Петар Мазев
Петар Мазев | |
---|---|
Роден/а | 10 февруари 1927 Кавадарци, Кралство СХС |
Починат/а | 13 март 1993 Скопје, Македонија |
Занимање | сликар, педагог |
Петар Мазев (Кавадарци, 10 февруари 1927 — Скопје, 13 март 1993) — македонски сликар, еден од најзначајните творци на македонската модерна уметност.
Живот
[уреди | уреди извор]Завршил Академија за ликовна уметност во Белград, 1953 година. Бил член на групата „Мугри“. Професор на Архитектонскиот факултет, Скопје. Петар Мазев е еден од главните иницијатори за формирањето на Факултетот за ликовна уметност во Скопје[1].
Ликовно творештво
[уреди | уреди извор]Експресионист, минал низ неколку фази во творештвото (од кои особено значајна е „белата“ фаза) за под влијание на апстрактниот експресионизам на Вилем де Куниг и групата КоБрА да создаде апстрактно-фигуративен израз на гестуална акција и силен колорит. Заедно со Никола Мартиноски, тој е најеминентен претставник на експресионизмот[1].
За Петар Мазев, Македонија е супстрат на силни емоционални доживувања. Во неговиот ликовен систем пластичната традиција на нацијата се пробива во една преносна смисла. Мазев повеќе го возбудува необично суровата, контрастна драматика на географската структура на земјата, здивот на минатото и патината што е втисната во нејзината материја, во старите згради и предмети. Нему му е блиско чувството за ефектите на материјата карактеристични за некои дела на Антони Тапиес и Алберто Бури. Меѓутоа, сегашниот апстрактен натурализам на Мазев содржи стремеж за воздржување од нагонска експресивност, ускладување на материјалните во строги системи, во рамките на скоро монохрамни слики.
Последната фаза во творештвото на Мазев излегува од порано веќе мошне асоцијативната материја на неговите дела и се движи кон необични пластични агломерации.
Самостојно изложувал во Скопје и на голем број групни изложби во земјата и во странство : Бурма, Кина, Индија, Франција, Чиле, Милано, Белград, на изложби во Дижон, Братфорд, Рим, Торино, Нирнберг, Штудгарт, Берлин, Ним, Шел, Париз, Пекинг, Лозана, Град Мексико, Атина итн.
Изработил и мурал во Железарницата во Скопје 1967 година, мозаици во Стопанска банка и Државна болница 1971 година, сите во Скопје и Спомен костурница во Велес, 1979 година; керамопластика кај споменикот на Илинден, Крушево, 1974 година.
Добитник е на Октомвриска награда за сликарство 1960 год., Ноемвриска награда на град Скопје 1977 година и други.
Галерија на дела
[уреди | уреди извор]-
„Жена“ - (1972) - акрилик на платно
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Петар Мазев на Ризницата ?
|