Жан Ришар Блок

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Жан Ришар Блок
Роден/а25 мај 1884
Париз, Франција
Починат/а15 март 1947
Париз, Франција
Занимањеписател
ДржавјанствоФранцузин

Жан Ришар Блок (француски: Jean-Richard Bloch, роден на 25 мај 1884 во Париз - починал на 15 март 1947 во Париз) — француски писател и драматург. Жан Ришар Блок бил член на Француската комунистичка партија од 1921 година и голем борец против фашизмот. Во своето творештво ги опишува длабоките социјални конфликти во буржоаското општество и борбата на пролетаријатот. Со Ромен Ролан во 1923 година го основале прогресивното списание „Европа“ а со Луј Арагон во 1937 година антифашискичкиот весник „Сју Соар“.

Биографија[уреди | уреди извор]

Жан Ришар Блок е роден на 25 мај 1884 во Париз, Франција во богато семејство. Неговиот татко, Ришар Блох (1852-1933), кој дипломирал на Политехничкиот факултет и учествувал во Француско-пруската војна во 1870 година, работел како инженер на железничката линија Париз - Орлеанс, а подоцна станал директор за контрола на железничката компанија. Мајка му Луиза Леви (1858-1944) потекнувала од Лорен од семејство на рударски инженер. Жан Ришар Блок имал двајца браќа - постариот Марсел и помладиот Пјер. Пјер станал писател (под псевдонимот Пјер Аврам), како и Жан Ришар, кој од детство бил голем љубител на литературата и музиката. Уште како дете, тој започнал да пишува песни и раскази.

Кога имал 18 години заминал во војска, а по враќањето се запишал на Сорбона. На универзитетот сериозно се заинтересирал од социјалистичките идеи и се приклучил на групата на ученици, блиски на Обединета социјалистичка партија. Во двете години пред дипломирањето, тој се запознал со Маргарет Херцог (1886-1975) - сестра на идниниот писател Андре Моро. Таа му станала сопруга и во следните години им се родиле пет деца - четири ќерки и еден син.

Во 1907 година, Блок и неговата сопруга се преселиле во Лон ле Соне, но таму се задржила краток период, бидејќи заминале да живеат во Поатје. Во 1910 година, во Поатје списанието го основал списанието „Ефор“, преку кое соработувал со Ромен Ролан, Роже Мартен ди Гар, Жил Ромен, Жорж Дијамел. Во истата 1910 година, тој станал пратеник во Конгресот на Обединета социјалистичка партија, каде што се сретнал и запознал со Жан Жорес. Во исто време, тој напишал голем број на кратки раскази, романи и есеи. Тој ја издал својата прва збирка раскази „Lévy" во 1912 година. Во 1911 година, го започнал и го завршил пред почетокот на Првата светска војна неговиот голем роман ... et Compagnie.

На 4 август 1914 година како волонтер стапил во француската армија. Веќе во септември 1914 година ја добил првата прострелна рана.Една година подоцна, со чин потпоручник, тој бил ранет во главата. Летото во 1916 година во Верден, тој добил потрес на мозокот. На крајот на војната, тој бил сместен во миланската болница. Во декември 1920 година се приклучил кон идеите на Комунистичката интернационала како и кон Француската комунистичка партија. Во исто време, тој се спротивставил на слепиот колективизам под диктатурата на пролетаријатот, за зачувување на слободата и правата на поединецот.

Првите творечки искуства на Жан Ришар Блок во драмскиот свет биле уште во времето пред Првата светска војна во 1911 година во театарот „Одеон“, кога била изведена драмата „Немирни“. Во годините 1919-1920 тој ја создал драмата „Последниот император“, која била ставена на репертоарот на Народниот театар во Трокадеро. Во наредните години, Блок напишал неколку либрета за голем број на балети и лирски музички драми. Во 1937 година, ја создал изведбата „Раѓањето на градот“. Ова дело ги одразува светските настани во тоа време (економската криза, невработеноста, заканата од војна). За време на војната исто така имал напишано неколку претстави, меѓу кои и „Тулон“ (1943).

Во 1930 година, со влошување на политичката ситуација во Европа, започнал да работи како новинар. Во август и декември 1934 година, писател за прв пат бил во посета на СССР, каде што учествувал на Првиот конгрес на советските писатели, и каде се сретнал со Максим Горки и други советски писатели. Ова патување имало големо влијание врз ставовите на Блок. По враќањето во Франција бил активно вклучен во јавниот живот на земјата, како еден од основачите на Комитетот на антифашистичката интелектуалци, секретар на Здружението на револуционерна писатели и уметници, еден од организаторите на меѓународните конгреси на писатели.

Од почетокот на Шпанската граѓанска војна во текот на летото на 1936 година, Блок заминал во Шпанија за да биде сведок на настаните, кој, според него, биле пресудни за судбината на Франција и Европа. Неговите раскази и есеи напишани во овој период биле вклучени во неговата книга “Шпанија, Шпанија!“. Во овој тежок период, писателот одлучил да се приклучи во редовите на Француската комунистичка партија. Во март 1937 година заедно со Луј Арагон започнал со објавување на комунистичкиот весник „Се суар“.

Во 1941 година емигрирал во СССР, станувајќи француски коментатор на радио Москва. На 9 февруари 1943 година ги известил своите сонародници во Париз со пораката:

"...Слушајте парижани! Првите три дивизии кои го завзедоа Париз во јуни 1940, трите дивизии кои на покана на францускиот генерал Денц ја осквернавија нашата престолнина, стотата, сто и тринаесеттата и двестотини деведесет и петтата дивизија - не постојат повеќе. Уништени се кај Сталинград: Руска одмазда за Париз. Руска одмазда за Франција".

Во декември 1944 година, Блок и неговата сопруга се вратиле во Париз (преку Баку, Техеран, Дамаск, Триполи и Алжир). Таму тие дознале дека нивната ќерка како член на отпорот, била обезглавена во Хамбург заедно со нејзиниот сопруг. Во декември 1946 година тој бил избран за советник на Републиката. Неговите книжевни и јавни активности биле прекинати од страна на ненадејна смрт на 15 март 1947 година. Писателот бил погребан во гробиштата Пер Лашез во Париз.

Дела[уреди | уреди извор]

  • Lévy, 1912
  • ... et Compagnie, 1918 (роман)
  • La nuit Kurde (роман)
  • Sybilla, 1932 (роман)
  • Carnaval est mort, 1920
  • Offrande à la musique, 1930 (балет)
  • Destin du siècle, 1931
  • Naissance d'une culture, 1936
  • Toulon (претстава)
  • De la France trahie à la France en armes, 1949

Надворешни врски[уреди | уреди извор]