Димитар Христов Железаров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Димитар Христов Железаров
Роден 1900
Велес, Отоманско Царство
Починал 6 август 1979
Скопје, СФРЈ
Националност Македонец
Занимање стоматолог

Димитар Христов Железаров (роден во 1900 година во Велес - починал на 6 август 1979 година во Скопје) — македонски стоматолог.[1]

Биографија[уреди | уреди извор]

Димитар Христов Железаров е роденво 1900 година во Велес. Средно образование завршил во 1921 година во Скопје. Студиите по медицина ги започнал во Грац, Австрија, а дипломирал во Виена, во 1927 година. Веднаш по дипломирањето, специјализирал стоматологија на Стоматолошкиот институт при Универзитетот во Виена, а во 1929 година се здобил со звањето специјалист за болести на устата и забите. Во 1955 година се здобил и со звањето примариус. Починал во 1979 година.

Во 1959 година, на Стоматолошкиот факултет во Белград, ФНР Југославија, Железаров одбранил хабилитациона теза под наслов “Симплекс шина: монографија за фиксација на разлулани заби”. До 1945 година работел во приватна стоматолошка ординација во Скопје. По 1945 година, во траење од три години, работел во Здравствената станица во Прилеп, а во 1948 бил назначен за наставник по забна протетика и заботехника во Средното медицинско училиште во Скопје. Во 1960 година бил избран за вонреден професор на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје. Звањето редовен професор го стекнал во 1970 година.

Публицистичкиот опус на професор Железаров опфаќа 9 статии објавени во домашни публикации. Во Прилеп, веднаш по Втората светска војна, професор Железаров ја организирал и ја проширил здравствената служба и бил ангажиран во унапредувањето на здравственото просветување и во културниот живот на средината во која работел (1945-1948). Времето поминато како универзитетски наставник го исполнил со интензивна и постојана ангажираност во организирањето, изведувањето и развојот на наставата по претклиничка и клиничка стоматолошка протетика на факултетот. Првиот напишан стоматолошки збор на македонски јазик потекнува од професор Железаров. Тој е автор на повеќе учебници и скрипти. Во издание на Советот за просвета на НРМ, во 1951 год., за потребите на наставната програма во средното училиште за забари и забни техничари излегла од печат неговата “Забна протетика и заботехника” и во 1960 година “Познавање на инструментите: скрипта за забни техничари”. Во издание на “Просветно дело”, во 1957 година, била отпечатена “Забна протетика и заботехника: анатомија и артикулација” и во 1958 година “Забна протетика и заботехника: коронки, мостови и керамика”. Потоа, Советот за просвета бил повторно негов издавач, и тоа на: “Познавање на инструменти и некои материјали за стоматолози” (1961), “Основи на ортодонцијата за забари” (1961) и “Челусна хирургија за забари” (1961), а во соработка со Љ. Трајкова, бил автор и на “Познавање на инструментите: скрипта за забари” (1960).

Последните три учебни помагала на професор Железаров, за потребите на образовниот процес на Медицинскиот факултет, Институт за стоматологија, Универзитетот “Кирил и Методиј“ му ги издал: “Анатомо-морфолошки атлас на човечките заби” (1967), “Стоматолошка технологија” (1968) и “Дентална протетика” (1971).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Железаров“. Македонска енциклопедија , книга I (А-Љ): стр. 540. (2009). Скопје: МАНУ.