Судски процес против ВМРО (Обединета)
Оваа статија бара повеќе извори за проверливост. Ве молиме помогнете со тоа што ќе додадете наводи до веродостојни извори. Непроверливата содржина може да биде изменета или отстранета. |
Судскиот процес против ВМРО (Обединета) (на бугарски: Съдебен процес срещу ВМРО (Обединена)) бил судски процес кој се водел во Судската палата во Софија, Царство Бугарија против 19 лица кои се наводно биле припадници на организацијата ВМРО (Обединета), чии ставови се сметале за опасни за државната безбедност и територијалниот интегритет, согласно Законот за заштита на државата на Царство Бугарија.
Процесот официјално започнал на 8 јули 1936 година по претходно поднесено службено дело со број 190 од 1935 година од полицијата на Бугарија, во кое карактерот на организацијата, чија структура била провалена во месец март и август, се опишува како група на нелегалната БКП, која сака насилна промена на државниот систем и одделување одредени територии на Бугарија, нагласувајќи дека според нејзината идеологија Македонците не се Бугари туку самостојна нација.
Заднина
[уреди | уреди извор]Полициски рации од 1935 година
[уреди | уреди извор]Причините поради кои доаѓа до овој судски процес се рациите од 1935 година на бугарската полиција. Првично, во месец март полицијата го открива огранокот на ВМРО (Обединета) во градот Горна Џумаја. Истата година, на 1 август, дејци на организацијата закачуваат знамиња по важни згради и јавни места во Неврокоп, при што полицијата ги приведува активистите и ја разбива мрежата на организацијата во градот.
По рацијата во Горна Џумаја, полициските агенти го провалуваат и окружниот комитет на организацијата во главниот град, Софија. На 15 август полицијата извршува голема рација на структурите на ВМРО (Обединета) во главниот град, при што апси 19 наводни членови на организацијата и исто така ја провалува нелегалната печатница посветена на Симеон Кавракиров, каде што наоѓа многу документи кои стануваат основни докази за апсењето на приведените.
Започнување на процесот
[уреди | уреди извор]Истиот месец, полицијата на Бугарија приготвува извештај односно службено дело со број 190 од 1935 година, во кој врз основа на Законот за заштита на државата на Царство Бугарија го објаснува карактерот на организацијата и обвинува 19 граѓани на Бугарија како наводни членови на организацијата кои ги прекршиле членовите 282, 291 и 292 од законот.
Пред сè, за организацијата ВМРО (Обединета), бугарската полиција тврди дека е една одделна група на тогаш нелегалната партија БКП. Како цели на организацијата, полицијата насочува дека таа проповеда настанување на насилни промени во системот на државата и одделување на делови од територијата на Царство Бугарија односно одделување на Пиринска Македонија кон нова независна држава во централниот дел на Балканот. Таа во својот извештај исто така нагласува дека, според идеологијата на организацијата, Македонците не се Бугари туку се одделна и самостојна нација.
Одвивање на процесот
[уреди | уреди извор]Судењето официјално започнало на 8 јули 1936 година и се одвивало во судница во Судската палата во Софија, Царство Бугарија. Заштитата на обвинетите ангажирала неколку адвокати кои се со левичарски убедувања, еден од нив е Никола Манолев. Сведоци во случајот биле Славчо Кљамбов, Петар Шанданов, Ѓорѓи Занков, Павел Шатев, Димитар Сматракалев, Наум Терзијанов и други. На судењето биле присутни сите 19 обвинети. На прашањето од која народност се, 9 од нив се искажале како „Македонци“, 5 како „Бугари“, а останатите 5 биле воздржани.
Еден од обвинетите, Асен Чаракчиев, по прашањето дали е комунист, го потврдил тоа, но негирал дека постои врска помеѓу ВМРО (Обединета) и БКП. Тој исто така ја поддржал тезата за одделување на Пиринска Македонија од Царство Бугарија и го потврдил постоењето на македонска нација. За разлика од Чаракчиев, Јордан Анастасов тврдел дека Македонците се Бугари и дека Пиринска Македонија ѝ припаѓа на Бугарија. Тој, заедно со Калајџиев, Михов и Мартулков го негирале тврдењето дека тие членуваат во организацијата. Сведоците во главно ги потврдиле тврдењата на обвинетите, додека пак Занков, Шатев и Терзијанов како единствен предводник на комунизмот во ВМРО (Обединета) го посочиле Димитар Влахов.
Пресуди
[уреди | уреди извор]Врз основа на полициските сознанија и материјалните докази кои ги поседувал судот, донесена е одлука дека карактерот на ВМРО (Обединета) е антидржавен и прокомунистички. Како цели на организацијата било наведено насилието односно вооружено востание за променување на државниот систем и повредување на територијалниот интегритет на Царство Бугарија.
Случајот бил затворен на 21 јули 1936 година, при што на истиот ден биле донесени конечните пресуди. Од своите обвиненија во однос на овој случај биле оправдани Петар Калчев, Мара Шарланџиева и Јордан Анастасов. Најголемите казни ги добиле Димитар Влахов и Владимир Поп Томов - по 12 години и 6 месеци казна затвор, додека останатите биле осудени на 5 години затвор и глоба од 50.000 лева.
Список на обвинети во судскиот процес | ||||
---|---|---|---|---|
Име и презиме | Место на раѓање | Националност | Позиција во организацијата | |
Александар Мартулков | г. Велес | Бугарин | непознато | |
Арсо Поп Тодоров | г. Струмица | воздржан | Раководител на печатница „Симеон Кавракиров“ | |
Асен Чаракчиев | г. Неврокоп | Македонец | непознато | |
Благој Поп Јорданов | г. Велес | Македонец | Секретар на 3-ти реон во Софија | |
Борис Михов | г. Велес | Бугарин | Член на емигрантската комисија за работа во братствата | |
Васил Ивановски | с. Оловраде | воздржан | непознато | |
Владимир Поп Томов | с. Белица | воздржан | непознато | |
Григор Стефов | г. Дојран | Македонец | Секретар на Окружниот комитет во Софија | |
Димитар Влахов | г. Кукуш | воздржан | непознато | |
Иван Динишев | с. Долно Тодорак | Македонец | непознато | |
Јордан Анастасов | г. Кавадарци | Бугарин | непознато | |
Мара Шарланџиева | г. Неврокоп | Македонка | непознато | |
Методи Шаторов | г. Прилеп | воздржан | непознато | |
Минко Попов | г. Јакоруда | Македонец | Техничко лице во Окружниот комитет во Софија | |
Петар Калчев | с. Керека | Бугарин | непознато | |
Стефан Нанов | с. Маловиште | Македонец | Секретар на 1-ви реон во Софија; уредник и раководител на весникот „Обединист“ | |
Филип Вригазов | г. Јакоруда | Македонец | Секретар на 4-ти реон во Софија | |
Христо Димитров | с. Крива | Македонец | Секретар на 2-ри реон во Софија | |
Христо Калајџиев | г. Ениџе Вардар | Бугарин | Член на емигрантската комисија за работа во братствата |
Последици
[уреди | уреди извор]Ова судење го претставува последното јавно појавување на ВМРО (Обединета) надвор од Пиринска Македонија, иако дејноста на организацијата таму исто така е задушена, единствено се одржувале средби и разговори на таканаречените „обединистички“ групи. По процесот, организацијата која го претставува третото и последно колено на вооружената ВМРО, целосно ја згаснува својата 10-годишна дејност. Голем дел од членството на организацијата кое било на слобода влегло во структурата на БКП.
Користена литература
[уреди | уреди извор]- Тзавелла, Христофор, „Кръстникът на първите войводи на ВМОРО и ВМОК отец Търпо Поповски“, Македония Прес, София, 2003 г., стр. 17.
- Добринов, Дечо. ВМРО (обединена), Университетско издателство „Св. Климент Охридски“, София, 1993, стр. 231 - 237.