Славната Немезис

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Славната Немезис“ — новела на чешкиот писател Ладислав Клима.

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Новелата е објавена на македонски јазик во 2013 година (со наслов „Славна Немезис“) од издавачката куќа „Бегемот“, како дел од збирката раскази „Како ќе биде по смртта“, а во превод на Маргарета Карајанова.

Содржина[уреди | уреди извор]

Новелата се состои од шест дела во кои е опишано необичното доживување на главниот лик - Сајдер.

Прв дел[уреди | уреди извор]

Дваесет и осумгодишниот Сајдер, нежен, богат и убав маж, за првпат го посетува гратчето Кортона, на Алпите и таму останува три дена, опиен од природните убавини и од некое неодредено чувство дека местото му делува познато. Затоа, тој се зарекува дека повторно ќе ја посети Кортона и тоа го остварува во мај, по една година.[1]

Втор дел[уреди | уреди извор]

Кога пристигнува во Кортона, времето е лошо и тој се разочарува, минувајќи ги деновите во здодевност. Само две нешта му го привлекуваат вниманието: планинскиот врв Еленска Глава и една стара куќа на крајот од градот, над која се извишува голема карпа. Уште подамна, во сонот му се јавува слика на млада жена, а сега си замислува дека ќе ја види во Кортона. И навистина, на први јуни, додека шета низ шумата, наеднаш забележува две дами - едната облечена во црвен, а другата во син фустан. Двете дами го привлекуваат, но помладата (таа во син фустан) го зашеметува. Тој решава да ги следи дамите, но тие наеднаш исчезнуваат. На осми јуни, додека седи во хотелскиот ресторан, пристигнуваат двете дами и го набљудуваат, но повторно одненадеж исчезнуваат. Притоа, Сајдер забележува дека присутните гости се вознемирени од присуството на дамите.

Сајдер дознава дека дамата во црвено се вика Ерата С. - богата вдовица, но никој не знае ништо за дамата во сино. На 16 јуни, тој добива телеграма дека мора итно да се врати дома, но шетајќи во планината, ги забележува двете дами како се качуваат кон Еленска Глава. Сајдер тргнува кон нив и кога стигнува на одредена висина, наеднаш дамата во црвено почнува да се трча надолу и да вика за помош, додека дамата во сино продолжува да се искачува кон врвот. Сајдер одлучува да ја следи дамата во сино, која повремено му се прикажува и исчезнува. Кога стигнува до една опасна бездна, дамата го повикува да прескокне, но Сајдер нема храброст и се враќа назад. Таму дознава дека Ерата, целата во шок, итно го напуштила хотелот.[2]

Трет дел[уреди | уреди извор]

Сајдер го губи речиси целиот имот и мора да работи. Годините минуваат, а неговиот спомен за девојката избледува. По десет години, тој добива мало наследство, кое успева да го зголеми и повторно станува богат. На четириесетгодишна возраст, шетајќи во еден голем град на север од Алпите, наеднаш помислува на неа и, за чудо, тогаш ја здогледува на улица. Сајдер тргнува по девојката, но таа исчезнува. По една година, на 22 мај, повторно ја здогледува во својот роден град и дознава дека таа се распрашувала како да стигне во Карпеста улица. Сајдер заминува таму и здогледува трошна куќа, потполно иста како онаа во Кортона. Вечерта, сонува дека ја посетил куќата, чиј покрив се урнал, а во урнатините лежела повредена девојка. Утредента, тој навистина ја посетува куќата и таму ја сретнува старицата Барбора, која знае сè за него и за девојката. Таа му дава фотографија од девојката и тој дознава дека нејзиното име е Ореа. Така, тој е среќен, бидејќи има материјален доказ дека девојката навистина постои.[3]

Четврти дел[уреди | уреди извор]

На 1 јуни, Сајдер пристигнува во Кортона. Таму дознава дека Ерата веќе една година е во лудница како последица на невозвратената љубов од друга жена. Сајдер заминува во старата куќа и таму среќава стара жена, која се грижи за нејзината мајка - Барбора. Барбора го обвинува дека ја убил нејзината ќерка и дека поради тоа ќе биде казнет. Откако ја напушта куќата, Сајдер дознава дека е убвинет за убиство на старата Барбора и ја посетува Ерата во лудницата. Таа му раскажува дека пред 12 години, сосема случајно ја сретнала Ореа во Кортона и дека веднаш била маѓепсана од неа; дека од месните жители дознала дека Ореа е планинскиот дух којшто веќе сто години ги плаши луѓето во Кортона и најпосле, му ја раскажува случката во оној ден кога двете се качувале кон врвот Еленска Глава. Меѓутоа, тогаш во собата влегува психијатарот и Сајдер мора да бега од лудницата. По неколку дена се враќа во родниот град и таму во весник чита дека е обвинет и за напад на докторот во лудницата. Избезумен, повторно оди во куќата во Карпеста улица, но таму среќава други луѓе.[4]

Петти дел[уреди | уреди извор]

Бегајќи од полицијата, Сајдер го пропатува целиот свет, но постојано е обземен од ликот на Ореа и веќе почнува да полудува. Три години од заминувањето, на 31 мај повторно се враќа во родниот град. Во неговата хотелска соба упаѓа бесната Ерата, која му кажува дека таа одамна ја знае Ореа, дека двете се сакаат, но истовремено се вљубени и во него и дека оној ден Кортона, тие се договориле да го уништат и затоа го намамиле во планината. Потоа, Ерата се убива со нож, а Сајдер ја става во куфер и ја фрла во бездна, затрупувајќи ја со карпи и земја. Неколку дена подоцна, во весник чита дека е уапсена младата дама која долго време ги плаши жителите на Кортона, преправајќи се како шумски дух. По некој ден, од весниците дознава дека старата куќа во Кортона била уништена од одрон на карпата и дека погинала ќерката на Барбора. Сајдер оди во старата куќа во Карпеста улица и гледа дека и неа ја затекнала истата судбина. Жената која живее таму, а која ја преживеала несреќата, му раскажува дека една ноќ видела две дами и млад господин, кој личел на него, и тројцата пиеле крв. На полноќ, Сајдер повторно оди во Карпеста улица и во урнатините пронаоѓа девојка во син фустан.[5]

Шести дел[уреди | уреди извор]

На 17 јуни, Сајдер пристигнува во Кортона, каде дознава дека полицијата открила дека старата Барбора била задавена од нејзината ќерка и дека Ерата била пронајдена удавена во рибникот крај лудницата. Тој ја посетува урнатата куќа на Барбора и таму наоѓа дневник со фотографија од Ореа. Последниот запис во дневникот е од 18 јуни 1820 година, т.е. пред точно 100 години. Се присетува дека 18 јуни е денот што Старите Грци го посветиле на Немезис. Се качува по планината и повторно ги здогледува двете дами во црвен и син фустан, кои повремено се губат. До него доаѓа Ерата која го бакнува и му порачува да продолжи да се качува нагоре, каде го чека краткотрајна болка. Повторно доаѓа до бездната која првиот пат немал храброст да ја прескокне, а таму го чека голата Ореа, храбрејќи го да скокне. Тој долго се колеба, но на крајот се фрла во длабоката бездна. Додека лежи меѓу карпите, тешко повредениот Сајдер здогледува машки и женски череп, како и златен медалјон со женски портрет - ликот на Ореа, а под него го препознава сопствениот ракопис. Потоа, Сајдер доживува визија: се гледа себеси како млад господин кој се вљубува во богатата Ореа. Со неа скита по светот, но постепено неговата љубов згаснува и започнува да ја измачува. По три години, двајцата се сместуваат во старата куќа во Кортона, каде живее Барбора, поранешната дадилка на Ореа. Таму ја запознава постарата сестра на Ореа - Ерата и тие се вљубуваат меѓу себе. Потоа, двајцата се договараат да ја убијат Ореа и еднаш го уриваат покривот на куќата. Ореа е тешко повредена и обезличена, но останува жива. Тогаш, на 18 јуни, Сајдер и Ерата ја присилуваат Ореа да се качи со нив на планината и да скокне во бездната под врвот Еленска Глава. Додека Ореа паѓа, Ерата се обидува да ја спаси, а потоа таа го удира во грбот и тој паѓа во бездната врз мртвото тело на Ореа... Најпосле, дознавајќи ја целата историја на својата случка, Сајдер гледа син пламен кој го повлекува нагоре, а потоа уште еден црвен пламен, и тројцата - тој, Ореа и Ерата- се спојуваат во единствена вечна светлина.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ладислав Клима, Како ќе биде по смртта. Скопје: Бегемот, 2013, стр. 32-33.
  2. Ладислав Клима, Како ќе биде по смртта. Скопје: Бегемот, 2013, стр. 34-48.
  3. Ладислав Клима, Како ќе биде по смртта. Скопје: Бегемот, 2013, стр. 48-60.
  4. Ладислав Клима, Како ќе биде по смртта. Скопје: Бегемот, 2013, стр. 60-82.
  5. Ладислав Клима, Како ќе биде по смртта. Скопје: Бегемот, 2013, стр. 83-95.
  6. Ладислав Клима, Како ќе биде по смртта. Скопје: Бегемот, 2013, стр. 95-117.