Богатството на царот Радован

Од Википедија — слободната енциклопедија

Богатството на царот Радован (српски: Благо Цара Радована) е збирка есеи на српскиот писател Јован Дучиќ.

Содржина[уреди | уреди извор]

Книгата се состои од следниве делови:[1]

  • „Богатството на царот Радован“: Во предговорот, Дучиќ зборува за легендата за царот Радован, кој сонувал да го пронајде закопаното богатство. Притоа, царот Радован е прикажан како симбол на сите идеалисти, кои никогаш не се откажуваат, туку цврсто го следат својот идеал, дури и по цена, нивниот идеализам да се граничи со лудоста. Меѓутоа, секој човек е следбеник на царот радован, зашто секој човек бара нешто, а во крајна линија, секој се бара самиот себе. За богатството на царот Радован сонуваат поетите, хероите, мудреците и пророците.[2]
  • „За среќата“: Оваа глава почнува со констатацијата дека филозофијата е тажна, т.е. кој ја бара смислата на животот не е среќен, меѓутоа нема вистинско спознавање на среќата без спознавање на несреќата. Притоа, среќата е илузија, зашто таа е релативна, т.е. човекот верува дека е среќен дури и кога не е среќен. Најмалку среќни се оние кои ги поседуваат сите материјални нешта, зашто богатството не е главниот услов за среќата. Тој тврди дека не е точна изреката дека човекот е ковач на својата среќа, туку напротив, човекот е ковач само на својата несреќа. Имено, човекот страда поради својата алчност, глупост или себичност, додека среќата може да биде и последица на случајни нешта. Според Дучиќ, спознанието на сопствениот карактер е патот кој води кон среќата, а човекот станува подобар преку убавината, љубовта, пријателството, мудроста и уметноста. Исто така, среќата е таа што го прави човекот добар, а егоизмот е извор на сите несреќи. За да биде среќен, човекот треба да ги сака другите луѓе,а тој самиот да биде храбар и да ги следи своите цели. Зборувајќи за среќата, во оваа глава, Дучиќ се повикува на бројни дела од грчката и римската философија, како и од книжевноста. Притоа, тој особени ги истакнува ставовите на стоиците, кои проповедале умереност, смиреност и сеопшта љубов.[3]
  • „За љубовта“: Според Дучиќ, љубовта не може да се анализира со помош на разумот, зашто таа е поврзана со чувствата. Според него, поетите се највештите во опишувањето на љубовта, зашто таа е главната нивна инспирација, а сè што знаеме за љубовта доаѓа од поетите. Љубовта е највозвишеното чувство и најголемата инспирација за сите човечки акции и дела, како и доказ за интелигенцијата. Исто така, љубовта е херојство, зашто бара жртва, т.е. откажување од себичноста. Во продолжение, тој зборува за тоа како на љубовта гледаат мажите а како жените. Во таа смисла, Дучиќ смета дека жената е таинствена, зашто таа е себична, се однесува нерационално нејзиниот морал се разликува од оној на мажите. Меѓутоа, иако двата пола се спротивни, љубовта не смее да се сведе само на половата привлечност, а љубомората е најголемото зло во љубовната врска. Најпосле, љубовта е нераскинливо поврзана со младоста и со убавината.[4]
  • „За жената“: Овој дел Дучиќ го почнува изнесувајќи ги вообичаените ставови за жената како неверна, нечесна, нестабилна, лажлива. Според него, жената внесува голема страст во љубовта, но притоа таа е себична и само сака да ги оствари своите интереси. Исто така, таа не ја познава платонската љубов, туку е порочна, се грижи само за физичката убавина и најпосле, таа нема морал. Сепак, таа има повеќе нежност, а сите нејзините постапки доаѓаат не од разумот, туку од срцето. Притоа, Дучиќ зборува пофално за љубовта на жената како мајка и сестра. Исто така, таа е најголемиот идеал за мажот, зашто таа е најголемиот поттик на човечкиот ум и енергија.[5]
  • „За пријателството“: Според Дучиќ, човекот најчесто се дружи со другите луѓе само од здодевност, т.е. за да ја избегне осаменоста, но тоа не е искрен однос. Тој дава преглед на античките ставови за пријателството како основа на општествените односи. Потоа, тој зборува за не(можноста) од пријателство меѓу мажот и жената. Понатаму, тој смета дека глупоста и незнаењето се најголемите непријатели на луѓето, зашто тие создаваат предрасуди во односите меѓу нив. Пријателството значи вистинска љубов кон човекот.[6]
  • „За младоста и староста“: Дучиќ се изразува пофално за младоста како за најдобрата фаза од човечкиот живот, кога доаѓаат до полн израз убавината, силата, храброста. Притоа, младите луѓе имаат идеали, цели и се носители на акцијата. Староста, пак, е најгрдото нешто во животот, зашто тогаш човекот е опседнат од стравот од смртта и поради тоа станува завидлив, лош и злобен. Иако е тешко да се определи кога почнува староста, тој смета дека човекот е стар кога ќе се откаже од животот, кога ќе се предаде и кога повеќе нема волја за ништо. И во овој дел, Дучиќ цитира дела од античките мислители, особено стоиците, како и примери од книжевноста. Исто така, тој зборува и за љубовниот живот на старите луѓе, укажувајќи дека постојат и стари љубовници. Најпосле, овој дел се заклучува со ставот за старците како носители на мудрост.[7]
  • „За поетот“: Дучиќ му дава божествено значење на поетот, кој се занимава со прашањето на вечноста, ги надминува границите на можното, создава и по тоа е најблиску до бога. Поетот на повисок од другите луѓе, зашто тој ја претставува нивната есенција. Поетот е нависокиот израз на човечкиот гениј, а Дучиќ со восхит зборува за големите поети, како Хомер, Данте и Шекспир. Меѓутоа, создавањето на поезијата претставува длабока тајна која не можат да ја објаснат ниту самите поети, зашто поезијата не може да се научи. Затоа, поезијата не може ниту да се толкува, т.е. книжевните критичари немаат речиси никаква вредност. Разгледувајќи го развојот на поезијата, Дучиќ тврди дека не постојат потполно нови поети, туку секое ново движење потекнува од некое постаро. Притоа, тој се изразува негативно за модернизмот. Највредните поетски дела се раѓаат кога поетот е во потрага по самиот себе и кога успева да изгради свој стил. На крајот од овој дел, Дучиќ се осврнува на несреќната судбина на голем број поети.[8]
  • „За хероите“: Според Дучиќ, секој човек е херој, зашто херојството најмногу се изразува во секојдневниот живот. Херојството значи цврст карактер и не може да се изедначи со храброста и со бестрашноста во воените походи. Херојот е благороден, чесен и праведен. Поради тоа, хероите отсекогаш биле возвишувани како полубожества. Дучиќ смета дека Прометеј е најидеалниот тип на херој, зашто тој се борел за доброто на човештвото и неговото дело е предвесник на херојството на Христос. Исто така, тој дава коментари и на големите историски херои: Цезар, Александар Македонски и Наполеон. Понатаму, тој смета дека христијанските маченици се идеални херои, зашто ги давале животите во името на љубовта кон луѓето и кон бога.[9]
  • „За кралевите“: Владетел се станува случајно или според судбината. Меѓутоа, ретко кој крал бил среќен, зашто околу него се собираат многу луѓе кои му прават сплетки и сакаат да ги остварат своите интереси, а народот секогаш очекува премногу од него. Исто така, луѓето се најчесто неправедни кон кралевите и често ги сметаат за тирани, поради стравот од нивната сила. Навистина, често се случува владетелите да се гладни за власт и по секоја цена сакаат да ја зачуваат власта при што не се воздржуваат од примена на секакви средства.[10]
  • „За пророците“: Бидејќи човекот е опседнат со иднината, секој човек прави предвидувања за неа, т.е. секој сака да биде пророк. Меѓутоа, Дучиќ ги разграничува врачевите од пророците. Според него, за големи дела е потребен силен дух, а тоа го поседуваат хероите, меѓу кои посебно се издвојуваат пророците. Пророците е визионери, борци за новото и за повисокиот закон. Притоа, тој зборува за големите пророци, како Мојсеј, Зороастер и Мухамед. Исто така, тој смета дека поетите биле првите пророци, зашто тие биле првите кои го навестиле бога. Најпосле, овој дел завршува со куса расправа за Христос и за неговото највисоко пророштво и херојство.[11]

За делото[уреди | уреди извор]

Есеистичките фрагменти обединети во книгата „Богатството на царот Радован“ се создадени во неколку години, од 1926 до 1930 година, во Каиро и во Белград, а објавени се во 1932 година, како шестиот том од собраните дела на Дучиќ. Веднаш по објавувањето, книгата предизвикала големо изненадување кај публиката, која претежно го познавала Дучиќ како поет, а книгата доживеала голем број изданија. Книгата е амбициозона, со филозофски и етички претензии и во неа авторот ги разгледува суштинските прашања кои го определуваат човечкото постоење - среќата, љубовта, пријателството, херојството, смртта, уметноста, итн. Во неа се зборува со негуван афористички стил во кој се обединети јасната мисла на народните поговорки, бистриот херцеговски ум, латинското говорништво и софистицираниот аристократски дух. Притоа, Дучиќ успеал на извонреден начин да го поврзе својот поетски талент со европската философска мисла и со народните умотвроби.[12]

Насловот на книгата е необичен и е поврзан со народната легенда за царот Радован, која пак води потекло од старите словенски митови за божеството на подземното богатство. Околу приказната за легендарниот јунак, Дучиќ ја гради својата идеја за вечната потрага по среќата и богатството во која секој напор да се излезе од рационалното и да се тргне по идеалите претставува еден вид лудило. Веќе првата глава ја открива стратегијата на постапката на Дучиќ: тој често поаѓа од една афористички изразена мисла околу која концентрично се шират размислувања кои асоцијативно се надоврзуваат едно на друго. Притоа, почетната мисла може да биде изненадувачка и спротивна на темата за која се зборува, но токму во тоа се состои мајсторството на неговото рефлексивно-медитативно раскажување.[13]

„Богатството на царот Радован“ претставува голема книга, богата со животна мудрост и со книжевна убавина, која со својата ерудиција духовно и естетски го облагородува читателот. Сите ставови изложени во делото не мора да бидат прифатливи, но доволно е да се прифати дијалогот со авторот кој нè води по возбудливите патишта на интимното спознание на животот и светот.[14]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018.
  2. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 21-24.
  3. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 25-80.
  4. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 81-128.
  5. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 129-168.
  6. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 169-218.
  7. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 219-258.
  8. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 259-312.
  9. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 313-349.
  10. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 350-365.
  11. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 366-384.
  12. Предраг Петровић, „Предговор: Књига мудрости и лепоте“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 10-11.
  13. Предраг Петровић, „Предговор: Књига мудрости и лепоте“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 11-12.
  14. Предраг Петровић, „Предговор: Књига мудрости и лепоте“, во: Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 16-17.