Прејди на содржината

Франсоа Вијон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Франсоа Вијон
Роден/а1 април 1431
Париз, Франција
Починат/а1463
Франција
Јазикфранцуски
НационалностФранцузин

Франсоа Вијон (француски: François Villon, роден на 1 април 1431 во Париз - починал во 1463) — француски поет, зачетник на модерната француска поезија. Во неговите песни тој, за разлика од своите претходници и современици, животот го опишува онаков каков што тој го живеел, исполнет со беда, лицемерие и сиромаштија. Негово поетско ремек дело е „Великото завештание“, составено од 185 строфи.

Франсоа Вијон бил речиси непознат во времето во кое живеел и бил пронајден во 16 век, кога неговите дела се објавени од Клеман Маро.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Рани години

[уреди | уреди извор]

Франсоа Вијон е роден во 1431 година во Париз, годината кога Јованка Орлеанка била запалена на клада.[1].Според еден извор, тој е роден на 19 април 1432 година или 1 април 1431 година[2].

Вистинското негово име било Франсоа де Монкорбие́ или Франсоа де де Лож[2]. И двете имиња се појавуваат во официјални документи изготвени за животот на Вијон. Во своите дела сепак се користи единствено името Вијон. Неговите две збирки на песни, особено „Великото завештание“, традиционално се смета како да се автобиографски. Други детали од неговиот живот се познати од судот или другите државни документи. Инаку, Потекнувал од сиромашно семејство, но со поддршката и грижата на Гијом де Вијон, од кого го добил и своето презиме, завршил Сорбона и ја добил титулата „магистер на уметноста“.

Осуденик

[уреди | уреди извор]

Вечерта на 5 јуни 1455 година бил нападнат со нож од свештеникот Филип Сермоас. Во тепачката која била поради некоја жена, Вијон смртно го ранил својот противник и бил принуден да го напушти Париз. Ова убиство не одиграло никаква улога во понатамошната негова судбина. Самиот Сермоас пред смртта, му простил на својот убиец, признавајќи се себе за напаѓач. Кралскиот суд, до кого Вијон поднел две жалби, го прогласил за невин. Сепак во текот на седумте месеци кога тој скитал далеку од Париз, време додека Вијон ја чекал судската пресуда, тој останал без пари и се поврзал со професионални криминалци. Кон октомври 1455 година бил осомничен за две кражби. Вијон се вратил во Париз во почетокот на 1456 година. Во ноќта на Божик истата година, тој заедно со тројца соучесници извршил кражба на Наварскиот колеџ, каде се здобил со 500 златници, сума која крадците меѓуисебно си ја поделиле. Вијон по овој настан го напуштил Париз.

Во ноќта на грабежот, од негова страна било напишано неговото прво дело „Les legs“, потоа наречено "Le petit testament". Кражбата била откриена по неколку месеци, каде во исрагата биле откриени и имињата на учесниците. Така, за да не биде затворен Вијон не можел да се врати во Париз.

Кај Шарл Орлеански

[уреди | уреди извор]

Франсоа Вијон се нашол во дворот на Шарл Орлеански во Блоа. За конкурсот за балади на тема „Од жед умирам над изворот“, нарачана од војводата Шарл Орлеански на поетите од неговото опкружување, Вијон напишал стихови, познати под називот „Балада на конкурсот во Блоа“. Според условите на конкурсот, поетите требало да напишат забавна песна, но песната на Вијон се покажала полна со филозофски трагедија.

Во летото 1460 година, Франсоа Вијон паднал во орлеанскиот затвор чекајќи го своето погубување, кое го избегнал поради случајност. Орлеан бил посетен од семејството на војводата, и во чест на доаѓањето на тригодишната принцеза Марија, ќерка на Шарл Орлеански, во своето наследно владение, затворениците, според обичајот, биле ослободувани од затвор. Во октомври 1461 Вијон бил во затвор во градот Мене сур Луар, но новиот крал Луј XI, минувајќи низ градот по повод за неговото крунисување, им дал амнестија на поетот и на неколку други затвореници. На крајот на истата година Вијон се вратил во Париз и со претчувство дека му се ближи смртта, ги создал своите најдобри дела: „Epitaphe“ (Епитафија), „Codicille“, и „Testament“ (Тестаментот), последователно наречено "Le grand testament"(Големиот завет).

Покрај овие дела на Вијон му припаѓаат ред одделни балади, вклучувајќи ја „Le Romant de Pêt-au-Deable“. Во ноември 1462 година Вијон бил уапсен под сомнение за кражба што било повеќе од неосновано. По неколку дена бил пуштен на слобода. Во истиот месец во улична тепачка, иницирана од пријатели на Вијон, тешко бил повреден папскиот нотар. Иако самиот Вијон само присуствувал на тепачката, без зема учество, тој повторно бил фрлен во затвор, осуден на бесење (тогаш тој ја напишал познатата „Балада за обесените“).

Смртната пресуда била укината и заменета со прогонство од Париз и областа. Оттогаш му се изгубиле трагите, а со тоа започнале и легендите за него.

Влијание

[уреди | уреди извор]

Силно влијание за реализмот кај Франсоа Вијон нашле поетите од 13 и 14 век како Ротбуф и Жан де Мон. Првата книга од француска лирика, отпечатена типографски, е оваа со стиховите на Франсоа Вијон. Маро го преиздал во 1533 година поетското наследство на Вијон. Вијон имал огромно влијание на поетите од крајот на средниот век и почетокот на ренесансата (Пјер Гренгоар, Клеман Маро и Франсоа Рабле), како и на сатиричари и реалисти од 17 век како Жан де Лафонтен.

Својата популарност во Англија, Франсоа Вијон ја должи на Р. Стивенсон.

  1. Fein, David (1997), „1 Introduction“, François Villon Revisited, New York: Twayne, стр. 1, ISBN 0805745645
  2. 2,0 2,1 Charpier, Jacques (1958), François Villon, un tableau synoptique de la vie et des oeuvres de Villon et des événements artistiques, littéraires et historiques du XVe siècle, Poètes d'hier et d'aujourd'hui (француски), Paris: Pierre Seghers, 1er avril 1431 (vieux style) ou 19 avril 1432 (nouveau style) : naissance à Paris, de François de Montcorbier, alias des Loges, qui deviendra François Villon

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Викицитат има збирка цитати поврзани со: