Црква „Св. Богородица“ - Јелошник

Од Википедија — слободната енциклопедија
Света Богородица

Икона на црквата на Богородица со Христос од 1834 година од непознат автор. Се чува во Тетовската галерија на икони

македонска православна црква
Епархија Тетовско-гостиварска
Архијерејско намесништво Тетовско
Парохија Вратничка
Местоположба

Карта

Место Јелошник
Општина Теарце
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Богородица
Завршено 1872
Осветување 1872
Архитектонски опис

Света Богородица претставува црква во тетовското село Јелошник.[1] Таа претставува главната селска црква и е најпосетена за празникот Благовештение.[2] Изградена и осветена е во 1872 година врз темели на стар сакрален објект.

Благовештение[уреди | уреди извор]

Икона на Вознесението на Св. Илија од крајот на XVIII век. Автор неидентификуван. Дим: 77 Х 49 Х 4 см. Се чува во Тетовската галерија на икони

Празнувањето на патрониот празник започнува рано претпладне кога мештаните и гостите како и сите присутни верници одат на богослужба и осветување на вода во црквата. Сите заедно потоа тргнуваат од пред црквата и се упатуваат кон месноста Благовештение каде впрочем се одржува главниот народен обичај на прославување на овој празник. Групата верници пеш тргнува кон месноста која е оддалечена на еден час одење. Од 900 метри надморска височина каде што се наоѓа Јелошник се искачува на 1200 метри. Во месноста постои и манастирска црква каде верниците палат свеќи за здравје, а парохискиот свештеник го благословува посното јадење кое црковниот одбор го принесува за посетителите. Се послужува леб, сол, кромид и вино, што ја претставува традицијата и посебниот начин на празнување. Традицијата за Благоец привлекува голем број на луѓе не само од Јелошник, туку и луѓе од други краишта. На три места од месноста до селото групата застанува, а парохискиот свештеник ги благославува присутните. На крај, сите што го поминале патот трипати ја обиколуваат црквата. Исто така дел од традицијата е луѓето кои имаат куќи во Јелошник да приготват богата и посна трпеза за своите гости кои ги гоштеваат со празничен ручек.[3]

Настани од 2001[уреди | уреди извор]

За време на Воениот конфликт од 2001 година, црквата била насилно обиена, осквернавена, ограбена со штета од непроценлива вредност и со нанесени оштетувања на фрескоживописот од траен карактер. Папертата била демолирана и ограбена. Во бродот на црквата, освен она што било ограбено и однесено, се расфрлувале црковните ствари и всушност било уништено скоро се. Искршени биле прозорците, растурени и уништени столиците за стари лица кои датираат од постар период. Украдени биле и старите рипиди со крстови и мали стихари. Уништени биле шанданите, певниците, кандилата, полиелејот, аналогијата и расфрлани безброј свеќи. Имало големи оштетувања на фрескоживописот, посебно на плафонот каде имало руиниран и паднат плафонски малтер со фрескоживопис. Иконостасот бил оштетен и биле однесени иконите од непроценлива вредност и убавина. Олтарскиот дел бил комплетно демолиран, светиот престол искршен и фрлен на подот. Трпезарискиот дел обиен, со испокршени прозорци и покрадена опрема и инвентар. Она што не можело да се понесе било уништено. Имало оштетувања по кровната конструкција како и на малтерот на фасадата и внатрешноста. Пред демолираната влезна врата биле избиени од лежиштата мермерните плочи со натписи. Уништена била и однесена црковната литература.[4]

Кражби[уреди | уреди извор]

Црквата често е мета на кражби. Во 2006 година била украдена камбаната тешка до 150 килограми и стара околу 140 години. Таа била поставена во 1872 година, кога црквата била осветена врз темели на сакрален објект, веројатно од 17 век. По конфликтот во 2001 годинатаа бола повеќепати демолирана, ограбувана и сквернавена. Од неа се украдени 7 икони стари 150 години и бројни други сакрални предмети. Оштетен бил и фрескоживописот.[5]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. „Отслужена света литургија во црквата "Света Богородица". Утрински Весник. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2013-03-14.
  3. „Tрадиционално одбележaн Благоец во Јелошник“. КИСС ТВ. 7 април 2008. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2010-04-29.
  4. „Оштетувања на црквата "Света Богородица" во село Јелошник“. Архиерејско намесништво Тетово. Архивирано од изворникот на 2012-07-14. Посетено на 2013-03-14.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  5. Украдена камбаната на црквата во Јелошник[мртва врска]