Ида

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Ида (полски: Ida) е полско-дански филм од 2013 година, во режија на Павел Павликовски (Paweł Pawlikowski), а по сценарио на Павликовски и Ребека Ленкиевич (Rebecca Lenkiewicz). Главните улоги ги толкуваат: Агата Кулеша (Agata Kulesza), Агата Требуховска (Agata Trzebuchowska) и Давид Огродник (Dawid Ogrodnik). Филмот бил снимен во продукција на Opus Film и Phoenix Film Investments, а продуценти биле: Ерик Абрахам (Eric Abraham), Пјотр Џециол (Piotr Dzieciol) и Ева Пушчинска (Ewa Puszczysnka). Кинематографијата била дело на Лукаш Жал (Lukasz Zal) и Ришард Ленчевски (Ryszard Lenczewski), а монтажата ја извршил Јарослав Камински (Jaroslaw Kaminski).

Филмот трае 82 минути и снимен е во црно-бела техника. Филмот бил премиерно прикажан на 30 август 2013 година на Telluride Film Festival, во САД, а исто така, бил прикажан и на повеќе други фестивали, како: Gijon International Film Festival, Toronto International Film Festival 2013, London Film Festival 2013 итн. Филмот освоил 32 награди и имал 12 номинации на фестивалите ширум светот. На Европските филмски награди 2014, филмот ги добил наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, најдобра фотографија, како и најдобар филм според гласовите на публиката.[1] [2] Во февруари 2015 година, на 87. доделување на наградите „Оскар“, „Ида“ ја добил наградата за најдобар филм од неанглиското говорно подрачје.[3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се случува во Полска, во 1962 година. Ана (ја игра Требуховска) е млада девојка, која пораснала без родители, во еден манастир, во кој го поминала целиот живот. Пред да се замонаши, таа ја посетува својата тетка Ванда (ја игра Кулеша), која работи како судијка. Ана и Ванда се сосема спротивни карактери: Ана е мирна, повлечена и посветена на Бога, додека Ванда води несреден живот, исполнет со алкохол и мажи.

Ванда ѝ кажува на Ана дека тие се Еврејки и тоа е голем шок за Ана, бидејќи таа се подготвува да стане католичка калуѓерка. Двете патуваат во селото во кое живеело нивното семејство, со цел да ја дознаат причината за смртта на родителите на Ана. За време на Втората светска војна, нив ги криел некој човек, но подоцна, на непознат начин, тие умреле. Кога пристигаат во нивната родна куќа, новиот сопственик на имотот е непријателски расположен кон нив и одбива да им каже каде се наоѓа татко му, Симон, кој своевремено ги криел родителите на Ана и која знае сè за нивната смрт.

Во малиот град, каде што преспиваат во еден хотел, Ана и Ванда се запознаваат со млад музичар, кој свири на саксофон и меѓу него и Ана веднаш се раѓа симпатија. Двете жени го пронаоѓаат стариот Симон, кој лежи тешко болен во локалната болница. Тогаш, неговиот син се договара со Ана да им го покаже местото каде се закопани родителите на Ана, заедно со малиот син на Ванда, под услов Ана да не го бара назад имотот на своите родители. Истовремено, тој им признава дека токму тој е убиецот, а Ана се спасила само затоа што била многу мала, така што немало опасност нацистите да препознаат дека таа е Еврејка.

Ана и Ванда ги земаат посмртните остатоци од трите тела и ги погребуваат во семејниот гроб, на напуштените еврејски гробишта во близината на Лублин. Потресена од откритието на телото на своето мртво дете, Ванда паѓа во депресија и извршува самоубиство, скокајќи од прозорецот на својот стан. Ана, пак, непосредно пред да го даде калуѓерскиот завет, се премислува, го напушта манастирот и доаѓа во станот на Ванда, каде за првпат во живото обува чевли со високи потпетици, запалува цигари и пие алкохол. На нејзиниот погреб, Ана го среќава музичарот и со него има сексуален однос. Тој ја кани да му се придружи, нудејќи ѝ брак и заеднички живот, но таа повторно се враќа во манастирот.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Ида на Павликовски ги собра европските филмски награди“, Дневник, година XVIII, број 5642, понеделник, 15 декември 2014, стр. 20.
  2. Ida (2013) (пристапено на 22.11.2014)
  3. „Триумф за „Човекот-птица“ со четири оскари“, Утрински весник, година XVI, број 4718, вторник, 24 февруари 2015, стр. 14.
  4. МКЦ, Пази се! Доаѓа Cinedays 13. 13-22 Ное., Скопје, 2014, стр. 31.