Поклонението на Арсение Негован

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Поклонението на Арсеније Његован“ (српски: Ходочашће Арсенија Његована) — роман на српскиот писател Борислав Пекиќ од 1970 година. Авторот му го посветил романот на татко му, Воислав Д. Пекиќ. За овој роман, Пекиќ ја добил престижната „НИН-ова награда“ за најдобар роман на годината.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од четири глави и од пост скриптум.

  • Прва глава: Арсение Кирил Негован е остарен рентиер од Белград, кој ја финансирал изградбата на повеќе убави згради кон кои чувствува исклучително голема страст, така што нив ги нарекува со женски имиња. Тој живее повлечено поради срцевите проблеми, а за неговото здравје се грижат сопругата Катарина и мадам Фуко, сопруга на неговиот починат брат. Неговата омилена забава е да седи крај прозорецот и преку двоглед да ја набљудува изградбата на населбите во Нов Белград. На 3 јуни 1968 година, тој почнува да го пишува својот тестамент, а истовремено ја раскажува својата животна приказна. Откако ќе слушне дека градот планира да ја урне неговата омилена зграда Симонида, Арсение го искористува отсуството на Катарина и излегува надвор од својот дом, првпат по 27 години.[1]
  • Втора глава: Штом стапнува на улицата, Арсение се зачудува од тоа дека градот не се променил премногу. Тогаш, тој се сеќава на бомбардирањето на Белград за време на Втората светска војна, кога дел од неговите згради биле оштетени. Потоа му се враќаат спомените на 27 март 1941 година, кога тргнал на лицитацијата на необичната куќа Ники, која долго време ја посакувал. Меѓутоа, на патот до куќата, тој случајно се нашол меѓу демонстрантите кои протестирале против приклучувањето на Југославија кон Тројниот пакт при што, во занесот, дури одржал и говор против банките. Потоа, во пресметката меѓу демонстрантите, Арсение бил тешко повреден, по што следувал долг период на заздравување при што тој постепено ја загубил волјата да излегува надвор од својот дом, а своите работи им ги препуштил на сопругата Катарина и на адвокатот Голован. Понесен од споменот на Ники, Арсение оди да ја види својата омилена куќа, но открива дека таа е урната. За да се запознае со нејзината судбина, тој го посетува нејзиниот последен сопственик, но од него не може да добие корисни информации, зашто тој е тешко болен. Кога пристигнува до својата омилена куќа Симонида, Арсение гледа дека таа е иселена и се наоѓа во многу лоша состојба. Тогаш, тој случајно го среќава поранешниот домар на Симонида, Томаж Шомоѓи и нему му издава одредени упатства за поправка на зградата. Истовремено, Арсение носи одлука повторно да ја преземе грижата за имотот во своите раце.[2]
  • Трета глава: Понесен од желбата лично да ја види новата населба што се гради, Арсение оди во Нов Белград и таму се наоѓа во центарот на борбата меѓу војската и побунетите студенти. Притоа, нему му се враќаат спомените од 1919 година, кога за малку ќе бил убиен од болшевиците во Вороњеж и, мислејќи дека во градот почнува болшевичка револуција, тој го убива ранетиот водач на студентите. Потоа, уплашен од почетокот на револуцијата, тој носи одлука да се затвори во својот дом и да напише тестамент.[3]
  • Четврта глава: Откако се враќа дома, Арсение ја испраќа сопругата на бања, а за него се грижи мадам Фуко. Една ноќ, тој станува, се затвора во својот кабинет и почнува да ги пишува тестаментот и својот животопис. Тој формира неколку фондови кои им ги посветува на својата сопруга, на домарот Шомоѓи, на мадам Фуко, на убиениот студентски водач итн., а најголемиот дел од имотот му го остава на својот внук, архитектот Исидор, затоа што знае дека тој добро ќе се грижи за зградите. Истовремено, во своите белешки, Арсение ги опишува лошите односи со брат му Ѓорѓие, како и скандалот за време на погребот на стрико му Константин, за чија смрт бил обвинет тој. Исто така, Арсение почнува да го преиспитува својот живот, но тогаш умира од срцев удар, оставајќи ја недовршената реченица: Tout cela... est... UN... MOD...“[4]
  • Post scriptum: Во овој дел, авторот на романот опишува како ги пронашол и ги преработил записите на Арсение Негован. Исто така, тој дава и дополнителни информации за неговата смрт, за смртта на Исидор и за национализацијата на имотот на Арсение.[5]

Осврт кон романот[уреди | уреди извор]

Романот има форма на пронајден ракопис во кој, од перспективата на главниот јунак се прикажани некои важни историски настани: демонстрациите од 27 март 1941 година, бомбардирањето и окупацијата на Белград во Втората светска војна, доаѓањето на комунистите на власт и национализацијата, како и студенстките протести од 1968 година. Притоа, во романот, историјата е претставена како ирониска структура која покажува како повторените секвенци од минатото во животот на главниот јунак се претвораат во исмејување на идеолошките и утописките проекти. Во таа улога, главниот лик се претвора во протагонист на траги-фарса во која неговиот судир со историјата, која не ја разбира и не ја прифаќа, истовремено е комична и гротескна.[6]

Инаку, некои ликови од овој роман се појавуваат и во подоцнежните дела на Пекиќ, а историјата на целата лоза Њаго/Његован е предмет на романот „Златното руно“.[7] Во 2004 година, по повод педесетогодишнината од НИН-овата награда, „Поклонението на Арсение Негован“ бил рангиран на петтото место на списокот на романите кои ја добиле оваа книжевна награда.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Borislav Pekić, Hodočašće Arsenija Njegovana. Beograd: Laguna, 2014, стр. 9-53.
  2. Borislav Pekić, Hodočašće Arsenija Njegovana. Beograd: Laguna, 2014, стр. 54-253.
  3. Borislav Pekić, Hodočašće Arsenija Njegovana. Beograd: Laguna, 2014, стр. 254-285.
  4. Borislav Pekić, Hodočašće Arsenija Njegovana. Beograd: Laguna, 2014, стр. 286-332.
  5. Borislav Pekić, Hodočašće Arsenija Njegovana. Beograd: Laguna, 2014, стр. 333-339.
  6. Петар Пијановић „Фантастични реализам Борислава Пекића“; во: Борсилав Пекић, Ходочашће Арсенија Његована. Београд: Завод за уџбенике и наставна средства, 2004, стр. 311.
  7. Никола Милошевић „Борислав Пекић и његова митомахија“, во: Одабрана дела Б. Пекића, прва књига, Београд, 1984, стр. 39.