Потрага по апсолутното

Од Википедија — слободната енциклопедија
Потрага по апсолутното
АвторОноре де Балзак
Изворен насловLa Recherche de l'absolu
ИлустраторЕдуар Тудуз
ЗемјаФранција
ЈазикФранцуски
СеријалЧовечка комедија
Издадена
1834

Потрага по апсолутнотороман на Оноре де Балзак, првпат објавен во 1834 година во 3 том од Студии на нарави, Сцени од приватниот живот, а потоа, често преработуван од авторот, објавен е во скратена верзија од 40 страници во 1839 година, со посвета на Жозефин Деланој, добротворка на романсиерот. Конечно, во својата трета верзија (1845), тој е класифициран во Филозофските студии на Човечката комедија.

Астрономот Ернест Ложје му помогнал на Балзак во употребата на хемиската терминологија во романот.

Резиме[уреди | уреди извор]

Во Дуе, куќата Клаес е дом на едно од најпознатите и најавтентични фламански семејства во подрачјето. Балтазар Клаес, богат и културен човек, води среќен живот на голем фламански буржуј. Бил ученик на Лавоазје со кого студирал хемија. Ја обожава жената со која се оженил во 1795 година и семејната среќа е целосна, сè до денот кога, во 1809 година, Балтазар го посетил полски математичар кој станал војник за да заработи за живот. Човекот му објаснува на Клаес до каде стигнал во обидот да разложи едноставни тела за да го открие начелото на материјата.

По заминувањето на полскиот офицер, Балтазар е опфатен од демонот за истражување. Фатен од вистинска треска, тој нарачува скапи хемикалии, се затвора во својата хемиска лабораторија со неговиот слуга, ги запоставува сопругата и четирите деца и го води семејството во пропаст. Заплетот ја спротивставува семејната и синовската посветеност наспроти опсесивната потрага на научникот, секогаш на работ да го најде „апсолутното“ и секогаш пропаѓа, се до својата смрт.

Романот опфаќа долго раздобје (1810-1832) што го покрива последователното пропаѓање на семејството Клаес. Секојпат, богатството на чудесен начин се обновувало, благодарение на предвидливоста на мајката која на крајот умира од очај, потоа на мудроста и цврстината на најстарата ќерка, Маргарит, која што може да се спореди со Евгенија Гранде во нејзината улога на девојка. Маргарит всушност управува со куќата, оставајќи го нејзиниот татко во привид дека тој го задржува својот авторитет над семејството. Падот на Балтазар е опишан со страст и поединости од Балзак самиот заслепен од идејата за апсолутното. Романот нуди и живописна слика за обичаите на градот Дуе и раскошот на куќата Клаес.

Првично, романот Потрага по апсолутното не бил вклучен во Човечката комедија. Последнава го добила ова име дури во 1842 година, а романот бил напишан во 1834 година. Значи, Балзак отпосле го вклучил овој роман во Студии на нарави од XIX век, Сцени од приватниот живот од Човечката комедија. На крајот, одлучил да го вклучи во делот Филозофски студии.

„Потрага по апсолутното“ е еден од најпривлечните текстови од Балзак. Се занимава со потрагата по совршенство, тема што ја наоѓаме во Изгубените илузии (совршена хартија за печатарската компанија Сешар) и Непознатото ремек-дело (слика посилна од стварноста).

Тема[уреди | уреди извор]

Овде Балзак на вниманието на читателот му поднесува морален проблем: оној за правата на високонадарениот поединец во општеството, маките на генијот заглавени помеѓу страста за неговото научно истражување и чувствата кон неговото семејство што на крајот го уништува.

Извори на вдахновение[уреди | уреди извор]

Наведени се неколку извори на вдахновение во врска со ликот на Балтазар Клаес. Во Ница, се спомнува Пјер-Жозеф Арсон, банкар кој сакал да ја купи тајната на апсолутното од полскиот математичар Јозеф Хоне-Вроњски. Тој потрошил повеќе од 100 000 франка во текот на шеснаесет години: 17 банкноти од 4 000 франка, 40 000 франка и потврда за долг од 108 516 франка. Можеби 300 000 франка, според една статија во Фигаро од 21 август 1831 за пријатниот режим: „Еден ден, еден човек имал 300.000 франци и го немал апсолутното, г-дин Хоне немал 300.000 франци, но го имал апсолутното.“ Бесен поради тоа што бил измамен, Арсон го тужел Вроњски.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]