Српски народни обичаи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Славски обичај
Српска култура
Coat of arms of Serbia.svg
Уметност
Книжевност  • Музика  • Театри  • Сликарство  • Фотографии  • Кинематографија
Традиција
Народни обичаи  • Народна носија  • Игри  • Кујна  • Сродни односи  • Религија  • Хералдика  • Епска поезија
Споменици
Културно наследство  • Музеи  • Архитектура  • Тврдини  • Манастири  • Светско наследство  • Воени гробишта
Разно
Познати Срби  • САНУ  • Спорт  • Дигитализација

Српските народни обичаи потекнуваат од дамнешни времиња и се израз на старите верувања кај Србите, а некои од нив опстанале до ден денес. Народните обичаи често се проследени со разни таинствени и мистични дејствија кои народот ги правел во разни прилики и заради разни причини, верувајќи дека тие некако ќе помогнат.

Целта на народните обичаи е различна, и може да биде:

  • Да се заштити здравјето на членовите на домаќинството,
  • Да се сочува и зголеми родот и имотот,
  • Да заврне дожд и да ги натопи сувите полиња,
  • Да се спречат или растурат облаци кои носат невреме,
  • Да се придобие саканата личност,
  • Да се излечи болниот,
  • Да се наштети на одредена личност, итн.

Постојат многу народни обичаи: за секој настан, за секој празник, за секоја прилика или неприлика. Народните обичаи се менувале со текот на времето, се дополнувале и нивниот број се зголемувал.

Србите се народ со богата традиција која во разни историски околности се менувала или се соочувала со искушение да опстане. Сепак, многу од обичаите со тек на времето биле или изгубени или потиснати. Денес постои тенденција во рамките на српскиот ентитет да се обнови дел од обичаите, да се модифицираат и да се вткаат во современиот живот. Најзастапени и најпознати обичаи кај Србите се обичаите поврзани со животниот циклус, обичаите поврзани со раѓањето, крштевањето, бракот, служењето во војска, смртта итн. Колку е важно да се сочуваат обичаите искажано е со поговорката „подобро е земја да продадеш отколку обичај да изгубиш“.[1]

Вук Караџиќ запишал голем број од обичаите на својот народ и благодарение на тоа тие опстанале до ден денес, иако многу од нив повеќе никој не ги користи. Во поново време со народните обичаи на српскиот народ се занимавал и етнологот Веселин Чајкановиќ.

Обичаи поврзани со слава[уреди | уреди извор]

Кај повеќето народи од православна вероисповест карактеристично е славење на слави. Крсна слава е прастар обичај во кој со посебни ритуали и гозба се слави христијански светец, заштитник и дародавател. Секој Србин има по еден ден од годината кој го слави и тој ден се нарекува крсен ден, благ ден или свет ден. Вечерта пред славата доаѓа свештеник кој го осветува домот и ги благословува домашните. Обичај е да тогаш се подготвува славската погача или колач кој свештеникот го сече и полива со вино. Во некои краеви се задржал и стариот обичај врзан за слава т.н. „дворење на слава“. Кај овој обичај домаќинот во текот на крсната слава, при дочекување на гостите, не смее да седи со гостите туку во знак на почитување на славскиот светец треба да ги служи гостите и со нив да разговара само стоејќи.[2]

Обичаи поврзани со верски празници[уреди | уреди извор]

Во Србија, освен крсна слава, како најголеми верски празници се слават Божиќ, Велигден, Ѓурѓовден и се проследени со соодветни ритуали.

Славење на Бадник во Белград.

Божиќ е најрадосниот од сите верски празници кај Србите. Тој се слави три дена. На славењето на Божиќ му претходи славењето на Бадник. Своето име Бадник го добил според бадниковото дрво или дабово дрво, кое на овој ден пред Божиќ се сече и се внесува во домот. Името Бадник се врзува и со зборот „да се бдее“ односно да се чека раѓањето на Исус. Во старите времиња, куќите во таа чест се осветлувале со посебни свеќи. Исто така било обичај да домаќините на овој ден стануваат рано, жените го уредувале домот и правеле подготовки за божиќниот ручек, а за самиот тој ден се правело посно и богато јадење. Мажите биле задолжени за стоката, која исто така требала да биде најадена и добро средена; припремале дрва за огрев или ги купувале потребните намирници. После вечерата се одело на традиционална литургија. Првиот ден на Божиќ секогаш се паѓа на 7-ми јануари по стариот календар, односно на 25 декември по новиот календар. Утрото на Божиќ, пред зора, ѕвонат сите ѕвона на правосланите цркви, а порано се пукало и од пушки за да се објави доаѓањето на Божиќ и божиќното славење. Обичај е да домаќинот и сите членови на семејството се облекуваат во најсвечената облека и наутро да одат во црква на утринската божиќна литургија. По службата во црква се зема нафора, која е првата храна за време на Божиќ. Луѓето меѓусебе се поздравуваат со зборовите „Христос се роди“, на што се одговара со „Ваистина се роди“. Празникот продолжува со славење со богата трпеза.

Боени велигденски јајца

Велигден е најголемиот христијански празник со кој се прославува воскреснувањето на Исус, односно неговото враќање во живот. За овој празник се врзани голем број на убави обичаи кај српскиот народ. Датумот на кој се прославува овој празник е подвижен, односно се слави после еврејската пасха, т.е. во првата недела после полна месечина. Кај православните христијани тој ден може да се падне помеѓу 4-ти април и 8-ми мај. Овој празник кај Србите, како и кај сите христијани, е поврзан со дарување на обоени јајца. Велигденското јајце е симбол на обновување на природата и животот. Дарувањето на црвеното велигденско јајце значело радост и за тој што го дава и за тој што го прима. Според традицијата, јајцата се бојат од страна на домаќинката на Велики петок и, според стариот обичај, на домашната трпеза стоела чинија полна со обоени јајца. Домаќинот прв земал јајце, а по него и другите членови на семејството. После тоа имало веселба и натпревар во кршење на јајцата за да се види чие ќе биде најцврсто. При кршењето обично се изрекувале зборовите „Христос воскресе“, а се одговарало со „Ваистина воскресе“. Со овие зборови луѓето меѓусебно и си го честитале празникот.[3]

Свети Сава ги благословува Србите.

Свети Сава е еден од најголемите црковни и семејни празници кај Србите. Со овој празник се обележува спомен на Свети Сава од династијата Немањиќи, кој бил српски просветител и прв српски архиепископ. Денес се слави и како училишна слава. Денот се слави на 27-ми јануари. Обичаите за оваа слава се многубројни. Најчесто се врзани за добитокот и стравот од волците. На тој ден добитокот не смеел да се истерува од шталите, не требало да се работи со разни сечива, а домаќинките не смееле на тој ден да бојат ништо во црвено (за да волците не го заколат добитокот). Постоело народно верување дека доколку грми за време на Свети Сава, набрзо требало да се очекува одвивање на многу значајни настани.

Ѓурѓовден е христијански и народен празник кој се прославува на 6-ти мај во спомен на Свети Георги. Овој празник е полн со бројни обичаи поврзани со здравјето во семејството, мажење и женење на младите и родност на полињата и стоката. Обичај е да се плетат венци од цвеќиња, миење во цветни води, како и капење во реки. Некој од домашните бил задолжен да набере цвеќиња и зелени гранки и со нив да ја накити влезната врата на дворот и куќата. Овие венци, по правило, требале да стојат се до наредниот Ѓурѓовден. Домаќинката, дента пред празникот, подготвувала сад со вода во кој ставала дрен, здравец, грабово гранче и црвено јајце кое се чувало од Велигден како јајце-чуваркуќа. Утрото на празникот сите во куќата требале да се измијат со таа вода за да бидат здрави во текот на целата година. Многу важно било капењето во река, во која се фрлало или цвеќе или се истурало млеко – за здравје и сила. Значајни растенија поврзани со овие обичаи се дренот, копривата, здравецот, врбата и зелената пченица.

Додола[уреди | уреди извор]

Поливање на Додола со вода

Додола е стар обичај кај Јужните Словени, кој се изведувал за време на суша.[4] Се собирале неколку девојки од кои едната целата ја покривале со трева и цвеќе и која се нарекувала „Додола“. Девојките со неа оделе од куќа на куќа и пред секоја куќа тие пееле, додека Додола само играла. Било обичај домаќинката или некој друг член на семејството, додека Додола играла вртејќи се, да истури полн сад со вода врз неа, така да ја полее целата. Во текот на овој ритуал се пееле разни песни кои на крај завршувале со зборовите: ој додо! ој додо ле!

Честа додолската песна за повикување на дожд кај српскиот народ е:[4]

Наша дода бога моли, ој додо! ој додо ле!

Да удари росна киша, ој додо! ој додо ле!

Посебни обичаи[уреди | уреди извор]

  • Обичаи поврзани со свадба[5]:
    • Бидермајер - по завршувањето на венчавката невестата го фрла бидермајерот. Се верува дека девојката која ќе го фати ќе се омажи набрзо.
    • Јаболко - Кога младоженецот доаѓа по невестата, обичај е да таткото на невестата стави јаболко на највисокото дрво во дворот. Младоженецот не може да ја одведе невестата додека со пушка не го погоди јаболкото на дрвото.
  • Обичаи повврзани со погреб[6]:
    • Подготовка за погреб
    • Погребно пеење
    • Осветување со света вода
    • Задушница
  • Обичаи поврзани со раѓање на дете:
    • Ставање на црвен конец околу рачето на бебето - обичај против уроци
    • Дарување на детето - најчесто со злато
    • Кинење на кошула
  • Обичаи поврзани со роденден:
    • Влечење за уши на славеникот, онолку пати колку тој/таа полни години.
    • Дување на свеќи
    • Дарување поклони на славеникот

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Корени, Приступљено 17. 4. 2013.
  2. Крсна слава, Приступљено 17. 4. 2013.
  3. Православац, Приступљено 17. 4. 2013.
  4. 4,0 4,1 Ѓуриќ, Војислав (1964). Вукови записи. Белград: Српска књижевна задруга. стр. 48. 
  5. Српски обичаји, Приступљено 17. 4. 2013.
  6. Српска православна црква 2, Приступљено 17. 4. 2013.

Поврзано[уреди | уреди извор]