Прејди на содржината

Стара Река (Милеткова)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Стара Река
Страгарница, Петрушка Река
Стара Река во клисурата кај местото Бел Рај над селото Миравци
Местоположба
ДржаваМакедонија Македонија
Општина Гевгелија
СелаМиравци, Милетково
Физички особености
Извор 
 • местом.в. Балија на Кожуф
 • надм. вис.1.180 м
Устие 
 • место
Вардар кај Милетково
 • надм. вис.
62 м
Должина25 км
Големина на сливот85 км2
Особености на сливот
ТечениеВардарЕгејско Море
Речен сливВардар

Стара Река — река во Македонија, која тече во Гевгелиско, десна притока на реката Вардар.

Вирови на Стара Река кај излетничкото место Бел Рај

Стара Река е десна и прва поголема притока на Вардар во Валандовската Котлина.[1] Извира од местото Балија на северните падини на Кожуф на надморска височина од 1.180 метри[1] веднаш под врвот Висока Чука висок 1.388 метри. Започнува да тече кон север како поток под името Страгарница каде помеѓу врвовите Костов Камен (1.110 м.н.в) од десно и Муси Бег (1.096 м.н.в.) од лево прима неколку потоци од извори и го добива името Стара Река. Кај пределот Лескова Чука завртува и го менува правецот на течење кон исток. Нешто подолу во пределот Мамино ги прима притоките Крива Река со Дупанска Река од лево и Црневска Река од десно. Од тука навлегува во карпесто корито низ кое тече сѐ до излетничкото место Бел Рај кое се наоѓа крај мостот на самиот пат помеѓу селата Петрово и Миравци.

Кај и после излетничкото место Бел Рај навлегува да тече низ клисура која се раширува во мал кањон и тече во правец кон југоисток сѐ до вливот во Вардар. Во долното течение ги прима притоките Калица од левата и Габровска Река и Варница од десната страна. Малку јужно под селото Миравци ја напушта планинската долина и навлегува во рамнината на Гевгелиско-валандовската Котлина каде што се влева во Вардар источно од селото Милетково кај котата од 62 метри надморска височина.[2]

Хидрографски и водостопански одлики

[уреди | уреди извор]

Стара Река тече во должина од 25 километри, и нејзиното сливно подрачје зафаќа површина од 85 км2 при што таа има релативен пад од 45‰.[2] Со оглед на големата висинска разлика од изворот до устието падот на реката на места е многу голем и тоа во вид на водопади и слапови од карпите, а исто така во клисурестиот дел има и голема брзина што пак се одразува на нејзината голема бистрина. Водата на Стара Река се одликува со голема бистрина и чистота, а преку насобраната топлина во карпите на нејзиното корито од бројните сончеви денови таа се одликува и со релативно повисока температура која ја прави доста пријатна за бројни капачи уште од пролетните месеци. Во карпестиот дел на клисурата кај излетничкото место Бел Рај има повеќе вирови чија длабочина се движи од 1,5 до 3 метри, а најголемата длабочина изнесува 5 до 6 метри. За разлика од повеќето реки, потоци и водотеци во Гевгелиско кои пресушуваат во летото оваа река има постојан водостој на што веројатно се должи и нејзиното име Стара Река. Со водите на Стара Река се наводнуваат бројни лозја во нејзиниот среден тек во подножјето на Кожуф околу излетничкото место Бел Рај, како и голем број на ниви и градини со жито, зелка, кромид, лубеници, пиперки, домати во рамничарскиот дел на Гевгелиското Поле. На бачилата на Кожуф во горното и изворишно подрачје, како и во рамнината долното течение од нејзините води се напојува и броен ситен (овци) и крупен (говеда) добиток.

Именување

[уреди | уреди извор]

Во целото свое течение реката се нарекува Стара Река. Ова име најверојатно се должи на фактот дека за разлика од сите останати и блиски реки во Гевгелиско кои во голем дел пресушуваат преку летото оваа река има постојан водостој и во нејзиното корито постојано тече вода. Имено, додека блиските и соседни потоци кои исто така слегуваат од Кожуф како што се Кованска Река, Зуица, Дукавец, Плоштевец и други, во текот на летото речиси целосно пресушуваат или во своите каменливи и песокливи корита имаат многу малку вода, во Стара Река постојано тече вода при што најверојатно при повторното дотекување на другите реки и потоци на есен, зима и пролет народот оваа река ја нарекол Стара алудирајќи на нејзината постојаност. Во истиот Богданско-гевгелиски и валандовски регион постои уште една река која се именува како Стара Река,а тоа е реката Луда Мара која исто така не пресушува и има постојан водостој преку целата година, а се влева во Вардар од левата страна минувајќи крај Богданци. Во изворишниот дел Стара Река е позната и како Страгарница.[1] Името доаѓа од зборот „страга“ со значење на тесно место во кошара или на излезот од ограда низ кое се пропуштаат овците или козите пред молзење, кои пак ги има многу во бачилата наречени Балиски во планинскиот дел околу нејзиниот извор. Поради нејзиното течење блиску до селото Петрово на некои топографски мапи на места реката е запишана и како Петрушка Река.

Течението на Стара Река низ доста живописен терен на северните падини и огранки на планината Кожуф и карпестата клисура и кањон е привлечно и за голем број на посетители. Имено, водата на Стара Река се одликува со голема бистрина и чистота, а преку насобраната топлина во карпите на нејзиното корито од бројните сончеви денови таа се одликува и со релативно повисока температура која ја прави доста пријатна за бројни капачи уште од пролетните месеци. Во карпестиот дел на клисурата кај излетничкото место Бел Рај има повеќе вирови чија длабочина се движи од 1,5 до 3 метри, а најголемата длабочина изнесува 5 до 6 метри. Поради тоа во нејзиното средно течение помеѓу селата Миравци и Петрово веднаш крај самиот мост на асфалтниот пат се наоѓа уреденото и доста посетувано излетничко место наречено Бел Рај или на местен говор Белио Рај. На ова место има изградено неколку шанкови во кои во летниот период работат угостителски објекти. Исто така во нив често се одржуваат и голем број на музички забави како техно-журки кои ги посетуваат голем број на млади од Гевгелија, Миравци, Скопје, Струмица, Валандово и други места. Покрај музичките забави, бројните вирови во летниот период се користат и од голем број на капачи и излетници. Исто така покрај излетничкото место Бел Рај води и патот кон планинарскиот дом Висока Чука, кој се наоѓа во изворишниот дел на Стара Река и е посетен од многу планинари.

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 1,2 Стојмилов, Александар (2011). Географија на Република Македонија. Скопје: Универзитет за туризам и менаџмент. стр. 183.
  2. 2,0 2,1 „РИБОЛОВНА ОСНОВА ЗА "СЛИВ НА ВАРДАР - ДОЛНО ТЕЧЕНИЕ " ЗА ПЕРИОД 2011 - 2011, стр. 3“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-05. Посетено на 2015-06-05.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]