Црноопашна блатарка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Црноопашна блатарка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Пескаровидни
Семејство: Шлуки
Род: Крајбрежни пескари
Brisson, 1760
Вид: Црноопашна блатарка
Подвид: L. l. limosa Linnaeus, 1758

L. l. islandica Brehm, 1831
L. l. melanuroides Gould, 1846

Научен назив
Limosa limosa
(Linnaeus, 1758) Brisson, 1760
Распространетост: сино - зима; жолто - размножување; зелено - постојан жител.
Синоними

Scolopax limosa Linnaeus,1758

Црноопашната блатарка (науч. Limosa limosa) е птица од семејството пескаровидни. Се среќава и во Македонија. Црноопашната блатарка е релативно голема птица, со долги нозе и долг клун, која е опишана за првпат од шведскиот биолог Карл Лине во 1758 година. Во рамките на видот се издвојуваат три подвида, но кај сите нив е слична специфичната портокалова глава, вратот и градите со перјето во сезона на парење, обичната сива колоритност на перјето во зима и карактеристичните црни и бели линии на врвовите од крилјата.

Се размножува на територијата од Исланд во Европа до централна Азија. Црноопашната блатарка ја поминува зимата во области како Австралија, западна и јужна Европа, како и западна Африка. Гнезди околу езера, мочуришта, блата и речни утоки. Светската популација на црноопашната блатарка брои меѓу 634 000 и 805 000 поединци, поради што нејзиниот статус е „речиси загрозен“.

Опис[уреди | уреди извор]

Црноопашната блатарка е релативно голема птица со долг клун (од 7,5 до 12 см), долг врат и нозе. За време на сезоната на парење, бојата на клунот се менува во жолтеникава или дури портокалова со многу темен врв, додека во зима бојата на клунот е розова. Нозете се темносиви, кафени или црни. Нема истакнат полов диморфизам,[2] но за време на сезоната на парење мажјаците се малку посветли, со заситена портокаловa боја на градите, главата и вратот. Во зима, возрасните единки имаат сиво-кафеави пердуви. Младенчињата имаат светли портокалови области по вратот и градите.[3] Во лет, дебелите црни и бели линии на крајот од крилјата убаво се гледаат, додека, пак, на земја може да биде помешана со сличната Limosa lapponica.[3][4] Во должина, црноопашната блатарка достигнува до 42 см од клунот до опашката, со распон на крилјата од 70 до 82 см [2]. Мажјаците тежат околу 280 грама, додека женките се тешки околу 340 г.[5] Женките по правило се малку поголеми од мажјаците, во просек околу 5% [2], со малку подолг клун (просек за 12-15%) [6]. Најчесто повикот ѝ е остро вика-вика-вика.

Во една студија за црноопашната блатарка во Холандија се смета дека стапката на смртност во првата година од животот е 37,6%; 32% во втората година, а 36,9% потоа. [2]

Таксономија[уреди | уреди извор]

Видот за првпат е опишан како Scolopax limosa [2] од Карл Лине во 1758 година. Името произлегува од латинскиот збор limus, што значи кал. Современата класификација го вклучува видот кон родот на крајбрежни птици (Limosa) од семејството пескаровидни (Scolopacidae). Познати се три подвида [4][7]:

  • L. limosa limosa, или европска црноопашна блатарка, која се среќава во западна и централна Европа, централна Азија и азискиот дел на Русија [4]. Главата, вратот и градите се светлопортокалови [2];
  • L. limosa islandica, или исландскa црноопашна блатарка, која се среќава главно во Исланд, но исто така и на Шетландските и Лофотенските Oстрови. Има кратки нозе и клун и има малку пор’ѓастокафеава боја на стомакот, во споредба со номиналниот подвид limosa [2];
  • L. limosa melanuroides, или азиска црноопашна блатарка, која се среќава во Монголија, северна Кина, Сибир и источна Русија [4]. Пердувите се слични на онаа на исландскиот подвид, но димензиите на птиците се помали [2].

Распространетост и стаус[уреди | уреди извор]

Со зимско перје

Црноопашната блатарка од исландската популација ја поминуваат зимата во малку потоплите делови на Велика Британија, Ирска, Франција и Холандија, но некои достигнуваат и до значително појужни области како Шпанија, Португалија и дури Мароко [8]. Птиците од подвидот L. limosa limosa од западна Европа се селат до Мароко, Сенегал и Гвинеја, а претставниците на типот од источна Европа се селат кон Алжир, Тунис, Мали и Чад [9]. Младите единки од европските популации ја поминуваат првата зима во Африка и се враќаат во Европа едвај во втората година [10]. Азиските популации ја поминуваат зимата во Австралија, Тајван, Филипините, Индонезија и Нова Гвинеја.

Во лет

Црноопашната блатарка е многу поверојатно да биде пронајдена во внатрешноконтинентални мочурливи места, а не само на крајбрежјата. По правило тие се птици преселници, кои летаат во јата во зима кон западна Европа, Африка, јужна Азија и Австралија. Иако птици од видот црноопашна блатарка се забележуваат во Велика Британија и Ирска во текот на целата година, тоа не се исттите примероци. Локалните летаат на југ за размножување, додека на нивно место доаѓаат поединци од Исланд. Поединци од црноопашната блатарка се забележи на Алеутските Острови и многу ретко по атлантскиот брег на Северна Америка.

Пресметките за светската популација на црноопашната блатарка варира помеѓу 634 000 и 805 000 единки на вкупна површина од 7 180 000 квадратни километри [4]. Во 2006 година црноопашната блатарка е класифицирана во речиси загрозен вид од исчезнување, бидејќи бројот е намален за 25% во последните 15 години.

Поведение[уреди | уреди извор]

Живеалиште и исхрана[уреди | уреди извор]

Нормалното живеалиште на црноопашната блатарка вклучува речни долини, разлеани делови на езерата, поплавени тревници, мочуришта и блата. Дел од европската популација се среќава и во ниски тревни предели, крајбрежни мочуришта, пасишта, водни површини околу рибници и одводни канали. Во Холандија и Германија, блатарките населуваат и земјоделски површини од оризови полиња и полиња со компири [10]. Напролет црноопашните блатарки се селат во места со високи треви, каде што има храна, но исто така и во глинести речни утоки[10]. Во зимските живеалишта во Африка, птиците се населуваат во мочуришта, поплавени површини и системи за наводнување. Во Индија црноопашната блатарка живее крај реки, езера и многу ретко околу соленкасти води на езера, речни утоки и потоци [2].

Црноопашната блатарка се храни со безрбетници, но исто така и со водни растенија во зима или за време на преселбата на југ. Во сезоната на парење се хранат со бубачки, муви, скакулци, стоногалки, црви и мекотели. Многу ретко се храни со икра од риби, како и јајца на жаби и полноглавци. Кога лови во вода, го користи долгиот клун за чувствување на вибрациите. Од земјата ја собира храната од површинскиот слој.[2].

Размножување[уреди | уреди извор]

Додворување
Limosa limosa

Црноопашната блатарка е претежно моногамна, иако во рамките на четиригодишно истражување на 50-60 парови беа забележани случаи и на бигамност (двајца брачни партнери за една птица) и е можно тоа да е нормално [2]. Истражувањето кај исландската популација покажува дека ако едниот од партнерите не пристигне навреме, се забележува своевиден „развод“ [11].

гнездото го прават во релативно ретко населени колонии. Неспарените мажјаци штитат одредена територија и се обидуваат да привлечат женка со прикажување на своите пердуви. Прават неколку дупки за гнезда подалеку од територијата за парење, и ја бранат од другите блатарки. Кога ќе ги снесат јајцата во една од дупките, територијата од 30 до 50 метри околу гнездото почнува да се чува [2]. Самото гнездо претставува плитка дупка во земјата, обично во место со малку вегетација [12]. Јајцата можат да се покријат со растенија од родителот кој ги лежи [2].

Во едно гнездо има обично од три до шест маслинесто-зелени до темнокафеави јајца [2]. Димензиите им се од 55 на 37 мм, а тежат до 39 грама [5]. Инкубацијата трае од 22 до 24 дена која ја вршат двајцата родители. По испилувањето, малите се прикриваат во околните живеалишта меѓу густа вегетација или во други засолништа [2]. Тие добиваат пердуви за околу 25 до 30 дена [5].

Односи со луѓето[уреди | уреди извор]

Во Европа црноопашната блатарка е предмет на лов само во Франција, каде годишно се убиваат од 6 000 до 8 000 примероци. Тоа ја намалува западноевропската популација, што е и причина за интервенција на Европската комисија со план за заштита на птиците од овој вид [13]. Во Англија долги години месото на црноопашната блатарка се сметало за деликатес [14].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BirdLife International (2012). Limosa limosa. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 BWPi: The Birds of the Western Palearctic on interactive DVD-ROM. London: BirdGuides Ltd. and Oxford University Press. 2004. ISBN 1-898110-39-5.
  3. 3,0 3,1 Mullarney, Killian; Svensson, Lars; Zetterstrom, Dan; Grant, Peter (1999). Collins Bird Guide. London: HarperCollins. стр. 148. ISBN 0-00-219728-6.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 „Black-tailed Godwit (Limosa limosa) - BirdLife Species factsheet“. Datazone. BirdLife International. Архивирано од изворникот на 2010-07-06. Посетено на 27 April 2009.
  5. 5,0 5,1 5,2 R. A. Robinson. „Black-tailed Godwit Limosa limosa. BirdFacts. British Trust for Ornithology. Посетено на 27 April 2009.
  6. Keith Vinicombe. „Black-tailed and Bar-tailed Godwits“. Articles. Birdwatch magazine. Архивирано од изворникот на 2016-11-30. Посетено на 3 January 2011.
  7. Clements, James F. (2007). The Clements Checklist of Birds of the World. Cornell University Press. ISBN 978-0-8014-4501-9.
  8. ~ b026515/species.html „About the species“ Проверете ја вредноста |url= (help). IcelandicGodwits. Project Jaðrakan. Посетено на 3 јануари 2011.
  9. . asp? sp = 057001 „Black-tailed Godwit (Limosa limosa)“ Проверете ја вредноста |url= (help). Species. BirdGuides.com. Посетено на 27 април 2009.[мртва врска]
  10. 10,0 10,1 10,2 Tucker, Graham M.; Heath, Melanie F. (1995). Birds in Europe: their conservation status (BirdLife Conservation Series No. 3). Cambridge: BirdLife. стр. 272–273. ISBN 0-9467888 -29-9 Проверете ја вредноста |isbn=: length (help).
  11. [http: / / news.bbc.co.uk/1/hi/sci/tech/3737646.stm „Icelandic birds rely on perfect timing“] Проверете ја вредноста |url= (help). BBC News website. BBC. 3 ноември 2004. Посетено на 27 април 2009.
  12. Gooders, John (1982). Collins British Birds. London: William Collins Sons & Co Ltd. стр. 182. ISBN 0-00-219121-0.
  13. „Management Plan for Black-tailed Godwit (Limosa limosa)“. Европска комисија. Отсутно или празно |url= (help); |access-date= бара |url= (help)
  14. Cocker, Mark; Mabey, Richard (2005). Birds Britannica. London: Chatto & Windus. ISBN 0-701-16907-9.

Литература[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]