Прејди на содржината

Следете ја Википедија на македонски јазик на Facebook и на Instagram!

Уредувачки ден „Цркви во Италија“
Уредувачки ден „Цркви во Италија“

Се известуваат сите заинтересирани уредници на Википедија на македонски јазик дека на 19 декември 2024 година ќе се одржи уредувачки ден на тема „Цркви во Италија“.

Од 16 до 22 декември 2024 година се одржува уредувачка седмица: „Населени места во Пиринска Македонија“. Сите уредници на Википедија на македонски јазик се добредојдени да дадат свој придонес на темата!

Добродетелна дружина

Од Википедија — слободната енциклопедија

Добродетелна дружина (1853-1897) била русофилска[1][2] општествено-политичка организација на бугарски емигранти.

Формирана е во 1853 година во Букурешт, а официјално е воспоставена на 9 март 1854 година под името "Епитропија" од претставници на богатите слоеви на бугарската емиграција во Влашко, врз основа на веќе постоечкиот привремен комитет Епитропија. Дружината имала за цел да го предводи ослободителото бугарско движење, како и активностите на бугарската емиграција во услови на започнатата Кримска војна (1853-1856 година). Меѓутоа, нејзината дејноста била ограничена на регрутирањето на бугарски доброволци во руската армија. Откако е потврдено официјално од руската влада, создава свои единици во голем број други градови - Браила, Галац, Плоешт и др. По завршувањето на војната нејзината активност речиси замрела.

Во 1862 година, "Епитропија" се трансформирала во Добротворно друштво - добродетелна дружина. Основачи биле Евлоги и Христо Георгиев, Георги Атанасович, И. Бакалоглу и др. Иако била формирана во форма на добротворна организација, фактички имала одредени политички цели. Во надворешно-политичките прашања се поддржувала официјалната руска политика.

По прашањето за ослободувањето на Бугарија од турското ропство, Дружината првенствено сметала на помош од Русија и поради тоа имала различни погледи од претставниците на бугарската револуционерна емиграција во Романија. Односите помеѓу двете страни биле напнати, но Дружината во одделни случаи, при поволна промена на политичката ситуација на Балканот, ги помагала активностите на бугарските револуционери.

Во 1866-1867 година, во согласност со плановите на руската дипломатија за Источното прашање, Дружината се насочила кон зближување со српската влада. Отука, таа развила посебна "Програма за политичките односи на србо-бугарите (бугаро-србите) или на нивното срдечно поведение". Во програмата било предвидено создавање на една голема словенска држава од Срби и Бугари со заедничка влада и собрание, а владетел на државата требало да биде српскиот кнез Михајло Обреновиќ III. За имплементација на оваа програма, Дружината презела чекори за создавање на револуционерна клима во Бугарија и отстапила пари за формирање на чети од страна на Панајот Хитов и Филип Тотју. Дружината помогнала и во формирањето на Втората бугарска Легија во Белград.

По неуспехот за остварување на овој план, Дружината започнала нова политика, односно зближување со Османлиското Царство и во 1869 година таа се залагала за создавање на бугарско-турска дуалистичка држава по примерот на Австроунгарија, при што турскиот султан да биде прогласен и за бугарски цар. Овој план бил без основа за реализирање, а Дружината во својата дејност се поптпирала на руската дипломатија, без да преземе накоја суштинска активност.

По ослободувањето на Бугарија, Дружината продолжила да постои, но веќе не играла никаква улога во политичкиот живот на бугарската емиграција во Романија. Престанува формално да постои по смртта на Евлоги Георгиев во 1897 година.

  1. Агенция Фокус от 12 и 14 април 2006 г.
  2. Септември Том 4 от Съюз на българските писатели с. 115
    „Русофилите потоа ја создадоа својата организација Добродетелна дружина, наречена и Комитет на старите“