Втор вселенски собор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Втор вселенски собор
Дата 381 година
Прифатен од Римокатоличка црква, Старокатоличка црква, Православна црква, Англиканска црква, Древноисточни цркви, Асирска источна црква, лутеранство, калвинизам
Претходен собор Прв вселенски собор
Следен собор Прв Ефески собор
Свикан од Теодосиј I Велики
Заседаван од Тимотеј Александриски, Мелетиј Антиохиски, Григориј Богослов, Нектариј Константинополски
Присуство 150
Тема на дискусија Аријанство, Аполинаризам, Савелијанство
Документи и извештаи Симбол на верата
Хронологија на одржување

Вториот Вселенски собор (грчки: Η Β΄ Οικουμενική Σύνοδος; Πρώτη Σύνοδος της Κωνσταντινούπολης - Прв Константинополски Собор) е вселенски собор одржан во Константинопол од мај до 9 јуни 381 година. Соборот бил свикан од страна на императорот Теодосиј I Велики (379-395)[1][2], православен император со шпанско потекло, со цел да се стави крај на аријанскиот спор кој продолжил и по Првиот вселенски собор во Никеја. На продолжување на аријанската контроверза придонело и прогонството на свети Атанасиј Велики, како и поддршката која аријанците ја добивале од страна на наследниците на Константин Велики - Констанциј II, Констанца и Валенс.

Историски околности[уреди | уреди извор]

Свети Григориј Богослов бил архиепископ на Константинопол во 379 година. Во тоа време, во Цариград сеуште биле присутни голем број на еретици - аријанци, поради што свети Григориј вршел богослужби во обична куќа, која подоцна била наречена Анастасија (Воскресение) затоа што преку неа навистина воскреснало Православието. На соборот во Константинопол биле присутни околу 150 (сто и педесет) епископи.

Карактер и цели[уреди | уреди извор]

На овој собор бил потврден Никејскиот Симбол на верата, како и свети Григориј Богослов како единствен вистински Патријарх на Константинопол, наспроти обидите на другата страна на незаконски начин да го постават нивниот кандидат, Максим Киник.

Исто така, биле осудени следните еретици и нивните следбеници: евномијанците (по Евномиј Кизички), савелијанци (по Савелиј), фотиновци (по Фотин, Епископ Сирмјумски), аполинариевци (по Аполинариј Лаодикиски), маркелијанци (по Маркел Анкирски), а пред сите нив, осудени се духоборците (пневматомахи) или трпици, кои уште се наречени и македонијани, по епископот Македониј, нивниот духовен отец. Духоборците во завршните соборски списи се нарекуваат и полуаријанци; на самиот Собор биле присутни дури 36 епископи македонијани, предводени од Елевсиј Кизички. Тие признавале дека Синот Божји е единосуштен на Отецот, но не исповедале дека Светиот Дух, Третата Ипостас на Света Троица е вистински Бог. Напротив, хулеле и сметале дека «Светиот Дух е створен, и дека не е достоен за божествено почитување и поклонување» Поради тоа што не се покајале, биле осудени и го напуштиле соборот.

Тек и одлуки[уреди | уреди извор]

Со соборот на почеток претседавал свети Мелетиј Антиохиски кој се упокоил додека соборот траел. На тој начин, Антиохиската катедра останала испразнета, додека истовремено бил актуелен антиохискиот раскол со кој овој Собор исто така се занимавал. И покрај контроверзите околу изборот на Павлин зе епископ, за наследник на Мелетиј бил избран презвитерот Флавијан Константинополски. Во текот на Соборот, свети Григориј тешко ги прифатил критиките упатени поради наводното незаконско поставување на Цариградската Катедра, и тој се повлекол во местото Аријанз, каде и останал сѐ до упокојувањето во 390 година.

За Патријарх бил избран градоначалникот Нектариј, кој и претседавал со соборот наместо упокоениот Мелетиј. На овој собор се дополнил Симболот на верата, добивајќи ја конечната верзија која до ден денес во неизменет облик се користи во Православната Црква. Најважно догматско дело на овој Собор е учењето за Бога Светиот Дух, содржано во осмиот член на Симболот. Покрај овој член, биле дефинирани уште три други со кои се исповеда верата во црквата, Крштението, Воскресението на мртвите и вечниот живот.

Светите Отци на Вториот вселенски собор, без употреба на зборот „единосуштен“, потврдиле дека Светиот Дух е „'сопоклонуван и сославуван заедно со Отецот и Синот.“ Аполинаријанството е отфрлено со додавањето на: „'од Светиот Дух и Марија Дева'“ во членот за раѓањето на Синот Божји.

Биле донесени и седум канони, кои ги регулираат правата на Епископите, првенството по чест, како и примањето на еретиците назад во црквата.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Socrates Scholasticus, Church History, book 5, chapters 8 & 11, puts the council in the same year as the revolt of Magnus Maximus and death of Gratian.
  2. Heather and Matthews, Goths in the Fourth Century, p. 136.