Кратката пролет на Моно Самоников
„Кратката пролет на Моно Самоников“ — роман на македонскиот писател Димитар Солев од 1964 година.
Прво издание на романот
[уреди | уреди извор]Првото издание на романот било објавено од издавачката куќа „Култура“, во рамките на библиотеката „Современи македонски автори“, а отпечатено во печатницата „Нова Македонија“. Технички уредник на книгата бил Христо Христовски, јазичната редакција ја извршила Лидија Ежова, а коректурата била дело на Љубинка Денкова, Елена Павлова, Душанка Јанева и Ружица Димишковска. Изданието не е каталогизирано, ниту пак ја поседува меѓународната ознака ISBN.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]Романот се состои од три дела:[1]
Дејството на романот се случува во текот на март. Еден ден, Моно Самоников, студент по право, се буди во мачна состојба, откако сонува тежок сон во кој устата му е полна со шрапнели. Со последните пари си купува појадок во блиската бурекџилница, а потоа оди во редакцијата на „Народен пушач“, каде што работи како хонорарен соработник, уредувајќи ја спортската и културната рубрика. Таму, главниот уредник му дава налог да замине на терен за да напише репортажа. Потоа, Моно оди во бифето каде што го среќава колегата од редакцијата, Наумче од Мислешево, кој му кажува дека е заинтересиран за неговата девојка Натка. Моно му соопштува дека нивната врска е при крај и го кани вечерта да се најдат во ноќниот клуб. И навистина, Моно веќе не чувствува никаква возбуда од неговата врска со студентката Натка Јовановска, така што нивната врска продолжува само по инерција. Кога излегува на улица, Моно го среќава својот другар Јошко кого, исто така, го кани да дојде во клубот. Подоцна, во текот на денот, Натка го посетува Моно во неговата изнајмена соба и тие водат љубов. Вечерта, тој, Натка, Јошко и Наумче се среќаваат во клубот, каде што Моно само се опива, а Натка танцува со Наумче. Подоцна, Натка му замерува на Моно зато ашто многу пиел и затоа што ја препуштил на здодевниот Наумче.
Моно со воз заминува на службен пат, но кога возот застанува на станицата во едно село, тој излегува надвор и се качува по ридот, крај реката. Тоа е селото во кое Моно, како дете, бил евакуиран по бомбардирањето на градот. Набљудувајќи ја реката, Моно започнува да се сеќава на воените години: како, додека спиеле во собата, ѕирнал меѓу нозете на девојчето Нада; како бил љубоморен на постариот братучед Јоне; како Јоне и Нада започнале љубовна врска; како во селото дошле партизаните на кои им се приклучил и Јоне; како, еден ден, додека Јоне бил на стража на ридот, Моно и другите деца забележале германска колона, но наместо да ги предупредат партизаните, од страв, тие побегнале во селото итн.
По враќањето во редакцијата, Моно не е способен да напише ниту збор, па затоа излегува на улицата со намера да запре некој минувач. Притоа, тој фаќа една девојка за рака и се запрепастува кога здогледува дека таа е Нада. Двајцата седнуваат на една клупа крај реката каде што се сеќаваат на заедничките денови од детството и младоста. Притоа, Нада почнува да плаче и побегнува од него. Моно влегува во една кафеана и таму го среќава командантот на партизаните, кој раскажува за борбата со германската војска во која погинал стражарот Јоне. Моно го слуша разговорот и потресен ја напушта кафеаната, а кога пристигнува во својата соба, таму наоѓа поарака од Јошко. Моно оди кај Јошко и му кажува дека не може никако да се смири од чувството на вина поради смртта на Јоне. Утредента, Натка го посетува Моно и тој ѝ кажува дека знае за нејзината врска со Наумче. Затоа ѝ закажува состанок, со цел да избере меѓу него и Наумче. Потоа, тој оди во редакцијата каде дава отказ. Кога излегува на улица, Моно ја среќава Нада, која му вели дека таа не е онаа Нада што ја чекал. така, Моно станува сам на улицата.[1]
За делото
[уреди | уреди извор]Современоста е централна тема и на романот „Кратката пролет на Моно Самоников“, и ако во него се јавуваат и врски со воените години, предадени во форма на реминисценција. Во ова дело се зборува за младиот човек Моно Самоников, кој е „сега и овде“ и кој „работи, студира и се влечка“. Моно е невообичаено сензибилна личност, осетлив на најситните промени околу себе. Истовремено, тој е личност со супремација на мислата и порив кон осмислување на секое животно движење и постапка. Најпосле, тој е урбано невротичен, по малку и противречен и хетероген и анархистички настроен кон конвенционалниот ред на нештата.
Со тоа, романот претставува сугестивен приказ на млад претставник на модерното општество, односно еден од можните видови кои се среќаваат во калеидоскопската многуобразност и шаренило. Овој роман суверено го претставува достоинството на авангардниот реализам на Солев при што тој ја осликува реалноста со беспоштедна искреност, по цена на повремена нагласена натуралистичност. Во целиот роман се видливи современоста, експресивната постапка и линијата на антипоетичност и антисентименталност, но тој е ослободен од „модернистичките“ ексцеси. Врз основа на сето тоа, романот е оценет како значајна појава во македонската раскажувачка проза.[2]
Извадоци од романот
[уреди | уреди извор]- Дали за нешто чини да се бориш или не, односно: дали воопшто чини да го изнасилуваш природниот тек на нештата, ако тој веќе постои, се разбира. (стр. 54)
- ...секое чудо се чини такво само отпосле издвоено од својот природен контекст. Што значи дека тоа во својот природен контекст може достатно да се објасни за да не го добие мистичниот привид на исклучокот. (стр. 55)
- Треба да се патува и секаде да се остава по нешто до себеси. (стр. 59)
- Оној што се плаши од себеси, бездруго ќе испушти навидум ситни но всушност важни работи... (стр. 69)
- Се чини, горчливо се насмевна Моно, дека никако не можам да го избегнам она б е ш е. Беше, беше, постојано беше, неизбежно беше. Како сето минато, што прострујало низ човека, да не оставило ни жилка трага во него сегашен. Што не е точно, си рече, зашто тогаш амнезијата не би била болест и реката на секој свиок би требала да заборава на името од своите води. (стр. 80)
- Кој бега од себеси, ако друг - макар и во него - не го подгони? (стр. 80)
- Само на човека му е даден заборавот; предметите се ослободени и од можноста за него. (стр. 92)
- Секој има што да чека. Секому нешто му е однесено и секој би требало да чека. (стр. 113)
- ...човекот всушност не е ништо без своето продолжување во сеќавањето. Колку и кусо да е... тоа мора да е од зивесно значење за човека, не толку да ги запознае другите колку да се узнае себеси. (стр. 128)
- Тие знаат дека не сум тука, се обиде да се насмевне Моно, а јас се талкам како сениште во нивниот свет. (стр. 136)
- Нешто сосем едноставно: човек просто се издвојува од другите штом почне да мисли, зашто е мошне малку веројатно дека текот на неговите мисли докрај ќе се поклопи со оние кај другите. (стр. 137)
- Да се отпатува е бездруго нешто, но зарем чини да се носи човек некаде кога не може да не се остави тука? (стр. 166)[1]