Милена Павловиќ-Барили
Милена Павловиќ-Барили Милена Павловић-Барили | |
---|---|
Милена Павловиќ-Барили, фотографија на Карл Ван Вехтен, 1940 | |
Роден(а) | 5 ноември 1909 Пожаревац, Кралство Србија |
Починал(а) | 6 март 1945 Њујорк, Њујорк (сојузна држава), Соединети Американски Држави | (возр. 35)
Националност | српска |
Занимање | Ликовен уметник |
Милена Павловиќ-Барили (српски: Милена Павловић-Барили), (Пожаревац, 5 ноември 1909 – Њујорк, 6 март 1945) – српски ликовен уметник и поет и една од најистакнатите личности на уметничката Европа помеѓу двете светски војни[1].
Од 1932 година живее и работи во Париз, а од 1939 во САД, каде што и прерано умира на 35 години[2]. Учествувала на бројни самостојни и групни изложби низ повеќе центри во Европа, а подоцна и во Соединетите Американски Држави. Во тоа време, на нејзина истакната меѓународна афирмација и интензивна уметничка активност, во Србија била речиси потполно заборавена[3]. Во домашната јавност, повторно е откриена во педесеттите години на дваесеттиот век, благодарејќи на сликарот, ликовен критичар и историчар на уметноста Миодраг Б. Протиќ.
Животопис
[уреди | уреди извор]Милена Павловиќ-Барили е родена во 1909 година во Пожаревац, во родната куќа на својата мајка, Даница Павловиќ-Барили. Даница студирала музика: клавир и соло пеење на конзерваториумот во Минхен, каде што во 1905 година, го запознала Бруно Барили, таткото на Милена. Бруно Барили бил познат италијански композитор, музички критичар, поет, патописец. А бил и воен дописник од Србија во текот на Првата балканска војна и Првата светска војна.
Нејзиното српско-италијанско потекло, било повод, уште најраното нејзино детство да се одвива на релација Србија – Италија, особено и затоа што бракот на нејзините родители траел кратко. Мошне рано, Милена, постојано била во движење и непрекинато патување кое ќе трае до нејзиното заминување во Соединетите Американски Држави.
Од најраната нејзина возраст, ќе ѝ биде констатирана потешка болест на срцето. Тоа ќе биде причината за нејзиното активно живеење, создавање, патување, користење на секој миг од животот, тоа ќе биде причината за начинот на севкупното нејзино живеење и прераната смрт[4]. Голема, заштитничка улога во нејзиниот живот, одиграла нејзината мајка Даница, која ја напуштила својата музичка кариера и целосно се посветила на своето семејството во Пожаревац, особено на Милена. Често, таа била портретирана на нејзините слики. Милена, прво одделение завршила во Бергамо, Италија, потоа, продолжила со своето школување во Рим, Ница, Франција и Пожаревац, каде што запишала и средно образование.
Мошне рано започнала да црта.
Исклучително талентирана, образована, ги владеела: српскиот, италијанскиот, францускиот, германскиот јазик, а напоредно учела средно училиште и Уметничко училиште во Белград. Во 1925 година го завршила средното образование, а во 1926 година го завршила уметничкото училиште, стекнувајќи се со право да работи како наставник.
Од 1926 година, заедно со мајка ѝ, заминале во Минхен, каде што успеела да се запише на минхенската сликарска академија и покрај тоа што била премлада. На академијата се чувствувала неслободна во своето творештво, тешко го прифаќала школскиот академизам и реализам и покрај големиот талент. Не прифаќајќи ги наметнатите конвенции, во 1928 година, ја напуштила академијата и заедно со својата мајка заминале во Париз.
Всушност, оттогаш, започнал нејзиниот таканаречен „номадски живот“, исполнет со бројни, постојани патувања, без постојано вработување, без постојани финансиски приходи, без мецени. Нејзиното семејство, после смртта на нејзиниот дедо Стојан Павловиќ, финансиски осиромашува, а и малкуте финансии, најмногу и постојано се трошеле за нејзиното лечење.
И покрај нејзиното исклучително образование, талент како и говорењето на повеќе светски јазици, како наставник била одбивана да работи во: Пожаревац, Штип, Тетово и Велес, со образложение дека нема буџетски средства за нејзиното вработување[5]. Во март 1930 година, преку Италија и Франција заминала во Шпанија, ги посетила: Гранада, Барселона, Севиља, Валенсија и Кордоба. Од Шпанија заминала во Париз, а потоа во Лондон, каде што останала до 1932 година. По престојот во Лондон, се вратила во Париз каде што живеела до 1939 година, од 1938-1939 година престојувала и во Осло, а во август 1939 година заминала во Њујорк, каде што останала до својата прерана смрт на 6 март 1945.
Овој начин на живеење ќе има големо влијание во нејзиниот живот. Насекаде посетувала музеи, галерии, изложби, а некаде и сама излагала. Бројните патувања оставиле длабоки траги во нејзините слики, стил, начин на ликовно размислување.
Веднаш по доаѓањето во Соединетите Американски Држави, организирала самостојна изложба, со што започнала значајна референца во нејзиното уметничкото творештво и кариера. Бројните и позитивни критики, не само што ја сместиле во рангот на истакнатите уметници на Њујорк, туку ѝ овозможиле и егзистенцијална независност - добивала најчесто порачки за изработка на портрети, а и ангажман во елитниот часопис Вог, каде што нејзините илустрации, постигнале големи успеси и интерес[6]. Нејзината уметничка и излагачка активност во Соединетите Американски Држави, била интензивна, со присуство низ истакнатите галериските сцени во Њујорк, Вашингтон и други поголеми градови.
Во 1943 се омажила со дваесет години помладиот Роберт Томас Астор Гослен, ги следеле финансиски тешкотии, а на брачното патување, доживеала несреќен пад од коњ, заради што морала да лежи во гипсено корито повеќе месеци. Откако заздравела, заминуваат во Монтекасино, каде што го запознала славниот композитор Џанкарло Меноти којшто ја ангажирал како костимограф и сценограф во неколку негови проекти. Со ова, започнува нејзиниот пат кон поголема афирмација, ангажман, признанија и финансиска стабилност. Но, поради долгото мирување во гипсеното корито, нејзиното болно срце уште повеќе ослабува, на 6 март 1945 година доживува срцев удар, умрела на 35 години. Погребана била во Њујорк[7].
Творештво
[уреди | уреди извор]На пет години веќе изработувала солидни цртежи, многу позрели од нејзината возраст. Била повлечена, не се дружела со своите врсници, најмногу заради болеста. Подоцна, како дооформен сликар, најголем интерес пројавувала кон портретирањето и човечкиот лик. Всушност во нејзиниот ликовен опус најприсутни се портретите, а особено автопортретите во кои истакната е своевидна меланхоличност, бајковитост, медитативност. Нејзиниот талент бил забележан уште со нејзината прва самостојна изложба во Париз во 1932 година. Истакнатиот уметник Де Кирико во нејзините дела открива суптилно метафизичко сликарство, а Жан Касу пишува предговор за каталогот од изложбата. Од нејзиното сликарство, воодушевени се Андре Лот, Пол Валери и многу други. Во Париз, продолжила нејзината бројна излагачка активност, при што уште повеќе се осамостојувал и потврдувал нејзиниот автентичен и поединечен стил. Во овој период имала голема поддршка од нејзиниот татко којшто ја насочувал кон длабоките сликарски елементи, а воедно ја внесувал во интелектуалните и боемски кругови. Сликарството на Милена Павловиќ-Барили минало низ неколку фази во кои нема јасни и брзи премини, но, затоа пак, секоја фаза се одликува со суштински разлики и промени. Покарактеристични и доминантни фази во нејзиното творештво:
Академизам (1922‒1931)
- Уметничкото училиште, Белград (1922‒1926)
- Уметничката академија, Минхен (1926‒1928)
- Први знаци: синтеза на академизмот, сецесија - Белград (1928‒1930)
Постнадреализам (1932‒1945)
- Магичен релационизам (линеарен период), Париз, Рим (1932‒1936)
- Магичен релационизам („ренесансен период“), Фиренца, Венеција, Париз - заедно со групата „Нови сили” (1936‒1939)
- Магичен веризам, Њујорк (1939‒1945)
Милена Павловиќ-Барили не се вклопувала и не припаѓала, благодарение на својот автентичен индивидуализам, кон ниеден од главните развојни текови на југословенското сликарство во периодот помеѓу двете светски војни. Во својот краток живот успеела да создаде над 300 дела, како и голем број на скици и цртежи. Нејзините дела денес се чуваат во: Галеријата на Милена Павловиќ-Барили во Пожаревац, Музејот на современата уметност во Белград и Народниот музеј (Белград) во Белград, како и во многу светски музеи и приватни збирки. Додека нејзините дела од Галеријата Милена Павловиќ - Барили од Пожаревц, биле излагани во многу европски градови: Брисел, Парма, Париз, Букурешт, Братислава, Прага, Брно, Скопје и Загреб како и во многу градови во Србија: во Галеријатa на Српската академија на науките и уметностите во Белград, како и во Сомбор, Сремска Митровица и други[8].
Позначајни изложби
[уреди | уреди извор]- Првата самостојна изложба, отворена на 16 декември 1928 година во Новинарскиот дом на Обилиќевиот венец (Белград) во Белград, на која што се претставува со 120 дела, создадени во текот на школувањето во Белград и Минхен.
- Во јануари 1929 година отворила самостојна изложба и во Пожаревац, а малку подоцна, станува член на ликовната група Лада и учествува на Првата пролетна и Втората есенска изложба на југословенските уметници во Павилјонот „Цвета Зузариќ” во Белград, заедно со тогашните најпознати сликари и вајари - Јован Бијелиќ, Лазар Личеноски, Васа Поморишац, Ристо Стијовиќ, Иван Радовиќ, Милан Коњовиќ, Марино Тартаља, Тома Росандиќ.
- На 27 февруари, 1931 година ја отворила самостојната изложба во лондонската Галерија Бломсбери.
- Во 1932 година излага заедно со групата Лада во Белград.
- Истата година излагала и во Париз.
- Есента истата година, имала самостојна изложба и во Рим.
До 1939 година, кога заминува за Њујорк, Милена излагала на бројни самостојни и групни изложби во Европа:
- Во 1933 година во Фиренца, (заедно со Марија Сињорели и Адријано Пинкереле),
- На дванаесеттиот салон во (Париз, 1934),
- На второто квадриенале во (Рим, 1935),
- Во „Галеријата Комета“ (самостојна изложба, Рим, 1937),
- Самостојна изложба - „Четирите патишта“, во (Париз, 1938),
- Самостојна изложба во организација на амбасадата на Кралството Југославија во Тирана (1938),
- „Галеријата Билиет“ (са групата „Новата генерација“, Париз, 1938),
- „Галеријата на Живописноста“ (изложба на новиот надреализам, Париз 1939),
- Во 1939 година, на колективната изложба со југословенските уметници од Париз во Париз и Хаг 1939).
Во 1939 година, Милена заминува во Њујорк и во март 1940 година веќе приредила своја самостојна изложба[9].
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Автопортрет, 1938
-
Автопортрет, 1939
-
Акт во огледалото
-
Топла розова со Сива, 1940
Галеријата „Милена Павловиќ-Барили“
[уреди | уреди извор]За првпат Галеријата на Милена Павловиќ-Барили била отворена во 1962 година, во нејзината стара семејна куќа во Пожаревац. Галеријата била создадена по идејата и залагањето на нејзината мајка Даница, која севкупната ликовна заоставнина на својата ќерка ја зачувала и ја презентирала како една компактна целина. Галеријата - Милена Павловиќ-Барили е и музеј од меморијален вид со богат уметнички фонд, лични предмети, личната библиотека, семејното наследство и архивска граѓа[10].
-
Изложбена сала во галеријата
-
Додатоци за сликање на Милена
-
Една од творбите на Милена се чува во галеријата
Книжевно творештво
[уреди | уреди извор]Мошне рано почнала да пишува поезија, паралелно со нејзиниот интерес за сликарството. Како поет, веќе во седмата година се пројавува со зачудувачки зрели литературни творби. Во периодот од 1934 и 1935 година, напишала околу шеесетина песни на четири јазици: италијански, француски, шпански и српски. Во Србија, за првпат нејзина збирка на поезија, се појавува во 1998 година. Поезијата исто како и сликарството ѝ е проткаена со чувства на осаменост, меланхолија, бајковитост[11].
Уметнички дела инспирирани од животот на Милена Павловиќ-Барили и нејзиното творештво
[уреди | уреди извор]За нејзиниот ликовен и литературен опус напишани се бројни монографии и книжевни критики, а покрај тоа нејзиниот фасцинантен живот и творештво биле инспирација за многу писатели, режисери, драматурзи, сценаристи:
Романи
[уреди | уреди извор]- Митровиќ Мирјана - „Автопортрет со Милена “, роман, 1990, Белград,[12].
- Стојановиќ Слободан - „Девојката со ламба 1936“, 1997[13].
Биографии
[уреди | уреди извор]- Димитриевиќ Коста; Стојановиќ-Гулески Смиља „ Клучеви за сликарските соништа : живот, дело, писма, песни на Милена Павловиќ –Барили “,1971, „Багдала“, Крушевац[14].
- Граовац Живославка - „Огледало на душата : Милена Павловиќ-Барили “, Белград, 1999, „Просвета“[15].
- Мазола Аделе - „Aquae passeris : за Милена Павловиќ Барили“, 2009 „Хиспериа“, Белград [16].
- Станковиќ Радмила - „Судбината на Милена“, 2009,„Глобосино“, Белград[17].
Драми
[уреди | уреди извор]- Слободан Марковиќ - „Милена Барили – жената со вел и лепеза“, 1969, „Браничево“, Пожаревац[18].
- Сања Домазет - „Крила од олово, режија: Стеван Бодрожа, премиера: Белградски драмски театар, 2004 година[19].
- Сања Домазет - „Месечината во пламен “ режија: Стеван Саблиќ, премиера: Белградски драмски театар, 2009[20].
Филмови и ТВ емисии
[уреди | уреди извор]- „Милена Павловић-Барили“, (краток документарен филм), 1962, режија: Љубиша Јоциќ, сценарио: Миодраг Протиќ [21].
- „Девојката со ламба“, (ТВ филм), 1992, режија: Милош Радивоевиќ, сценарио: Слободан Стојановиќ, главна улога: Маја Сабљиќ [22].
- „Милена Павловиќ-Барили повторно во Париз“ (ТВ емисија), 2002, автор: Вера Вуковиќ [23].
- „Автопортрет со бела мачка“ (анимиран филм), 2009, сценарио: Мирјана Белогрлиќ, цртеж: Бојана Димитровски, анимација: Богдан Вуковиќ [24].
- „Милена“, 2011, сценарио и режија: Чарна Радоичиќ [25].
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ једне од највећих српских сликарки Милене Павловић Барили
- ↑ „Pavlović Barilli, slikarka i pesnikinja“. Архивирано од изворникот на 2022-06-10. Посетено на 2019-04-15.
- ↑ od svoje zemlje
- ↑ borba sa bolešću[мртва врска]
- ↑ za umetnost[мртва врска]
- ↑ Srpkinja koja je ilustrovala naslovnicu časopisa "Vogue“[мртва врска]
- ↑ са Госленом трајао кратко[мртва врска]
- ↑ уметница раскошног талента[мртва врска]
- ↑ којој се дивио и Пол Валери
- ↑ Милене Павловић Барили[мртва врска]
- ↑ PAPERJE
- ↑ Mitrović
- ↑ sa lampom
- ↑ snova slikarstva
- ↑ DUSE
- ↑ [ passeris
- ↑ usud
- ↑ Barili
- ↑ OD OLOVA
- ↑ у пламену[мртва врска]
- ↑ Pavlovic - Barili (1962)[мртва врска]
- ↑ s lampom (1992)
- ↑ у Паризу
- ↑ с белом мачком
- ↑ филма
Библиографија
[уреди | уреди извор]- Мирјана Митовиќ - „Автопортрет со Милена“, „Лагуна“, Белград, 2009, ISBN 978-86-521-0208-2[1].
- Воислава Латковиќ - „Милена Павлович - Барили“, „Делфи“, Белград, Isbn: 9788676942541[2].
- Коста Димитриевиќ, Смиља Стојанович - Гулески - „Клучевите на соништата во сликарството, Живот - Дело - Писма – Песните на Милена Павловиќ – Барили“, „Багдала“, К р у ш е в а ц, 1 9 7 1[3].
- Mиодраг Б. Протиќ - „Милена Павловиќ – Барили – живот и дело“,„Просвета“, Белград, 1966[4].
- Аделе Мацола – „AQUAE PASSERIS за Милена Павловиќ – Барили“, „Хиперион еду“, Белград, 2009[5].
- Група автори – „Mилена Павловиќ Барили: PRO FUTURO: Теми, Симболи, Значења“[6].
- Олга Bатајевиќ –„ Mилена Павловиќ Барили: Животот и работата во Њујорк 1939 – 1945“, Белград, 1979[7].
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- прича о „Несаници”
- по стиховима Милене Павловић
- Павловић Барили[мртва врска]
- МИЛЕНИ ПАВЛОВИЋ БАРИЛИ[мртва врска]
- srpskog modernizma
- Pavlović Barili : [zbornik u tri toma]/Биографија Архивирано на 12 јуни 2022 г.
- FOUNDATION[мртва врска]
- MILENE PAVLOVIĆ BARILI
|