Букурешка мировна конференција

Од Википедија — слободната енциклопедија
Делегати на мировната конференција

На почетокот на Букурешката мировна конференција било решено по прашањата за разграничување со Бугарија да се разговара одделно со претставниците на Србија, на Романија, на Грција и на црногорските претставници, а на пленарните седници да се претресат само спорните прашања. Прва била решена границата меѓу Бугарија и Романија и била потпишана меѓусебна спогодба.

На 5 август 1913 година, попладнето, американскиот пратеник во Букурешт, Џексон, ја прочитал нотата на американската Влада во која се истакнува:

Владата на САД става до знаење дека во секоја конвенција што би била заклучена во Букурешт, со задоволство би сакала да ја види одредбата за целосната граѓанска и верска слобода на населението на секоја област што би потпаднала под суверенитет на која и да било од петте сили или која би поминала од јурисдикција на една под јурисдикција на друга сила.

Таа нота Мајореску веднаш ја прифатил и се спроведувала во однос на влашкото население во Вардарска Македонија. Меѓутоа, на предлог на грчкиот претседател Венизелос, нотата не влегла во мировниот договор, па и на тој начин македонското население било обесправено.

Најтежок проблем на конференцијата е поделбата на Македонија. Во врска со тоа уште на првата седница се појавиле два проекта руски и австроунгарски. Рускиот настојувал да се задржат можностите за обновување на Балканскиот сојуз, па предлагал српско-бугарската граница да биде повлечена преку вододелницата меѓу Вардар и Струма, со тоа што Штип требало да и припадне на Србија, а Струмица и Кочани на Бугарија. Во реонот на Гевгелија би се наоѓала тромеѓето меѓу Србија, Грција и Бугарија. Грчко-бугарската граница би одела од Гевгелија на исток преку долината на Струма до Драма, оставајќи ѝ ги Драма и Сер на Грција. Од Драма до Егејското Море границата би ја одредиле големите сили.

Проектот на Австроунгарија со цел да ја привлече Бугарија, предлагал: српско-бугарската граница да се повлече по течението на Вардар, така што десната страна да и припадне на Србија, а левата на Бугарија. Грчко-бугарската граница да биде повлечена така што долниот тек на Струма и морскиот брег од Кавала до Енос да и припаднат на Бугарија.

Српската делегација барала границата да биде повлечена од Горна Џумаја по долината на Струма до под Рупелската Клисура, но тоа било максималното барање. На 6 август Бугарија и Србија се договориле Штип и Кочани да и припаднат на Србија, а Струмица и Радовиш со околијата на Бугарија. Воените претставници ја одбележале границата на топографските карти. За спорните прашања во одредувањето на границата меѓу Србија и Бугарија била одредена мешана комисија во состав од експерти од Белгија, Швајцарија и од Холандија.

Одредувањето на грчко-бугарската граница создавало уште потешки проблеми. Грција не дозволувала Бугарија да излезе на Егејското Море, па барала граничната линија да оди од планината Беласица на исток, северно од Сер, Драма, Скеча до Макри на Егејското Море. Според тој предлог, Бугарија би го добила морскиот брег од Макри до Енос во должина од само 40 километри. По овој предлог, бугарскиот претставник барал од Мајореску пристаништето Кавала да и припадне на Бугарија, во спротивно прашањето за војна ќе остане отворено. Под силен притисок на Франција и на Англија, Кавала, сепак, и припаднала на Грција. Меѓутоа, другите големи сили, Русија, Италија и Австроунгарија, и ветувале на Бугарија дека за брзо време ќе извршат ревизија на Букурешкиот мир. На 7 август 1913 година е потпишан протоколот број 9, во кој се регулирало дека грчко-бугарската граница минува од српско-бугарската граница по сртот на Беласица и излегува на сливот на Места во Егејското Море.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Букурешки договор, 1913