Воден трскар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Воден трскар
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Фамилија: Трскари
Род: Acrocephalus
Вид: Воден трскар
Биномен назив
Acrocephalus paludicola
(Vieillot, 1817)

Водниот трскар (науч. Acrocephalus paludicola) е мала врапчевидна птица од кладот Sylvioidea (трскари). Се размножува низ умерена источна Европа и западна Азија, со популација што е намалена на 15.000 пара. Таа е птица преселница што зимува во западна Африка. По многу години несигурност каде точно зимуваат овие птици, конечно (2007) е откриено дека само во Националниот резерват на птици - Џуџ во Сенегал, зимуваат меѓу 5-10.000 птици.[2]

Опис[уреди]

Водниот трскар е со средна големина во неговата фамилија. Долг е 12-13 см. Одозгора е кафеавоцрвеникав, избразден со потемни шарки, над опашката е потокаловокафеав со ситни прошарувања, а одоздола е жолтобел. Има впечатлива светла линија над окото, круната на главата му е темно кафеава со светла линја на средината. Клунот му е силен, тенок и елегантен. Половите се исти.

Однесување[уреди]

Живеалиштето на водниот трскар за време на сезоната на парење се влажните, мочурливи предели со вегетација до 30 см, со плитка вода, од 1 до 10 см. Тоа се речните долини, мочуриштата, барите, бреговите на езерата, со трски и ниски грмушки кои ќе му служат на мажјакот за перчење и пеење. Пеењето на птицата е разговорливо тпр-р-р-р-р-р-р тпр-р-р-р-р-р-р тпр-р-р-р-р-р-р, испрекинато со типични свиркања.

Исхрана[уреди]

Оваа птица се храни со поголеми членконоги животни, разни пајаковидни животни, муви, пеперуги и нивните гасеници, водни молци и слично. За разлика од другите трскари, младенчињата се хранат со релативно големи членконоги. Вон сезоната на парење може да јаде и разни бобинки и семиња.

Размножување[уреди]

Водниот трскар има специфичен начин на размножување кој е помеѓу промискуитет и полигинија[3]. Мажјаците речиси целосно се ослободени од грижата за пилињата, тие ја воспоставуваат својата територија која опфаќа 8 хектари, но се преклопува сo територијата на другите мажјаци, па основната територија е околу 1ха. Во текот на сезоната на парење, од почетокот на мај до крајот на јули, интензивно се „рекламираат“, пеат и ги привлекуваат женките. Гнездото го градат на сува земја, меѓу трските. Женката несе 3-5 јајца, која ги инкубира и одгледува сосема сама. Успешноста на леглата е доста висока, околу 83%, а загубите од предатори изнесуваат околу 11%. Половина од женките имаат и второ легло. На околу 59% од леглото татковци се различни мажјаци.[4]

Статус и заштита[уреди]

Водниот трскар е најредок и единствен загрозен вид од врапчевидните птици во континентална Европа. На глобално ниво е класифициран како ранлив, а на европско како загрозен. Некогаш широко распространет и броен во мочурливите и влажни ливади низ Европа, водниот трскар сега е исчезнат во поголемиот дел од неговиот опсег. Денес, неговата светска популација од само 12.100-13.800 возрасни мажјаци е ограничена на помалку од 40 редовни места за размножување, во само шест земји, со четири локации кои се поддржани и заштитени, каде се размножува 80% од светското население.

Оваа птица редовно се размножува во Белорусија, Германија, Унгарија, Литванија, Полска и Украина (нередовно во Русија и Латвија). Видот е изумрен во Западна Европа во текот на 20 век и има драматично намалување во централна Европа. Порано се размножувал и во: Франција, Белгија, Холандија, поранешна Западна Германија, поранешна Чехословачка, поранешна Југославија, Австрија и Италија. Планот и програмата, како и мерките што се преземаат за заштита на оваа птица може да ги видите во Списокот на проекти за заштита 2010.pdf

Наводи[уреди]

  1. BirdLife International (2012). Acrocephalus paludicola. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106007597. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. Expedition solves Aquatic Warbler mystery, Birdlife International (2007). Retrieved 2012
  3. Leisler, B. & Wink, Michael (2000): Frequencies of multiple paternity in three Acrocephalus species (Aves: Sylviidae) with different mating systems (A. palustris, A. arundinaceus, A. paludicola). Ethology, Ecology & Evolution 12: 237-249. PDF цел текст
  4. Dyrcz 1993; Dyrcz & Zdunek 1993; Schulze-Hagen et al. 1993, 1995; Kozulin & Flade 1999; Kozulin et al. 1999


Надворешни врски[уреди]