мелница на исток е потегот Плавец.

Историја

[уреди | уреди извор]
Манастирот „Св. Никола“ во селото Манастир

Манастирот Свети Никола со својата специфична градба и редок катедрален изглед на трикорабна базилика, налик на охридската црква Света Софија, кој се наоѓа на самиот крај на селото потекнува од раниот среден век односно периодот помеѓу XI и XII век. Јасен доказ за тоа се пронајдените фрески во внатрешноста кои датираат и од XIII век, како и застапеноста на натписи на глаголица и самиот архитектонски изглед на манастирската црква. За селото се знае дека е основано во XV век околу познатиот манастир каде што се одржувал голем панаѓур и пазар со многу луѓе. Оттаму доаѓа и името на самото село.

Меѓутоа за настанокот на селото меѓу населението постои и едно предание. Имено, после некој голем грабеж и напад во некое околно село било заклано целото население, а останале живи само едно братче и едно сестриче. Тие најпрвин отишле до Бешиште, а потоа извесен период се криеле и живееле во пештерите и карпите во клисурата на Црна Река во пределот над самиот манастир. Подоцна тие дошле и се доселиле до манастирот при што го основале и селото.[3]

Во селото Манастир постои презимето и родот Сираковски за кој е можно и веројатно да потекнуваат од сираците брат и сестра кои го основале селото. Под името Манастирец селото се среќава во втората половина на XV век односно од турските пописни дефтери од 1476/77 кога во селото живееле 35 семејства, потоа во 1481/82 биле попишани исто така 35 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 44 домови во 1519 година и 45 домаќинства во 1528/29 како и благо намалување на 40 семејства во 1544/45 година.[4] Во овој период селото Манастир спаѓало во нахијата Мориово во Прилепската каза.[4] Тоа било село со најголем број на овошни градини и воедно едно од неколкуте села најголем производител на винова лоза во Мариово.[4]

Во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за селото Манастирец запишал дека имало 55 куќи со разорен манастир и крепост Маркова, додавајќи дека тука уште постоел и манастирот посветен на св.Димитриј наречен Чебрен со 35 соби.[5]

Врз основа на местоположбата и наведените знаменитости и старини како манастирот и остатоците од Марковата тврдина, овој запис се однесува точно на селото Манастир. Поради големите лежишта и наоѓалишта на дијатомејска земја, порцеланска глина - каолин, варовнички камен кон крајот на педесеттите и шеесеттите години во селото била отворена фабриката за градежни материјали „Партизанка“ во чиј двор секоја година е сместен кампот со шатори на фестивалот Mariovo Off-Road Experience.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Името на селото Манастир е дојдено поради фактот што тоа настанало со населување кај и околу постариот и познат манастир. Вообичаена појава во Македонија и пошироко е манастирите да се именуваат според блиските месности и населби (пр. Осоговски, Бигорски, Сливнички, Лешочки итн.), но во овој случај поради тоа што манастирот е постар, а селото е основано подоцна во неговата непосредна близина тоа го добило името Манастир. Доста поретко, на некои места селото се среќава и под името Манастирец.

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Стара препознатлива куќа градена од камен во селото Манастир

Според составот на атарот селото има поледелско-сточарска функција.[2] Малобројното постојано население, повремените посетители кои имаат свои имоти и куќи, како и монасите од манастирот „Свети Никола“ се занимаваат со земјоделство, сточарство и пчеларство.

Од земјоделството најзастапено е градинарството односно одгледувањето пиперки, домат-патлиџан, кромид, лук, краставици, марула, тиква, бостан односно лубеници и дињи, а постојат и повеќе поголеми ниви на кои се сади компир. Ова производство е речиси целосно за сопствени потреби. Изобилството од вода и влажна почва, покрај за градинарските култури е доста поволно и за голем број на дрвја посебно оревови од кои се раѓаат доста крупни и сочни ореви, потоа тополи, смокви, цреши, сливи, лозници.

Во XVI век според турските пописни дефтери селото имало најголем број на овошни градини и неговите жители многу се занимавале со одгледување на винова лоза. Поради бујните и сочни цветни ливади и изложеноста на сонце кон запад, во селото има одлични услови и поголем број на луѓе се занимаваат со пчеларство. На самиот влез на селото, како и во неколку куќи низ селото сѐ до манастирот има над стотина пчлении сандаци, а пчелни семејства се одгледуваат и во земјани трмки - улишта, при што се произведуваат големи количества на познатиот цветен и ливадски мариовски мед.

Монашкото братство во манастирот и две куќи одгледуваат и неколку (десетина) глави добиток односно крави и говеда. На влезот на селото од двете страни на регионалниот пат има добро уредени трла и бачила со сточарски станови во кои стада овци напасуваат и чуваат поголеми сточарски стопанства од Прилеп.

Селото Манастир лежи на големи наоѓалишта на разни неметални руди, камен и минерали за градежништвото поради што иако тоа нема бројно население во него има голема економска активност со ископување во двата руднички копови веднаш над самото село. Поради големите лежишта и наоѓалишта на дијатомејска земја, порцеланска глина - каолин, варовнички камен кон крајот на педесеттите и шеесеттите години во селото била отворена фабриката за градежни материјали „Партизанка“ во чиј двор секоја година е сместен кампот со шатори на фестивалот Mariovo Off-Road Experience. Денес веднаш над самото село постои и работи рудник односно ископ на висококвалитетен камен за градежништво, а малку подолу југ по патеката кон Зовиќ има и ископ на мермер.

Население

[уреди | уреди извор]
Поглед на селото од ридовите на исток

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Манастирче се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 34 куќи.[6] Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[7]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948131—    
1953144+9.9%
1961232+61.1%
1971139−40.1%
198119−86.3%
ГодинаНас.±%
199112−36.8%
199412+0.0%
20024−66.7%
20213−25.0%

Како и сите останати мариовски села, така и селото Манастир бележи постојан пад на бројот на жителите и е во состојба на наполно раселување. Така во 1961 година селото имало 232 жители, а во 1994 година само 12 жители сите Македонци.[2] Во 2002 година бројот опаднал на само 4 постојани жители. Со обновата на монашкиот живот во стариот средновековен манастир Свети Никола во селото, во него постојано живее монашко братство од 3 монаси со игуменот отец Никола и еден искушеник. Од скоро во селото има и неколку повратници иселени во Прилеп кои сега постојано живеат во селото и ги обработуваат своите имоти. Со обновувањето на неколку стари куќи во селото Манастир преку пролетниот, летниот и есенскиот период повремено престојуваат и по триесетина до четириесетина луѓе.

Според пописот од 2002 година, во селото Манастир живеат само 4 жители, сите Македонци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 208 216 131 144 232 139 19 12 12 4 3
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Селото Манастир како и целото Мариово отсекогаш па сѐ до денес било населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Најстар род кој веројатно се основачи на селото се Сираковци чиешто родовско презиме Сираковски најверојатно потекнува од двете сирачиња - братче и сестриче кои според народното предание први се заселиле и го основале селото. Останати македонски родови во селото се: Царовски, Спасески, Крстевци и сите се староседелци или старинци. Поради непосредната близина во минатото брачни врски се склопувале со жителите од Бешиште, Зовиќ, Мелница, Чаниште, Крушевица.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]

Во селото постои запуштена зграда на некогашната задруга.

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Витолиште.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Витолиште, во која покрај селото Манастир, се наоѓале и селата Бешиште, Витолиште, Врпско, Живово и Полчиште. Општината Витолиште постоела и во периодот 1950-1952 година.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1528 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на дом на месна заедница на селото Бешиште.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 33 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Поглед на шаторите во селото за време на фестивалот Mariovo Off-Road Experience
  • Mariovo Off-Road Experience — почнувајќи од 2012 година секоја година во последниот викенд на крајот од месец мај, во селото Манастир се одржува големиот фестивал на отворено Мариово Off-Road Experience кој вклучува две велосипедски тури, планинарење, планинско трчање, како и музичка забава со бендови и диџеи. Во дворот на некогашната фабрика „Партизанка“ се поставува кампот со шатори, каде што е и главната сцена, а во манастирот „Свети Никола“ каде што завршува големата велосипедска тура се дели и ручекот за учесниците.

Култура и спорт

[уреди | уреди извор]

Во рамки на фестивалот Mariovo Off-Road Experience селото Манастир е збиралиште на голем број на велосипедисти, планинари и тркачи кои учествуваат на двете велосипедски тури, планинарската тура, како и турите за планинско трчање.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 191.
  3. Според кажување на мештани. Забележал Марио Шаревски на 24 мај 2015
  4. 4,0 4,1 4,2 Стојаноски, Александар (1994). Мориово во XV-XVI век (Осврт на економско-општествените прилики). Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 65–73.
  5. Хаџи-Константинов - Џинот, Јордан (1987). Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници (Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници. изд.). Скопје (Цариград): Мисла (Цариградски весник).
  6. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. Macedoniae Acta Archaeologica, број 19, 2010 година

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]