Црква „Св. Преображение“ - Зрзе

Координати: 41°31′17.2″N 21°20′31.1″E / 41.521444° СГШ; 21.341972° ИГД / 41.521444; 21.341972
Од Википедија — слободната енциклопедија
Свето Преображение

Поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Преспанско-пелагониска
Архијерејско намесништво Прилепско
Парохија Долненско-секиречка
Местоположба

Карта

Координати 41°31′17.2″N 21°20′31.1″E / 41.521444° СГШ; 21.341972° ИГД / 41.521444; 21.341972
Место Зрзе
Општина Долнени
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Исус Христос
Завршено XIV век
Живопис 1535-1540
1624-1636
Ктитор Герман
Зограф Онуфриј Аргитис
Архитектонски опис

Свето Преображение или Германова црква — главна манастирска црква на Зрзескиот манастир.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Црквата била изградена во XIV век. Во 1369 година, кон западната страна на црквата била доградена припрата. Истата година, синовите на Хајко — Прибил и Приезд — со својата мајка дозволиле црквата да биде зографисана, а на западната страна над влезот од внатрешната страна е испишан текст од 1400 година на којшто се споменуваат имињата на таткото, синовите и годината на живописување на припратата. Со запуштањето на манастирот по смртта на кметот Константин и неговите синови на почетокот од XIV век, храмот претрпел сериозни оштетувања при коишто биле уранти сводовите, по што бил обновен во 1535 година, кога бил изработен и нов живопис. Во текот на XVII век, кон западниот дел, како и кон придодадените северен и јужен додаток на црквата бил дограден отворен трем на дрвени столбови. Тремот во целост бил соѕидан во XIX век, а при истата доградба била подигната и камбанаријата.[2]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Градбата на црквата претставува е засводена и еднокорабна со полукружен свод и полукружна внатрешна апсида. Црквата има два влеза на западната и спореден влез на источната страна над кој има ниша со фреска во лоша состојба. Кон западната страна е доградена припрата и отворен трем на дрвени столбови. Пред изградбата на припратата, црквата има влез на јужната и на западната страна, а истиот бил соѕидан.[3]

Икони[уреди | уреди извор]

Црквата изобилува со ретки икони. Особено се издвојуваат иконата „Исус Христос“ изработена во 1393 година од зографот митрополит Јован, како и „Богородица Пелагонитиса“ изработена во 1422 година од зографот јеромонах Макариј, која се смета за едно од највпечатливите дела на средновековието. Двете икони се изработени во стилот на византиската традиција и со своите стилистички и иконографски одлики се исклучително вредни. Во црквата се наоѓа и иконата „Преобажение Христово“ изработена во 1867 година од крушевскиот мајстор Никола Михајлов, како и Зрзеското четвороевангелие.[4]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Фрескоживописот во припратата содржи претстави на фигури во првата зона и неколку композиции во горните зони, како што се: Причестување на апостолите (на западниот ѕид), сцени од циклусот на Христовите страдања (на јужниот ѕид), Јосиф од Ариматеја го бара од Пилат телото Христово, Недремано око, Христос пред Пилат, Христос пред Кајафа, Ругањето Христово и Поставување крст на Голгота. Фреските во наосот биле насликани во периодот од 1535 до 1540 година од страна на зографот Онуфриј Аргитис. Во првата сезона се претставени Свети Теодор Тирон, Свети Теодор Стратилат и други, а горниот дел се состои од композиции, меѓу кои се издвојуваат оние кои прикажуваат сцени од животот на Исус Христос: Рождество Христово, Сретение Христово и други.[2] Во приказот на Света Троица некои истражувачи забележуваат сличности со карактеристичното претставување на оваа тематика во католичката иконографија во периодот од XV и XVI век.[5] Фресоживописот на западната фасада на западната фасада од храмот изработен во периодот од 1624-1625 година е дело на мајстори од Линотопската уметничка школа, а дело на истите мајстори се и лустерските икони во внатрешнста на храмот.[6]

Галерија[уреди | уреди извор]

Црквата

Икони, фрески и записи

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 21. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 Ќорнаков, Димитар (2009). Македонски манастири. Скопје: Матица македонска. стр. 157–165. ISBN 9989-48-558-5.
  3. Манастир „Свето Преображение”, Зрзе — фрескоживопис“. OldPrilep. 7 декември 2011.
  4. Николоски, Д. (2012). „Прилог кон делото на зографот Никола Михаилов“. Ниш и Византија XI: зборник радова. Симпозиум „Ниш и Византија XI“, Ниш, 3-5 јуни 2012. стр. 357.
  5. Δρακοπούλου, Ευγενία. Τέχνη και χορηγία στην Αρχιεπισκοπή Αχρίδας μετά την οθωμανική κατάκτηση, Δασκαλα Αποδοση τιμησστην ομοτιμη καθηγητρια Μαιρη Παναγιωτιδη-Κεσισογλου, Αθήνα 2015, 148
  6. Палигора, Ристо (2013). Неколку царски двери од ХVІ и ХVІІ век во регионите на Пелагониjа и Преспа, во: Прилози ХLІV 1-2, посветени на академик Цветан Грозданов по повод 50 години научноистражувачка деjност. Зборник на трудови од научниот собир одржан на 4 октомври 2012 година во Охрид. Скопје. стр. 164–165.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]