Полисахариди се јаглехидрати кои настануваат кога стотини или илјадници молекули од моносахариди се сврзуваат меѓусебно со гликозидна врска. Со натрупувањето на толку голем број на молекули во една голема честица, се менуваат основните особини на шеќерот: полисахаридите немаат сладок вкус, не се раствораат во вода, туку само набабруваат и ги имаат сите особини на колоидните големи молекули.
Природните полисахариди се делат на скелетни или структурни, кои им служат на растенијата или животните како потпорно ткиво за одржување на цврстите механички структури и на хранливи, кои се резервна храна. Меѓутоа, има и многу други полисахариди кои не можат да се вклопат во оваа класификација.