Галерија на икони (Тетово)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Црквата „Св. Кирил и Методиј“ каде е сместена галеријата.
Вознесение на Св. Илија од крајот на 18 век од неидентификуван аврот. Потекнува од Црквата „Св. Богородица“ во Јелошник

Галеријата на икони во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово е една од најраните поставки на икони во црковен галериски простор во Македонија. Постари од неа се само новоселската[1] (во црквата „Успение на Богородица“ во Ново Село, Штип) и Штипската[2] (црквата „Св. Никола“).[3] Збирката содржи 111 икони од различен формат и 1 слика на платно. Изборот на иконите и автор на концепцијата на поставката е историчарот на уметноста Коста Балабанов во соработка со Музејот на тетовскиот крај и Македонската православна црква со Полошко-кумановската епархија и Тетовското архијерејско намесништво. Иконите потекнуваат од повеќе цркви во градот Тетово (Св. Никола, Св. Богородица, Св. Димитриј и Св. Кирил и Методиј) и од поширокиот тетовски регион (црквите и капелата на Лешочкиот манастир, Св. Петка во Вратница, Св. Богородица во Беловиште, црквата Св. Богородица во Јелошник, Св. Теодор Тирон во Јанчиште, Св. Мина и Св. Ѓорѓи во Волковија, Св. Ѓорѓи во Отуње и др). Оваа збирка икони дава одличен увид во развојот на иконописот во Македонија низ целиот XIX и почетокот на XX век. Ја сочинуваат дела од познати/потпишани зографи и зографски работилници, како и од неколку неидентификувани автори. Само две икони од збирката датираат од крајот на XVIII век. Најголемиот број зографи се домашни мајстори и потекнуваат главно од Велешкиот, Тетовскиот, Крушевскиот, Дебарскиот и Малореканскиот крај. Тоа се: Јане Шишич (1856) од Тетово, Дичо Крстев (1855, 1860, 1861) и Аврам Дичов (1873) од Тресонче), Михаил Ѓурчинов од Галичник (1879), Јосиф и неговиот брат Јаков Мажовски од Лазарополе (1866, 1884, 1896, 1897), Константин Јаков (Бундовски) од Галичник (1884, 1886), Евгениј Поп Кузманов од Галичник (1882, 1888), Крсто и Константин Николиќ и Русалим Крстиќ од Лазарополе, и најмладиот меѓу нив, Димитриј Андонов Папрадишки од Папрадиште (1927). Со дополнителната стилската анализа на повеќе икони од збирката, идентификувани се уште тројца автори, Јереј Петар, Дамјан од Крушево и Анастас од Крушево, кои не оставиле потписи врз своите дела. Освен икони од домашни автори во Галеријата се изложени и икони од тројца зографи со руско потекло, Николај Јосиф, Константин Апостолович и Георги Авраамович, кои живееле и твореле во Ерусалим. Само за мал број икони со мошне препознатлив иконографски концепт може да се претпостави дека е грчки импорт. Најстарите икони во галеријата датираат од крајот на XVIII век.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. К. Балабанов, Постојна галерија на икони во црквата Успение на Св. Богородица во Ново Село - Штип, Штип, 1972
  2. н. Панзов, Галерија на икони, црква Св. Никола, штип 1991
  3. К. Балабанов, Галерија на икони во црквата Св. Кирил и Методиј Тетово, Тетово 1990

Надворешни врски[уреди | уреди извор]