Шуани

Од Википедија — слободната енциклопедија
Илустрација на Шуани од Едуард Теодуз, 1897

Шуани (француски: Les Chouans) — роман од францускиот писател Оноре де Балзак, издаден во 1829 и вклучен во циклусот романи Човечка комедија. Дејството се одвива во градот Фужер од областа Бретања, за време на поствоениот период од 1799. Се раскажува за љубовната врска помеѓу аристократката Марија де Вернеил и благородникот Алфонс де Монтауран, вметната во воено-историски контекст.[1]

Балзак добил идеја за романот за време на една негова посета на Бретања во 1828, организирана од негов пријател. Примамен од атмосферата во областа, почнал да собира белешки од месното население кои подоцна ги искористил во романот. Романот доживеал три изданија, и секое значително се разликувало од претходното. Ова бил првиот роман кој Балзак го потпишал без псевдоним.

Како и романите на Волтер Скот, Шуани има вистинита историска позадина, но раскажува фиктивно сиже преплетено со теми како љубов, одмаздничка измама, и социјална положба. Иако литературната критика го смета за роман со послаб квалитет од подоцнежните остварувања на Балзак, сепак Шуани претставува пресвртна точка во неговата кариера.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. "Chouans." The Encyclopædia Britannica. Vol. 6. New York: Encyclopædia Britannica, Inc., 1911. Wikisource. 25 November 2007.
  2. „Les Chouans - Spectacle - 1982“ (француски). Data.bnf.fr. Посетено на 2017-01-12.