Васил Толевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Васил Толевски (роден на 2 ноември 1956 во Будимпешта) е македонски сатиричар и хуморист, кој пишува афоризми, хуморески, монодрами, скечови и сатирични текстови.

Биографија[уреди | уреди извор]

Васил Толевски потекнува од семејство кое е прогонето од Егејска Македонија. Од 1957 до 1960 живее во Земун, а од 1961 година е со постојано место на живеење во Скопје. Завршил машински факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Долги години работел во фабриката за автобуси ФАС „11 Октомври“, а после нејзиното затворање се вработил во ЈСП - Скопје.[1]

Долги години, покрај хуморот и сатирата, се занимава и со политика и спорт.[2] Бил советник во Советот на општина Ѓорче Петров, советник во Советот на град Скопје и в.д. градоначалник на општина Ѓорче Петров.[3][4]

Васил Толевски спортската кариера ја започнал како фудбалер во пионерскиот и младинскиот состав на ФК Вардар. Од 1975 година е активен ракометар, а потоа и тренер во женскиот ракометен клуб, РК Кометал Ѓорче Петров, како и тренер на женската младинска репрезентација на Македонија во ракомет.[5] Има издадено три книги за ракометот („Pакометен практикум„, „Ракомет-техника и тактика” и „Ракомет во основните училишта”), како и книга од техничката област, за користење на природниот гас во сообраќајот, („Компримираниот природен гас во средствата за јавен превоз”).

Бил уредник за хумор и сатира во „Студентски збор” (весник на студентската младина на Македонија). Главен и одговорен уредник и основач, на весникот за хумор и сатира „Mакедонски остен”, како и уредник за текст во весникот за хумор и сатира „Остен”. Член на редакциските тимови на неколку електронски весници на Балканот.[6] Во Македонија е покренувач на едицијата „Светска сатира” (издавачка куќа МАКФОРМ), во која се објавени неколку книги на балкански сатиричари. Во Белград е покрената едицијата „Македонска книжевност” (издавачка куќа АЛМА), во која се објавени неколку капитални дела од македонски автори.[7]

Неговите афоризми се преведени на германски, англиски, романски, полски, бугарски, италијански, шпански, словенечки и српски јазик. Дел од неговите афоризмите се поставени на сајтовите во Италија, Полска, Романија, Србија, Босна и Херцеговина и САД.

Прв странски автор кој е примен за член на најголемата организација на сатиричари во Европа, БАК (Белградски Афористичарски Круг) во Србија. Редовен учесник на традиционалните меѓународни фестивали на хумор и сатира: „Сатира фест“ (Белград-Србија) како и на средбите на сатиричарите од бившите ЈУ-републики - „Денови на хуморот и сатирата” (Плевља – Црна Гора).[8]

Покрај антологиската и авторската активност во областа на хуморот и сатирата, преведува афоризми од балканските автори. Досега има преведено и објавено афоризми од над 170 автори од Балканот. Има преведено афоризми на македонски автори и објавени во едицијата „Афоризми и афористичари”.[9]

Неговите афоризми се објавувани во ЕТНА, Јеж, НОСОРОГ, СатирАрт, Остен, Македонски остен, Жикишон, Политика, Вечерни новости, НИН, Време, Тоти лист, Стршел, Елбус Лингва, Крагуевачки новини, Енигматика, Ужичка недела, Вјесник, Губер... на радио и телевизиски настапи, на настапите на фестивалите на хумор и сатира во Белград, Шабац, Пожаревац, Ниш, Алексинац (Србија), Бјелина (Босна и Херцеговина), Плевља (Црна Гора), Скопје, Струмица, Велес, Радовиш, Делчево, Виница...

Дела[уреди | уреди извор]

  • „Четири чекори до вистината“ (Студентски збор-Скопје, 1988)
  • „Музика за глуви“ (самоиздание, 2006)
  • „Исусе, Луцифер нѐ вика“ (Алма-Белград, 2007-македонско/српски)
  • „Нашите пријатели (Макформ-Скопје, 2007)
  • „Антологија на македонскиот афоризам“ (Алма-Белград, 2007 - македонско/српски)[10]
  • „Антологија на македонскиот афоризам“ (Алма - Белград, 2007)
  • „Антологија на балканскиот афоризам 1 и 2“ (Алма - Белград, 2008 - македонско/српски)
  • „Нашите пријатели 2“ (Алма - Белград, 2008)
  • „Македонијо, мајко, кој ми е татко?“ (Алма - Белград, 2010 – на српски јазик)
  • „Бисери на балканскиот афоризам 1 и 2“ (Алма - Белград, 2010 – на српски јазик)
  • „Бисери на балканскиот афоризам 3“ (Алма - Белград, 2011 – на српски јазик)
  • „Антологија на балканскиот афоризам“ (Макформ-Скопје, 2012)
  • „Библија за неверници“ (Макформ-Скопје, 2013.)
  • „Врели мразови - Антологија на македонскиот афоризам“ (Македонија презент-Скопје, 2013.)
  • „Библија за неверници“ (2013. – на полски јазик)
  • „Маде ин Мацедониа“ (Макформ-Скопје, 2014.)
  • „Кочење во тројка“ (со Миле Ѓорѓијоски и Димитар Илиев, 2014.)

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

Тој е првиот странски автор, добитник на престижната награда „'''Радоје Домановиќ'''”, како најдобар светски сатиричар за 2007 (прогласен за Екселенција на сатирата за светски допринос на сатирата).[11][12] Добитник e и на наградитe:


Член на Друштвото на писатели на Србија.

Член на БАК (Белградски афористичарски круг).

Член на Здружение на новинари на Македонија.

Претседател на Здружението на хумористи и сатиричари „Остенови„ - Скопје

Дел од творештвото[уреди | уреди извор]

За да станам вистински Македонец, на комшијата му купив коза.

Сега го молам Господ да му липса!

Македонија нема територијални претензии кон никого.

Па дури ни кон Западна Македонија!

И Македонецот има душа. Моментално му е во носот!
Македонецот ќе го оправда бомбардирањето на Македонија

само ако бомбите паѓаат на собранието!

На Македонецот не му пречи да го префрлат да живее од Македонија во Сахара!

Пустина си е пустина!

Македонија е многу гостопримлива земја.

Тука дури и ние Македонците се чувствуваме како гости!

Марко Крале е прототип на денешниве политичари!

Македонец, а работеше за туѓи интереси.

Државата ги штити криминалците.

Така и треба. Кој кого ако не свој својот!?

Ако имаме малку повеќе среќа, еден ден сите Македонци

ќе живееме само во две држави.

Во Македонија нема случаи на тргување со органи.

Тука се продава цел човек.

На Балканот најтешко е да си Македонец!

Едно газе...а многу кандидати!

Ако големата среќа знае да премине во голема несреќа,

тогаш ние Македонците некогаш сме биле многу среќен народ!

Во мојата земја нема масовни гробници.

Освен ако не ја сметате мојата земја!?

Македонецот е ретко упорен човек!

Тој и во пустина би се борел да исплива!

Ние Македонците се задоволуваме со мали работи.

Затоа никогаш нема да имаме голем Водач.

Тоа што телето преку ноќ стана вол,

не е заслуга на науката туку на избирачите!

Нашиот Водач си нарача споменик од злато.

Слушна дека златото не 'рѓа кога се плука на него.

Состојбата во државата е налик на Водачот.

Ненормална!

Прв знак дека сте потонале е ако сите околу вас молчат како риби.[18]
Докажавме дека не сме трупци. Потонавме![19]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Легализација на дивоградбите со комуналии на рати, куса биографија од Утрински весник
  2. АПЕТИТИ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ЗА ИСПРАЗНЕТАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА ФОТЕЛЈА, информација од Вест
  3. Васил Толевски претседател на Советот на Ѓорче, статија во Вест
  4. "Метропола" е партнер на Градот и на граѓаните Изјава на Толевски за Дневник
  5. Ракометот во душата, ќерките во срцето, интервју за Вечер
  6. Васил Толевски отвори интернет страница за контакт со гласачите, преземено од НетПрес
  7. авторот Васил Толевски, издавачка куќа Алма
  8. Македонскиот афористичар Васил Толевски ќе учествува на Југословенските денови на хумор и сатира од НетПрес
  9. Aphorisms by Vasil Tolevski преземено од All Aphorisms, All The Time
  10. Објавена е првата антологија на афоризми, од bukvar.mk
  11. Наградите на В. Толевски, информација од НетПрес
  12. Intervju AFORISTIČAR VASIL TOLEVSKI Етна, број 76
  13. Толевски со награда на Меѓународен фестивал на хумор и сатира од весникот Нова Македонија
  14. Сатиричарот Васил Толевски награден во БиХ од весникот Дневник
  15. „Златен круг“ за македонскиот сатиричар Васил Толевски од македонското издание на Курир
  16. Награда за македонскиот сатиричар Васил Толевски, од порталот Иди Види
  17. Сатиричарот Толевски добитник на престижна награда во Либан, информација од Grid.mk
  18. Извадоци од jovonikolic.com
  19. Збирка на афорзми од Толевски

Надворешни врски[уреди | уреди извор]