Полковникот Шабер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Полковникот Шабер
Le Colonel Chabert
АвторОноре де Балзак
Изворен насловLe Colonel Chabert
Изработувач на
корицата
Едуар Тудуз
ЗемјаФранција
ЈазикФранцуски
СеријалЧовечка комедија
ЖанрСцени од приватниот живот
ИздавачМам- Делоне
Издадена
1829
ПретходнаЧичко Горио 
СледнаБогослужение на безбожникот 

„Полковникот Шабер“ (француски: Le Colonel Chabert) — роман на францускиот писател Оноре де Балзак.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од три дела:

  • Во адвокатската канцеларија
  • Порамнување
  • Во домот за старци

Во адвокатската канцеларија[уреди | уреди извор]

Еден ден, во канцеларијата на адвокатот Дервил доаѓа непознат сиромашен човек, облечен во неугледна облека и со изобличено лице, кому му се потсмеваат вработените во канцеларијата. Ноќта, тој повторно го посетува адвокатот и му се претставува како полковникот Шабер, прославениот офицер во армијата на Наполеон Бонапарт, а за кого официјално се смета дека е мртов. Адвокатот се сомнева дека се работи за измамник, но сепак прифаќа да ја чуе приказната на непознатиот човек. Тој му кажува како во Битката кај Ејлау бил тешко ранет во главата и дека воените лекари погрешно го прогласиле за мртов, додека тој бил само во бесознание. Поради тоа, тој бил закопан во масовна гробница, од која со натчовечки напори успеал да излезе при што бил спасен од еден брачен пар, кои се грижеле за него цели шест месеци. Најпосле, тој бил сместен во болницата во Хајлсберг, каде му се вратило сеќавањето и таму добил официјална потврда дека е полковникот Шабер (која подоцна ја загубил). По излегувањето од болницата, тој скитал низ германските градови за најпосле да го сместат во лудница. Сепак, некако успеал да стигне во Франција каде дознал дека неговата жена се премажила за грофот Феро. Полковникот ѝ пратил неколку писма на сопругата, но таа не сакала никаков контакт со него, поради што тој се заколнал дека ќе ѝ се одмазди.
Адвокатот Дервил покажува интерес за приказната на непознатиот човек и се согласува да му помогне да си ги врати сопругата и имотот. Уште повеќе, тој му позајмува пари за да може да живее додека трае правната постапка.[1]

Порамнување[уреди | уреди извор]

Три месеци подоцна, адвокатот ги добива документите од Германија во кои официјално се потврдува идентитетот на полковникот Шабер. Оттука, адвокатот е сосема убеден дека непознатиот човек ја зборува вистината, поради што се зголемува неговата желба да ја истера правдата. Во меѓувреме, полковникот се сместува надвор од Париз, во домот на еден сиромашен млекар со кого своевремено заедно војувале во Египет. Адвокатот го посетува полковникот, согледувајќи ги бедните услови во кои живее. Затоа, веднаш заминува кај неговата жена, која се омажила за грофот Феро за да го зголеми својот статус во општеството, а за време на бракот со него успеала уште повеќе да го зголеми своето богатство. Адвокатот Дервил успева да ја заплаши грофицата Феро која, плашејќи се од судскиот процес, се согласува на вонсудско порамнување со полковникот.
Осум дена подоцна, едно јунско утро, грофицата Феро и полковникот Шабер пристигнуваат во канцеларијата на адвокатот. Таму, грофицата и полковникот влегуваат во кавга, по што таа ја напушта канцеларијата, но потоа го зема полковникот со себе и го носи на својот имот во близината на Париз. Таму, таа прави сцена со своите две деца и ја искористува добрината на полковникот, кој ветува дека доброволно ќе се повлече од јавниот живот за да ѝ овозможи среќна иднина. Неколку дена, грофицата Феро се однесува љубезно кон него сè додека полковникот случајно не разбере за нејзиниот таен план да го смести во лудница. Разочаран од нејзината злоба, полковникот исчезнува во непозната насока.[2]

Во домот за старци[уреди | уреди извор]

Шест месеци подоцна, адвокатот Дервил, мислејќи дека полковникот и неговата сопруга тајно се спогодиле, ѝ праќа писмо на грофицата Феро, барајќи ги назад парите што му ги позајмил на полковникот, но управникот на нејзиниот имот му одговора дека непознатиот човек не бил вистинскиот полковник, туку некој измамник. Меѓутоа, по некое време, за време на една службена посета на судот, адвокатот повторно го среќава полковникот кој е осуден на двомесечна затворска казна, по што треба да биде префрлен во домот за старци. Таму, полковникот му кажува на адвокатот дека е разочаран од расипаноста на луѓето.
Кон крајот на јуни 1840 година, адвокатот Дервил патува во друштво на својот поранешен помошник Годшал и покрај патот го здогледуваат полковникот Шабер, а два дена подоцна решаваат да го посетат во домот за старци во кој е сместен од 1820 година. Потресен од неправдата што му е нанесена на полковникот од страна на неговата расипана жена, адвокатот Дервил донесува одлука да го напушти Париз и да се пресели во едно село.[3]

За делото[уреди | уреди извор]

Иако е мало според обемот, „Полковникот Шабер“ е едно од најсовршените дела на Балзак, пример за композиција и стил. Во него, Балзак го осудил моралот што владеел во тогашна Франција - подготвеноста да се уништат другите луѓе во борбата за зголемување на сопственото богатство. Според дејството и според драматиката што се развива од страница до страница, ова дело е еден од оние романи во кои подоцна Балзак го опфатил целото општество и една цела епоха.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Onore de Balzak, Pukovnik Šaber. Beograd: Rad, 1969. стр. 3-26.
  2. Onore de Balzak, Pukovnik Šaber. Beograd: Rad, 1969. стр. 27-59.
  3. Onore de Balzak, Pukovnik Šaber. Beograd: Rad, 1969. стр. 61-66.
  4. Dušan Milačić, „Onore de Balzak“, во: Onore de Balzak, Pukovnik Šaber. Beograd: Rad, 1969. стр. 71-71.