Тукумански конгрес

Од Википедија — слободната енциклопедија
Куќата на Тукуманскиот конгрес. Куќата била обновена во 1941 година и назначена како „национален споменик“.

Тукуманскиот конгрес (шпански: Congreso de Tucumán) бил претставително собрание во Сан Мигел де Тукуман. Средбата се одржала на 9 јули 1816 година кога се објавила независноста на Обединетите Покраини на Рио де ла Плата од шпанска управа. Новосоздадената држава вклучувала територии на цела Аргентина и Уругвај, како и делови од Боливија. Денес државата е позната под името Аргентина.

Преглед[уреди | уреди извор]

По Мајската револуција од 1810 година, Вицекралството Рио де ла Плата се укинало со отстранувањето на вицекралот од власт. Власта во Буенос Аирес (седиште на Вицекралството) била преземена од „Првата хунта“ која била составена од делегати од Буенос Аирес. Хунтата ги предводела покраините кон целосна независност, но кралските приврзаници во Лима (седиштето на Вицекралство Перу) имале намера да го преземат Горно Перу (денес Боливија) и биле голема опасност за Мајската револуција.

На 15 април 1815 година, револуцијата го прекинала мандатот на Карлос Марија де Алвеар, кој бил назначен за претседател на новата држава (тогаш позицијата била позната како Врховен директор на Обединетите Покраини на Рио де ла Плата) и се свикал Општ конгрес. Делегати биле испратени од сите страни на Обединетите Покраини, каде секој делегат застапувал околу 15.000 жители. Сесиите започнале на 24 март 1816 година. Како и да е, некои покраини кои административно биле дел од Вицекралството Рио де ла Плата не испратиле делегати. Делегатите на Банда Ориентал (денес Уругвај) кои биле лојални на демократскиот федерален проект на Хосе Хервасио Артигас биле одбиени од формални причини, Парагвај веќе објавил независност и останала како изолирана држава помеѓу три силни конкуренти (Обединети Покраини, Бразил и Вицекралство Перу). Делегатите од Горно Перу (Боливија) дошле на конгресот.

Конгресот започнал во куќата на Франсиска Базан де Лагуна, каде имало 33 делегати. Претседателството на конгресот ротирало на месечна основа. Бидејќи конгресот имал слобода да одбира агенда, имало бескрајни разговори помеѓу делегатите. Конгресот, сепак, на 9 јули ја објавил независноста на Обединетите Покраини на Рио де ла Плата. Ова име било одбрано со намера дека кон федерацијата ќе се приклучат и други јужноамерикански територии кои биле под шпанска власт.

Во тој период претседател на конгресот бил Франсиско Нарсисо де Лаприда, делегат на покраината Сан Хуан (денес во Аргентина). Разговорите помеѓу делегатите биле како да се основа државата, политичкиот систем и извршната власт.

Конгресот ја продолжил својата работа во Буенос Аирес во 1817 година, а во 1819 година го објавил и уставот. Сепак, уставот бил одбиен и конгресот се распуштил во 1820 година. Следеле немирите и битките помеѓу „федералистите“ и „унитарците“.

Потписници на декларацијата[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]