Милан Кундера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Милан Кундера
Милан Кундера во 1980 г.
Занимањеписател[1]
НационалностФранција Французин, Чешка Чех

Милан Кундера (чешки: Milan Kundera; р. 1 април 1929, во Брно, Чехословачка - 11 јули 2023) — француско-чешки писател кој живее во егзил во Франција од 1975 година, каде што станал натурализиран државјанин во 1981 година. Тој е најмногу познат со романите „Неподносливата леснотија на постоењето“, „Книга за смеата и заборавот“, и „Шега“. Кундера пишува на чешки и француски јазик. Тој ги ревидирал француските преводи на сите негови книги и затоа тие не се сметаат како преводи, туку како оригинални дела. Како резултат на цензурата на комунистичката влада во Чехословачка, неговите книги биле забранети во неговата родна земја, а тоа траело до падот на оваа влада за време на Кадифената револуција од 1989 година.

Биографија[уреди | уреди извор]

Милан Кундера е роден во 1929 година, во семејство од средна класа. Неговиот татко, Лудвик Кундера (1891-1971), бил важен чешки музиколог, ученик на композиторот Леош Јаначек и работел како управител на Музичката Академија Јаначек во Брно. Низ неговите дела може да се забележат музичките влијанија од 1948 до 1961 година. Милан Кундера научил да свири пијано од неговиот татко, а подоцна заминал да студира музикологија и музичко компонирање. Низ неговите дела може да се забележат влијанија и навраќања на музиката. Тој отишол толку далеку што дури вметнувал и ноти во текстовите за да ја долови поентата.

Кундера припаѓа на генерацијата млади Чеси кои имало мало или речиси никакво искуство од предвоената демократска чехословачка република. Нивната идеологија била во голема мерка под влијание на Втората светска војна и германската окупација. Уште во време на неговите тинејџерски денови, Кундера ѝ се придружил на Комунистичката Партија на Чехословачка, која што ја презела власта во 1948 година.

Кундера го завршил средното обрзование во Брно во 1948 година. Тој студирал литература и естетика на Факултетот за уметности при Карловиот универзитетот во Прага.[2] По два семестри се преселил на Факултетот за филм при Академијата за сценски уметности во Прага, каде што посетувал предавања за филмска режија и пишување сценарија. Во 1950 година неговите студии биле накратко прекинати поради политички ангажман. Во 1950 година, тој и писателот Јан Трефулка биле исклучени од партијата заради „антипартиски активности“. Трефулка го опишал настанот во неговата новела „Дожд врнеше врз нив“ од 1962 година. Кундера, исто така, го искористил инцидентот како инспирација за главната тема на неговиот романШега“ од 1967 година. Едно време, Кундера студирал музичка композиција, а во 1958 година дипломирал на факултетот за филм во состав на АМУ. Подоцна, на истиот факултет предавал светска книжевност, најпрвин како асистент, а потоа и како доцент.[2]

Во 1956 година, тој бил повторно примен во партијата, а во 1970 година бил исклучен по вторпат и тогаш бил избркан од работа. Кундера, заедно со другите реформски настроени комунистички писатели, како што бил Павел Кохоут, делумно учествувал во Прашката пролет од 1968 година. Кундера останал посветен на реформата на чешкиот комунизам и жестоко се расправал со Хавел во пишана форма, велејќи дека суштината е да се остане смирен и дека „никој сè уште не е затворен заради своето мислење“ и дека „важноста на Прашката есен на крајот може да биде поголема од онаа на Прашката пролет“. На крајот, Кундера сепак се откажал од своите реформски сништа и се преселил во Франција во 1975 година, каде работел како гостин-професор на Универзитетот во Рен. Подоцна работел како професор на Универзитетот во Париз, каде што останал да живее.[2] Тој станал француски државјанин во 1981 година.

Творештво[уреди | уреди извор]

На почетокот од своето творештво, Кундера бил познат како поет при што објавил неколку збирки поезија, но подоцна изјавил дека „своите стихови ги сметам за младешки скитања“.[3] Во 1960 година ја објавил студијата „Уметноста на романот“, посветена на чешкиот писател Владислав Ванчура за која подоцна напишал дека „не беше толку лоша книга, но навистина не знам зошто денес некој би ја читал“.[3] Покрај тоа, објавил и неколку драми, како: „Сопствениците на клучевите“, „Зафрканција“ и „Жак Фаталистот и неговиот господар. Во чест на Дени Дидро“. Според сопственото признание, драмите ги напишал „веројатно само за да се убедам самиот себе дека никогаш нема да станам драмски писател“ и дека само „за последната драма можам да кажам дека без никакви огради ја сакам“.[3] Сепак, најпознат е како прозен автор при што со своите романи стекнал светска слава.[2]

Иако неговите рани поетски творби се цврсто прокомунистички, неговите романи ја одбегнуваат идеолошката класификација. Кундера постојано инсистира на тоа да се смета како романописец (во 1983 година, напишал: „Уште пред многу години сфатив дека сум само и единствено романописец“),[3] отколку како политички писател-дисидент. Политичките коментари има во сите од неговите дела, но тие исчезнуваат од неговите романи, почнувајќи (посебно по Неподносливата леснотија на постоењето) освен во врска со пошироки филозофски теми. Белетристичкиот стил на Кундра, испреплетен со филозофски дигресии, во голема мерка инспириран од романите на Роберт Музил и филозофијата на Ниче е исто така користен од авторите како што се Ален Де Ботон и Адам Тирлвел. Кундера ја црпи својата инспирација, како што и самиот забележува, не само од авторите на ренесансата - Џовани Бокачо и Рабле, туку исто така и од Лоренс Стерн, Хенри Филдинг, Дени Дидро, Роберт Музил, Витолд Гомбрович, Херман Брох, Франц Кафка и, можеби најважниот, Мигел де Сервантес, на чие наследство тој се смета себеси најмногу посветен.

На почетокот, тој пишувал на чешки јазик. Од 1993 година па натаму, тој ги пишува своите романи на француски јазик. Помеѓу 1985 и 1987 година, Кундера извршил ревизија на француските преводи на неговите поранешни дела и, како резултат на ова, сите негови книги се објавени на француски јазик според оригиналниот извор. Неговите книги се преведени на многу јазици.

Шега[уреди | уреди извор]

Во неговиот прв роман, „Шега“, Кундера дава сатиричен приказ на природата на тоталитаризмот во комунистичката ера. Поради критиката на советската инвазија на Чешка од 1968 година, тој бил ставен на црниот список во Чехословачка и неговите дела биле забранети.

Смешни љубови[уреди | уреди извор]

Збирката раскази „Смешни љубови“ ја пишувал од 1960 до 1968 година, а првпат била објавена во Прага, во 1969 година. Поправената, дефинитивна верзија се појавила во 1970 година, во превод на француски јазик, и подоцна сите преводи на другите јазици се правени според таа верзија.[4]

Животот е другаде[уреди | уреди извор]

Животот е другаде“ е пишуван од 1969 до 1970 година, но книгата не била објавена во Чехословачка, зашто во меѓувреме делата на Кундера биле забранети. Поради тоа, книгата прв пат била објавена во 1973 година, во превод на француски јазик.[4]

Проштален валцер[уреди | уреди извор]

Романот „Проштален валцер“ бил завршен во 1972 година, во времето кога Кундера сè уште бил во Чехословачка, но првпат бил објавен дури во 1976 година, во превод на француски јазик.[4]

Книга за смеата и заборавот[уреди | уреди извор]

Во 1975 година Кундера се преселил во Франција и таму го објавил делото „Книга за смеата и заборавот“ (1979) во кое се зборува за чешките граѓани кои се спротивставуваат на комунистичкиот режим на различни начини. Инаку, книгата е пишувана од 1976 до 1978 година.[4] Како необична мешавина на роман, збирка кратки раскази и размислувања на авторот, оваа книга го постави тонот на неговите дела во егзил. Критичарите ја забележале иронијата дека земјата за која Кундера се чини дека пишува кога зборува за Чехословачка во книгата „не е, благодарение на најновите политички редифинирања, повеќе таму“, што претставува „еден вид исчезнување и повторно појавување“ кои Кундера ги истражува во книгата.

Неподносливата леснотија на постоењето[уреди | уреди извор]

Во 1984 година го објавил романот „Неподносливата леснотија на постоењето“ (истовремено, на француски и на англиски јазик)[5] неговото најпознато дело. Книгата претставува хроника за кршливата природа на судбината на поединецот и како животот којшто е еднаш живеан може воопшто да не е живеан, како да нема можност за повторување, експеримент, обиди и грешки. Во 1988 година, американскиот режисер Филип Кауфман снимил филм според романот, а Кундера бил вознемирен и оттогаш забранил адаптации на неговите подоцнежни романи.

Бесмртност[уреди | уреди извор]

Во 1990 година, Кундера го објавил романот „Бесмртност“. Овој роман, неговото последно дело на чешки јазик, е покосмополитско од неговите претходни романи и го поставува тонот на неговите подоцнежни дела.

Стил на пишување и филозофија[уреди | уреди извор]

Ликовите на Кундера се често експлицитно идентификувани како фрагменти на неговата сопствена фантазија, коментирајќи во прво лице за приказни кои се целосно во трето лице. Кундера е повеќе загрижен за зборовите кои ги обликуваат или моделираат неговите ликови отколку со нивниот физички изглед. Во неговата книга „Уметноста на романот“, тој вели дека имагинацијата на читателот автоматски ја комплетира визијата на авторот. Тој како писател сака да се фокусира на суштинското. За него суштинското не вклучува физички изглед или дури ни внатрешен свет (физиолошки свет) на неговите ликови. Секоја негова нова книга ја манифестира последната фаза од неговата лична филозофија. Некои од овие мета-теми се егзилот, идентитетот, животот над границите (над љубовта, над уметноста, над сериозноста), историјата како континуирано враќање и задоволството од помалку важниот живот.

Многу од ликовите на Кундера ја имаат целта да ги опишат овие теми со цел да се развие нивното врвно чувство за хуманост. Деталите околу ликовите најчесто остануваат прилично нејасни. Често, повеќе од еден лик е користен во романот, дури до степен на целосен дисконтинуитет на ликот за да приказната продолжи со комплетно нов лик.

Како што тој му кажал на Филип Рот во интервју за The Village Voice:

Интимниот живот го разбирам како една лична тајна, како нешто вредно, неприкосновено, како основа на личната оригиналност.


Првите романи на Кундера го истражуваат двојниот траичен и комичен аспект на тоталитаризмот. Сепак, тој не ги гледа неговите дела како политички коментари: Осудата на тоталитаризмот не заслужува роман, вели Кундера.

Според мексиканскиот романописец Карлос Фуентес, она што тој го гледа како интересно е сличноста помеѓу тоталитаризмот и „незаборавниот и фасцинантен сон за хармонично општество каде приватниот и јавниот живот формираат единство и каде сите се обединети околу една желба и една верба...” Во истражувањето на црниот хумор во врска со оваа тематика, се чини дека Кундера е длабоко под влијание на Франц Кафка, уште еден познат писател од Чехословачка.

Според Кундера, тој е писател без порака. На пример, во „Уметноста на романот“, неговата прва книга есеи, тој ја раскажува приказната во која скандинавски издавач се колеба околу издавањето на неговата книга „Проштален валцер“ бидејќи не им се допаѓала неговата очигледна порака против абортусот. Тој објаснува дека не само што издавачот бил во заблуда околу постоењето на таква порака туку, и како што самиот вели:

Бев воодушевен од недоразбирањето. Јас успеав како романописец. Успеав да ја задржам моралната двосмисленост на ситуацијата. Успеав да ја задржам вербата во суштината на романот како уметност: иронијата. А на иронијата воопшто не и е гајле за пораките!


Тој, исто така, искажува несогласувања и околу музичките работи, анализирајќи ја чешката народна музика преку цитати од Леош Јаначек и Бела Барток. Понатаму, тој вметнува музички извадоци во текстот (на пример во „Шега“), или ги објаснува Шенберг и атоналноста.

Кундера ужива глас на еден од најпривлачните современи писатели во Европа. Основните одлики на неговите раскази се: целисходен израз, одмерено темпо, блага иронија која не го погаѓа главниот лик, туку го става во малку поместена перспектива, смисла за детаљи, вештина на набљудување, создавање особена атмосфера, вешто фабулирање, добра поента и цврста композиција. Во неговите раскази е присутен оној здив кој е присутен во најдобрите дела на „Чешката филмска школа“.[6]

Контроверзи[уреди | уреди извор]

На 13 октомври 2008, чешкиот неделен магазин Respekt на видливо место ја објави истрагата спроведена од Чешкиот Институт за студии на тоталитарни режими, според која наводно Кундера го кодошел на полицијата младиот чешки пилот Мирослав Дворачек. Обвинувањето се темели на полициски извештај од 1950 година во кој е заведен како шпион Милан Кундера, студент, роден на 1 април 1929. Целта на последователното апсење, Мирослав Дворачек, побегнал од Чехословачка откако му било наредено да и се приклучи на пешадијата во предвечерието на чистката во Акедемијата за пилоти, а подоцна се вратил како западен шпион. Дворачек се вратил тајно во студентската спална соба на Ива Милицка, поранешна љубовница на негов пријател. Милицка во тоа време се забавувала (а подоцна и се омажила) за колегата студент Иван Дласк, кој го познавал Кундера. Според полицискиот извештај, токму Дласк бил оној кој му лажал на Кундера за присуството на Дворачек во градот, а Кундера ја информирал полицијата за тоа. Дворачек завршил со пресуда од 14 години во комунистички работен камп, лишен од сите граѓански права, а некое време поминал и во рудник за ураниум пред да биде ослободен.

Спред извештајот на Respekt (кој ја дава поентата дека Кундера не го познавал Дворачек), Кундера порекнувал дека го предал Дворачек на полицијата, тврдејќи дека воопшто не го познава и дека не може дури ни да се сети на Милицка.

Дворачек неодамна преживеа удар и сè уште верува дека тој всушност бил предаден од Милицка. Неговата жена исто така се сомнева во т.н. доказ против Кундера. Дласк, кој според полицискиот извештај му кажал за присуството на Дворачек, умрел во 1990 година. Два дена по објавувањето на инцидентот, со спротивно тврдење излезе историчарот на книжевноста Здењек Пешат. Тој вели дека Дласк во случајот бил вистинскиот доушник на полицијата и дека тој самиот му го рекол тоа.

Помеѓу првите реакции е она на чешкиот писател Иван Клима, кој во статијата за дневниот весник Lidové noviny напиша:

Од читателска гледна точка можеби е вистина дека ако сме разочарани во некој кого сме го сакале и верувале, нашите чувства се повредени и нашата доверба е разнишана. Сепак, ништо од ова не треба да се користи за да се оправдаат или ослободат нашите злодела. Вацлав Хавел не верува во оваа приказна.


Германскиот весник Die Welt го споредува Кундера со Гинтер Грас, добитник на Нобелова награда, за кого во 2006 година беше откриено дека служел во Waffen-SS за време на Втората светска војна. На 3 ноември 2008 година, 11 меѓународно признати писатели излегоа со соопштение во одбрана на Милан Кундера. Помеѓу писателите кои го поддржаа Кундера се Салман Ружди, Филип Рот, Карлос Фуентес, Габриел Гарсија Маркез, J.M. Кеце, Орхан Памук, Хорхе Семпрун и Надин Гордимер. Помеѓу потписниците, четворица се лауреати на Нобеловата награда.

Награди[уреди | уреди извор]

Во 1985 година Кундера ја добил наградата „Ерусалим“, а неговото обраќање при примањето на наградата е објавено во збирката есеи „Уметноста на романот“. Исто така, тој е добитник на Австриската државна награда за европска литература во 1987 година; во 2000 му била доделена меѓународната награда „Хердер“; а во 2007 година државната чешка награда за литература. Исто така, се шпекулира дека бил во потесниот избор за Нобеловата награда за литература.

Библиографија[уреди | уреди извор]

Поезија[уреди | уреди извор]

  • Човек широка градина (Člověk zahrada širá) (1953)
  • Последниот мај (Poslední máj) (1961)
  • Монолози (Monology) (1965)

Есеи[уреди | уреди извор]

  • Околу несогласувањата за наследството(1955)
  • Уметноста на романот: Патот на Владислав Ванчура до големиот еп (1960)
  • Чешки договор (1968)
  • Радикализам и егзибиционизам (1969)
  • Украдениот запад или трагедијата на Средна Европа (1983)
  • Уметноста на романот (L'art du Roman) (1986)
  • Изневерени тестаменти (Les testaments trahis) (1992)
  • D'en bas tu humeras les roses (ретка книга на француски јазик, илустрирана од Ернест Брелер) (1993)
  • Завеса (Le Rideau) (2005)
  • Kastrující stín svatého Garty (чешки превод на дел од Изневерените тестаменти) (2006)

Драми[уреди | уреди извор]

  • Сопственик на клучевите (Majitelé klíčů) (1962)
  • Две уши, две венчавки (Dvě uši, dvě svatby) (1968)
  • Грешка (Ptákovina) (1969)
  • Жак и неговиот господар (Jakub a jeho pán: Pocta Denisu Diderotovi) (1971)

Раскази[уреди | уреди извор]

Романи[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Викицитат има збирка цитати поврзани со:

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Oppenheim, Lois (1989). „An Interview with Milan Kundera“. Архивирано од изворникот на 2001-01-26. Посетено на 2008-02-23. „Додека наполнив 30 години, напишав многу нешта: музика, пред сè, но исто така и поезија, и дури и драма. Работев во многу различни насоки - барајќи го мојот глас, мојот стил и себеси... Станав прозен писател, романописец, и не сум ништо друго. Оттогаш, мојата естетика не познава трансформации; таа се развива, да го употребам тој збор, линеарно.“
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 „Beleška o autoru“, во: Milan Kundera, Smešne jubavi. Beograd: Prosveta, 1988, стр. 193.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 „Predgovor“, во: Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 5.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 „Predgovor“, во: Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 6.
  5. „Predgovor“, во: Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 7.
  6. Milan Kundera, Smešne jubavi. Beograd: Prosveta, 1988.