Аврам Дичов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Аврам Дичов
Аврам Дичов (највозрасниот најлево) со синот Крсто и неговите деца Аритон, Сарџо, Темјана, Јован и Мојсо
Роден(а)19 мај 1840
Тресонче, Реканско
Починал(а)1923
Софија, Царство Бугарија
Почивалиштедвор на црквата „Св. Петар и Павле“, Тресонче
НационалностМакедонец
Занимањезограф, иконописец
Познат(а) поцркви, манастири
Значајни делаво текстот
Деца
РодителиДичо Зограф (татко)
РодниниБраќа: Евгениј, Нестор, Арсениј, Спиридон, Ефтим, Божин (браќа)
Сестра: Темјана

Аврам Дичов (19 мај 1840 - 1923) — македонски зограф и иконописец, истакнат припадник Дебарската школа и зографскиот род Дичовци.

Животопис[уреди | уреди извор]

„Богородица со Христос и други светители“, „Св. Богородица“, Тетово, 1873 г.

Роден е во 1840 г. во големото мијачко село Тресонче, Реканско, во семејството на истакнатиот мајстор Дичо Зограф. Во 1863 г. го изработил првото посведочено дело — живописувањето на црквата „Св. Богородица Каменско“ во Охрид заедно со брат му Спиридон (Спире) Дичов[1] и зографот Петар Новев.[2] Сликал во „Успение на пресв. Богородица“ во Гари, „Св. Никола“ во Враништа (1868, 1879),[3] во „Св. Никола“ во охридското Долно Маало (1871), „Успение на пресв. Богородица“ во Дебар, „Св. Никола“ (1873), „Св. Петар и Павле“ во родното Тресонче и „Воведение на пресв. Богородица“ во Росоки.[1]

Во 1868–1870, како и во 1871–1872 г. Аврам работел на подрачјето на Врање и Лесковац, Србија. Во 1870 г. насликал икони за иконостасот во црквата „Св. Илија“ во Левосоје[4] и „Рождество на пресв. Богородица“ во Тибужде.[5] Во овој период тој го создаава својот сопствен стил, ослободувајќи се од влијанието на татко му, својствено на првите творби.[6]

Во мај 1870 г. според двата зографски натписа ги живописал храмот „Успение на пресв. Богородица“ во Долно Кормињане заедно со зографите Зафир, Тодор и Спиро,[7][8] кој веројатно е неговиот починат млад брат Спиридон.[9]

Во 1873 г. го насикал иконостасот на црквата „Св. Илија“ во Горна Лисина, Босилеградско, потпишувајќи се неколку пати на престолните икони.[10]

Нешто пред 1874 г. ја насликал црквата „Св. Никола“ во Брждани, Кичевско. Таа била доградена и проширена и веќе имала неколку икони од татко му кои датираат од 1849 г. Во црквата е насликан портрет на Теофилакт Охридски, што ретко се среќава. Ретко е и ликовното претставување на тропарот „Милосердија сушти источник милости сподоби нас Богородице“ врз престолната икона на Богородица. Нагласок на фреските е претставувањето на Христос во гробот, каде е претставена „На волнују страст“. Тука е претставен главно тропарот „Во гробје плотски“, кој е илустриран според канонот на Велика сабота. Наполно слична работа нема во ерминиите ниту на Дичо Зограф, ниту на Дионисиј Фурноаграфиот.[1]

„Благовештение“ од Кичевскиот манастир, 8 октомври 1880 г.

По работата во Брждани, Аврам Дичов се префрлил во Струшко и работел во Присовјани, Драслајца, а потоа „Св. Недела“ во охридско Слатино, па Вучитрн на Косово и во „Св. Ѓорѓи“ во гостиварското село Куново.[1]

Во 1875 г. ја фрескоживописал црквата „Св. Апостоли“, главниот храм на Пеќската патријаршија, но фреските биле отстранети во 1931-1932 г. Зачувани се само две фрески на Аврам Дичов: „Добриот пастир со јагне на рамо“ и „Аврамовото гостопримство“, кои се работени според ерминијата на Дичо Зограф со мали отстапувања.[1] Во 1876 г. насликал икони за „Св. Илија“ во Вучитрн.[9] Во 1879 г. ги изработил фреските во црквата „Св. Никола“ во Вевчани,[1] чии икони се дело на татко му. Во 1880–1881 г. ги насликал фреските во куполата на црквата „Св. Богородица Пречиста“ во „Кичевскиот манастир, 15 празнични икони на иконостасот[1] и една исклучително ретка икона на платно на која е претставено судењето на Христос пред Понтиј Пилат и фарисеите.[11]

По ова работел во „Св. Илија“ во кичевска Вранештица, „Св. Илија“ во тетовско Стенче и „Св. Илија“ во Витолишкиот манастир во Мелница, Мариово.[12][13] Во 1884 г. работел во црквата „Св. Петка“ во Бешиште и „Св. Никола“ во Градешница, Мариово.[12]

Фреска од „Св. Димитриј“ во Страцин.
Фрески од „Успение на пресв. Богородица“ во видински Јасен, дело на Аврам Дичов и Петар Новев, 1883 г.
Света Богорица Трирачица“, икона на Дичов од 1886 г. од „Рождество на пресв. Богородица“ во Дунавци, Бугарија.
Икона на Свети Ѓорѓи Јанински, 1890 г., Лом, Бугарија
Свети Кирил и Методиј, Извор, Бугарија, 1892 г.

Од 1884 до 1885 г. творел во Кумановско и Кривопаланечко. Работел на Осоговскиот манастир[1] и во црквата „Св. Никола“ во Ранковце, каде го наслилал нартексот заедно со Мирон Илиев и Григор Петров.[12][14] Потоа работел во „Св. Димитриј“ во Страцин и „Св. Теодор Тирон“ во Конопница. Во 1888 г. работел во „Успение на пресв. Богородица“ во Модрич, Струшко.[1]

Од овој период, па сè до 1893 г. Аврам Дичов работел во северозападна Бугарија. Во 1883 г. содејствувал заедно со вујко му Петар Новев во црквите во Флорентин и Јасен, Видинско, во „Вознесение Христово“; во Флорентин на иконата на Света Богородица со Младенецот има натпис од 1883 г. „изъ руки Петръ Іѡвановъ со внука му Аврама Дичовъ“, а истиот натпис го носат и фреските во „Успение на пресв. Богородица“ во Јасен. На големите икони во обете цркви се насликани тропари — решение кое ретко се среќава, својствено на Дичовото творештво.[15] Ги изработил иконите во црквата „Св. Никола“ во Крива Бара.[16] Во 1890–1891 г. заедно со Никола Образописов ги создал иконите за црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Клисурскиот манастир (меѓу Берковица и Вршец).[17] Во тој манастир ги насликал царските двери на иконостасот, дело на самоковски мајстори, како и две хоругви.[18] Негова е иконата на Богородица во црквата „Вознесение Христово“ во Митровци, Фердинандско. На иконата на Богородица има потпис: „Изъ руки Аврамъ Дичов от село Тресанче околия Деборска 1891“. Во црквата „Св. Никола“ во Трговиште има една слична негова икона и една мала икона за целивање. Во 1890 г. Аврам творел во „Вознесение Христово“ во Извор, Видинско со син му Крсто Аврамов. На Аврам Дичов се иконите во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во селото Рајановци, Белоградчишко, изградена во 1883 г. од Димо Македонецот.[14] На Аврам Дичов може да му се припише и фреската „Христос Добриот пастир“ на странична врата на непознат иконостас во збирката на Видинската митрополија.[19]

Негови[20] или на неговото ателје се иконите и фреските во црквата „Св. Петар и Павле“ во копаоничкото село Луково, Србија.[21] Тие датираат од 1871 или 1895 г.[20]

Во 1894 г. работел во „Св. Атанасиј Велики“ и „Св. Кузман и Дамјан“ („Св. Врачи“) во Луково, Струшко. До крајот на 1896 г. Аврам Дичов творел во Струшко и Кичевско.[1]

Најстарата позната икона на Дичов се наоѓа во струшко Селци и датира од 1872 г. „Исус Христос – Велик Архијереј“ се смета за една од најубавите негови икони. Последното негово дело е во црквата „Св. Атанасиј“ во струшко Луково и датира од 1894 г. Негови наследници се Никола Аврамов и Коста Колов, кои го работеле иконостасот во црквата „Воведение на пресв. Богородица“ во селото Буринец, Малесија.[1]

Во 1902 г. ги насликал фреските на „Св. Никола“ во Приштина и „Благовештение Богородично“ во Штитково кај Нова Варош. Во 1905 г. ја живописал црквата „Св. Никола“ во Косовска Каменица.[9]

На крајот од ХІХ век Аврам Дичов се преселил во Софија. Починал во тој град во 1923 г., а телото му е пренесено во Тресонче и погребано во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“.[22]

Аврам Дичов е татко на зографот Крсто Аврамов, кој го учел занаетот кај татка си и првично работел заедно со него.[14] Негов внук е познатиот уметник Димитар Пандилов Аврамовски.

Разни критичари го забележуваат понискиот квалитет на делата на Аврам Дичов во споредба со татко му и типизацијата на неговите претстави.[6]

Зографскиот натпис над јужната врата на црквата во Долно Кормињане

Литература[уреди | уреди извор]

  • Цветковски, Сашо. Живописот на Дичо Зограф и Аврам Дичов. Студии и прилози, Струга, 2010.
  • Цветковски, Сашо (2010). „Живописот на Аврам Дичов во црквата Св. Никола с. Брждани – Кичевско“ (PDF). Патримониум.мк. Скопје: Центар за културно и духовно наследство & КАЛАМУС. III (7–8).

Родословие[уреди | уреди извор]

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Дичо
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Крсте Дичов
(ок. 1784 - ?)
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Дичо Зограф
(1819 - 1872)
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Евгениј Дичов
 
Нестор Дичов
 
Арсениј Дичов
 
Аврам Дичов
(1840 - 1923)
 
Спиридон Дичов
 
Ефтим Дичов
 
Божин Дичов
 
Темјана Дичова
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Босилка Аврамова
 
Крсто Аврамов
(1866 - 1939)
 
Божил Аврамов
 
Пандил Аврамов
(1877 - ?)
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Сарџо Крстев
 
Мојсо Крстев
 
 
 
Димитар Пандилов
(1898 - 1963)
 
 
 
 
 
 

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 „Изложба на икони на свети Наум Охридски во иконописот на Дебарско-кичевската епархија од XVIII и XIX век“. Македонска Православна Црква. 6 октомври 2010. Посетено на 15 јануари 2014.
  2. Гергова, Иванка, Елена Генова, Иван Ванев, Майя Захариева (2017). Дебърски майстори във Видинска епархия, том I. София: Институт за изследване на изкуствата – БАН. стр. 15. ISBN 978-954-8594-66-0.
  3. Сашо Цветковски ги смета фреските во црквата „Св. Никола“ во Враништа од 1868 г. за прва самостојна работа на Аврам Дичов: Цветковски, Сашо (2011). Аврам Дичов. Струга. стр. 9, 31.
  4. „Храм св. пророка Илије“. Епархија Врањска. Посетено на 26 декември 2017.[мртва врска]
  5. „Храм Рождества Пресвете Богородице“. Епархија Врањска. Посетено на 26 декември 2017.[мртва врска]
  6. 6,0 6,1 Цветковски, Сашо (2011). Аврам Дичов. Струга. стр. 11, 14–15, 32.
  7. Женарју, Ивана (2013). „Зидно сликарство у цркви Свете Петке у селу Стража код Гњилана“ (PDF). Баштина. Приштина – Лепосавић: Институт за српску културу. 35: 316. Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-12-26.
  8. Женарју, Ивана (2014). „Зидно сликарство у цркви Успења Богородице у селу Доње Кормињане“. Баштина. Приштина – Лепосавић: Институт за српску културу. 37: 283.
  9. 9,0 9,1 9,2 Женарју, Ивана (2014). „Зидно сликарство у цркви Успења Богородице у селу Доње Кормињане“. Баштина. Приштина – Лепосавић: Институт за српску културу. 37: 284.
  10. „Храм св. пророка Илије“. Епархија Врањска. Посетено на 26 декември 2017.[мртва врска]
  11. „Манастир Света Богородица Пречиста Кичевска – вистинска убавина на Балканот“. regioni.mk. 13 септември 2012. Архивирано од изворникот на 16 јануари 2014. Посетено на 15 јануари 2014.
  12. 12,0 12,1 12,2 Василиев, Асен (1965). Български възрожденски майстори: живописци, резбари, строители. София: „Наука и изкуство“. стр. 188.
  13. „Monastery St. Ilija - Melnica“. Итар Пејо. Архивирано од изворникот на 2 март 2014. Посетено на 2 март 2014.
  14. 14,0 14,1 14,2 Василиев, Асен (1965). Български възрожденски майстори: живописци, резбари, строители. София: „Наука и изкуство“. стр. 189.
  15. Гергова, Иванка (2015). „Православно изкуство във Видинско. Предварителни наблюдения“. Проблеми на изкуството. 48 (4): 46. ISSN 0032-9371.
  16. „Културен туризъм“. Montana-dream.com. Посетено на 15 јануари 2014.
  17. „Клисурски манастир „Св. св. Кирил и Методий". Свети места. Посетено на 15 јануари 2014.
  18. Гергова, Иванка, Елена Генова, Иван Ванев, Майя Захариева (2017). Дебърски майстори във Видинска епархия, том I. София: Институт за изследване на изкуствата – БАН. стр. 20. ISBN 978-954-8594-66-0.
  19. Гергова, Иванка, Елена Генова, Иван Ванев, Майя Захариева (2017). Дебърски майстори във Видинска епархия, том I. София: Институт за изследване на изкуствата – БАН. стр. 19. ISBN 978-954-8594-66-0.
  20. 20,0 20,1 Макуљевић, Ненад (2015). „Делатност дебарских и самоковских зографа у Босни и Херцеговини, Црној Гори и Северној Србији у XIX веку“ (PDF). Проблеми на изкуството (српски). 48 (4): 21.
  21. „Црква Св. Апостола Петра и Павла“. Споменици културе у Србији. Посетено на 14 ноември 2021.
  22. Цветковски, Сашо. Аврам Дичов, Струга, 2011, с. 8.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]