Црква „Св. Никола“ - Зрзе
Свети Никола
| |
Поглед на црквата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Преспанско-пелагониска |
Архијерејско намесништво | Прилепско |
Парохија | Долненско-секиречка |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 41°31′05.1″N 21°20′58.7″E / 41.518083° СГШ; 21.349639° ИГД |
Место | Зрзе |
Општина | Долнени |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Никола |
Завршено | XIV век |
Живопис | 1368/1369 XVI-XVII век |
Архитектонски опис |
Свети Никола – црква во селото Зрзе која претставува метох на Зрзескиот манастир.[1][2] Сместена е во крајниот северозападен дел од селото, на левата страна од патот кој продолжува до Зрзескиот манастир. Црквата е прогласена за споменик на културата.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Времето на изградба на црквата е неизвесно. Ктиросткиот натпис којшто се наоѓал над западната врата на црквата од внатрешната страна е уништен со проширувањето на влезот од градбата кон запад. Црквата е сигурно изградена пред 1535 година — годината на порачка на иконостасот — судејќи по отоманските дефтери, според кои, црквата била дадена на управување на Јаков, Јован и Митрофан во 1459 година. Исто така, на северната страна од градбата е откриена фрескоикона на Богородица Одигитрија, насликана од зографот Драгослав во 1368/1369 година. Во почетокот на XVI век, кон малата селска црква од северната страна бил доѕидан параклис ос делкан камен којшто се одликувал со послаба ѕидарија. Параклисот е покриен со кров во продолжение на северниот дел од покривот на црквата. Од тој период потекнува и дел од фрескописот во олтарскиот простор. Во првата половина на XVII век, на западниот ѕид била насликана композицијата Страшниот суд. Со проширувањето на влезот, оваа композиција во голема мера била уништена.[4]
Архитектура
[уреди | уреди извор]Изградбата на црквата била извршена во три фази. Таа претставува мала еднокорабна градба со правоаголна основа и димензии 3,74 × 5,30 метри којашто била подигната врз значително поголеми основи. Гррадбата била изградена од речен камен и варов малтер, додека на аглите се забележува делкан камен. За натстрешницата, монофорите и деловите над вратата бил употребуван бигор. Црквата е засводена со полукружен свод и дводелен покрив. Наосот со олтарскиот простор е многу мал и е со големини 2,52 × 4,00 метри. На источната страна има ниска полукружна апсида којашто е покриена со камени плочки. Апсидата е средишно поставена кон наосот, додека отворот за осветлување е несиметричен и е украсен со делкан бигор и ќерамиди или тули. Над апсидата има уште еден отвор со истото украсување. Наосот се осветлува низ уште три мали отвори на јужната страна во висина на медалјоните со големини 16-19 × 36 см и еден отвор во пониската зона со големини 52 × 44 см. Олтарната ниша е со длабок полукруг и вградена чесна трпеза. Одлево во мала полукружна ниша се наоѓа проскомидијата. Заради заштита на фреските пред црквата и параклисот бил изграден затворен трем. Во источниот дел од јужниот ѕид бил вграден антички архитектонски елемент којшто бил пронајден во непосредна близина на црквата, во месноста Латинска црква.[4]
Во црквата се наоѓа истоименото археолошко наоѓалиште. Имено, во ѕидовите на црквата се вѕидани надгробен меремерен камен којшто е релјефно обработен и горен дел од мермерна плоча со претстава на човечка глава и дел од човечко торзо. Надгробниот камен содржи калкан и четириаголно поле. Во калканот се претставени две стоечки фигури и меѓу нив има сад, а во четириаголното поле има шест стоечки фигури, а под нив два коњаника свртени еден кон друг.[5]
Дворот на црквата е ограден со камена ограда и во него се сместени камбанаријата и конак. Камбанаријата е со квадратна основа и е прилепена до конакот.
Иконостас
[уреди | уреди извор]Наосот на црквата е одвоен од олтарскиот простор со дрвен иконостас којшто потекнува од времето на зографисување на црквата. Има дрвен иконостас од времето по живописувањето на црквата. На дејзисаната плоча има натпис, според кој, во 1535/1536 година, јеромонахот Јаков и неговиот син ѓаконот Јове порачале да се изработи иконостасот. Дванаесетте апостоли се претставени на плоча чиешто во чиешто средиште се наоѓа дејзисот. Лево од Богородица се апостолите Петар, Јован Богослов, Лука, Андреј, Вартоломеј и Тома, а десно од Јован Крстител се апостолите Павле, Матеј, Марко, Симеон, Јаков и Филип. Само Исус Христос е на златна позадина, додека останатите се на црвена и темносинозелена позадина.[6]
Во тоа време биле изработени и царските двери на иконостасот. Се претпоставува дека се делона зографот Онуфриј Аргитис.[7] Тие денес се во голема мера оштетени и врз нив во текот на XIX век било извршено неуко пресликување од страна на непознат зограф. Во 2008 година, Националниот конзерваторски центар спровел мерки за нивна заштита.[6]
Фрескоживопис
[уреди | уреди извор]Црквата била целосно живописана кон средината на XVI век од страна на зографот Онуфриј Аргитис. Нејзините мали големини не дозволуваат широк опис на насликаните сцени. Во олтарниот простор има фигури и композиции, во наосот се претставени светци, медалјони со допојасни слики на светци и сцени од големите празници. Во првата зона на наосот се претставени светци во полн раст, од кои позабележителни се: патронот на црквата Свети Никола седнат на престол меѓу бистите на Исус и Богоридца кои го даруваат (на јужниот ѕид); Свети Теодор Тирон, Свети Теодор Стратилат и на крајот Света Петка со отсечена глава во рацете (на јужниот ѕид); Исус Христос на престол како спасител меѓу Јован Крстител и Богородица (на северниот ѕид); и светите воени маченици Свети Меркуриј, Свети Димитриј и Свети Ѓорѓи (на северниот ѕид). На западниот ѕид од црквата е претставена композицијата Страшниот суд, којашто е распоредена во четири зони.[4]
Во најниската зона на олтарот е живописана композицијата Жртва на Свети Јован Златоуст и Свети Василиј Велики со копје во левата и малиот Христос во десната рака како евхаристична жртва. На јужниот ѕид се претставени Свети Атанасиј и Свети Кирил Александриски, како и Свети Спиридон Чудотворец со голем крст во десната рака; додека на северниот ѕид се насликани Свети Григориј Богослов и сцената Видение за Свети Петар Александриски. Во полукружниот дел на апсидата е претставена Богородица Ширшаја со Христос Емануел во медалјон на градите, а под неа е прикажана Тајната вечера меѓу Свети Јован Милостив и Свети Ахил Лариски.[4]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Црквата со конакот во позадина
-
Поглед на црквата од источната страна
-
Царските двери
-
Фреска на Архангел Гаврил
-
Фреска на Пресвета Богородица
-
Фреска на Богородица со Исус
-
Дворот на црквата
-
Конакот
-
Камбанаријата
-
Камбанаријата со конакот
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Црква Св. Никола — археолошко наоѓалиште
- Зрзески манастир
- Црква „Св. Преображение“ - Зрзе
- Црква „Св. Петар и Павле“ - Зрзе
- Зрзе
- Преспанско-пелагониска епархија
- Прилепско архијерејско намесништво
- Долненско-секиречка парохија
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Црква „Свети Никола“, село Зрзе“. OldPrilep. 21 февруари 2012.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 21. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Почна конзервацијата на фрескоживописот во црквата „Св. Никола“ во Зрзе“. Религија. 15 август 2016.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 „Црква Св. Никола, с. Зрзе Архивирано на 13 март 2014 г.“. Управа за заштита на културно наследство.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. ISBN 9989649286.
- ↑ 6,0 6,1 Николовски, Д. „Царските двери од црквата Св. Никола, с. Зрзе - Прилеп“. УДК. 75.046 (497.7).
- ↑ Расолкоска-Николовска, З. (2003).„Творештвото на сликарот Онуфриј Аргитис во Македонија“. Зборник за средновековна уметност бр.3, Музеј на Македонија, Скопје. стр. 135-136.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Црква „Св. Никола“ - Зрзе на Ризницата ?