Спознание

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кога умот со генерализација го створи поимот "дрво", тогаш наоѓа многу сличности во бројни примери, преминувајќи на повисоко ниво на разбирање.

Спознание или когнитивност (лат. congnosco - познание, изучување, осознавање) во науката означува група на умствени процеси како што се внимание, паметење, создавање и разбирање на јазик, учење, расудување, решавање на проблеми и одлучување. Различни дисциплини како психологија, филозофија, лингвистика, наука и компјутерска наука го изучуваат спознанието. Меѓутоа, поимот различно се употребува во овие дисциплини; така на пример, во психологијата и когнитивната наука, „спознание“ најчесто се однесува на информационо-обработувачко гледиште на психолошките функции на дадена единка. Исто така се користи во една гранка на социјалната психологија позната како општествено спознание за објаснување на ставовите, припишувањата и динамиката на групите.[1]

Спознанието е факултет за обработка на информациите, примена на знаењето и менување на приоритетите. Спознанието или спознајните процеси можат да бидат природни или вештачки, свесни или несвесни. Овие процеси се анализираат од различни перспективи во рамките на различни контексти, особено во полето на лингвистиката, анестезијата, неврологијата и психијатријата, филозофијата, антропологијата, системиката, комјутерската наука и симболот на верата. Во психологијата и филозофијата, концептот на спознание е тесно поврзан со апстрактните концепти како ум, интелигенција.

Теорија на Пјаже за развитокот на спознанието[уреди | уреди извор]

Жан Пјаже бил една од најважните и највлијателни личности во полето на развојната психологија. Тој верувал дека луѓето се единствени во споредба со животните поради тоа што ние ја имаме способноста да правиме „апстрактно симболично расудување“. Неговата работа се споредува со онаа на Лав Виготски, Зигмунд Фројд и Ерик Ериксон кои биле исто така големи придонесувачи во полето на развојната психологија. Денес Пјаже е познат по проучувањето на развитокот на спознанието кај децата. Тој ги проучувал сопствените три деца и нивниот интелектуален развиток и излегол со теорија која ги опишува стадиумите што децата ги минуваат за време на развитокот.[2][3]

Стадиум Возраст или период Опис
Сензоримоторен стадиум Бебе (0-2 години) Присутна е интелигенција; има моторна активност, но отсуствуваат симболи; знаењето се развива иако е ограничено; знаењето се основа на искуства/заемодејства; подвижноста му овозможува на детето да учи нови работи; на крајот од оваа етапа се развиваат одредени јазични способности. Целта е да се развие објективна постојаност; се здобива со основно разбирање на каузалноста, времето и просторот.
Предоперативен стадиум Рано детство (2-7 години) Присутни се симболи или јазични вештини; развиени се памтењето и имагинацијата; неповратно и нелогично размислување; покажува интуитивно решавање на проблеми; започнува да ги увидува врските меѓу луѓето; се здобива со концептот за зачувување на бројките; доминира егоцентрично размислување.
Конкретен оперативен стадиум Основна и рана адолесценција (7-12 години) Логичка и систематска форма на интелигенција; манипулација на симболите поврзани со конкретни објекти; мислењето сега се одликува со повратност и способност да ја заземе улогата на друго; се здобива со концептите за зачувување на масата, должина, тежина и волумен; доминира оперативното размислување над неповратното и егоцентричното.
Формален оперативен стадиум Адолесценција и возрасна единка (од 12 години натаму) Логичка употреба на симболите поврзани со апстрактни концепти; се здобива со флексибилност во мислењето како и со капацитети за апстрактно мислење и тестирање на умствените претпоставки; може да зема предвид алтернативи при сложеното расудување и решавањето на проблеми.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Sternberg, R. J., & Sternberg, K. (2009). Cognitive psychology (6th Ed.). Belmont, CA: Wadsworth, Cengage Learning.
  2. Cherry, Kendra. „Jean Piaget Biography“. The New York Times Company. Посетено на 18 September 2012.
  3. Parke, R. D., & Gauvain, M. (2009). Child psychology: A contemporary viewpoint (7th Ed.). Boston, MA: McGraw-Hill.