Галерија на икони (Тетово)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Вознесение на Св. Илија од крајот на 18 век од неидентификуван аврот. Потекнува од Црквата „Св. Богородица“ во Јелошник

Галеријата на икони во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово е една од најраните поставки на икони во црковен галериски простор во Македонија. Постари од неа се само новоселската[1] (во црквата „Успение на Богородица“ во Штипско Ново Село) и Штипската[2] (црквата „Св. Никола“).[3] Збирката содржи 111 икони од различен формат и 1 слика на платно. Изборот на иконите и автор на концепцијата на поставката е историчарот на уметноста Коста Балабанов во соработка со Музејот на тетовскиот крај и Македонската православна црква со Полошко-кумановската епархија и Тетовското архијерејско намесништво. Иконите потекнуваат од повеќе цркви во градот Тетово (Св. Никола, Св. Богородица, Св. Димитриј и Св. Кирил и Методиј) и од поширокиот тетовски регион (црквите и капелата на Лешочкиот манастир, Св. Петка во Вратница, Св. Богородица во Беловиште, црквата Св. Богородица во Јелошник, Св. Теодор Тирон во Јанчиште, Св. Мина и Св. Ѓорѓи во Волковија, Св. Ѓорѓи во Отуње и др). Оваа збирка икони дава одличен увид во развојот на иконописот во Македонија низ целиот XIX и почетокот на XX век. Ја сочинуваат дела од познати/потпишани зографи и зографски работилници, како и од неколку неидентификувани автори. Само две икони од збирката датираат од крајот на XVIII век. Најголемиот број зографи се домашни мајстори и потекнуваат главно од Велешкиот, Тетовскиот, Крушевскиот, Дебарскиот и Малореканскиот крај. Тоа се: Јане Шишич (1856) од Тетово, Дичо Крстев (1855, 1860, 1861) и Аврам Дичов (1873) од Тресонче), Михаил Ѓурчинов од Галичник (1879), Јосиф и неговиот брат Јаков Мажовски од Лазарополе (1866, 1884, 1896, 1897), Константин Јаков (Бундовски) од Галичник (1884, 1886), Евгениј Поп Кузманов од Галичник (1882, 1888), Крсто и Константин Николиќ и Русалим Крстиќ од Лазарополе, и најмладиот меѓу нив, Димитриј Андонов Папрадишки од Папрадиште (1927). Со дополнителната стилската анализа на повеќе икони од збирката, идентификувани се уште тројца автори, Јереј Петар, Дамјан од Крушево и Анастас од Крушево, кои не оставиле потписи врз своите дела. Освен икони од домашни автори во Галеријата се изложени и икони од тројца зографи со руско потекло, Николај Јосиф, Константин Апостолович и Георги Авраамович, кои живееле и твореле во Ерусалим. Само за мал број икони со мошне препознатлив иконографски концепт може да се претпостави дека е грчки импорт. Најстарите икони во галеријата датираат од крајот на XVIII век.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. К. Балабанов, Постојна галерија на икони во црквата Успение на Св. Богородица во Ново Село - Штип, Штип, 1972
  2. н. Панзов, Галерија на икони, црква Св. Никола, штип 1991
  3. К. Балабанов, Галерија на икони во црквата Св. Кирил и Методиј Тетово, Тетово 1990