Астрономски објект

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Модел на Сончевиот систем со Сонцето, внатрешните планети, астероидниот појас, надворешните планети и комета
Уметнички приказ на еден квазар

Астрономски објект — природен физички ентитет, група и склоп во вселената.[1] Поимот „астрономски објект“ напати се среќава како синоним на „астрономско тело“. Астрономското тело е поединечен целовиден ентитет кој е целовиден поради силата на гравитацијата (и понекогаш електромагнетизмот). Вакви примери се астероидите, месечините, планетите и ѕвездите. Астрономските објекти се гравитациски сврзани ентитети што имаат дадена положба во просторот, но може да бидат составени од повеќе независни астрономски тела или објекти. Овие објекти можат да бидат поединечни планети, ѕвездени јата, маглини или цели галаксии. Кометата може да се нарече тело поради тоа што има замрзнато јадро од мраз и прашина, или да се нарече објект кога мислиме цврстиот дел заедно со дифузната кома и опашката. Во потесна смисла, поимите „астрономски објект“ и „астрономско тело“ се разликуваат од поимите „небесен објект“ и „небесно тело“ само по тоа што во второспоменатите не спаѓа Земјата.[2] Во поширока смисла пак, овие поими може да се сметаат за синоними, и многу извори не ја прават оваа разлика бидејќи ја сметаат Земјата за небесно тело.[3] [4] [5]

Вселената има хиерархиски состав. Во поголем размер, основен дел на составот претставува галаксијата, која е составена од џуџести галаксии. Галаксиите се групираат во групи и јата, честопати во поголеми суперјата кои се протегаат долж големи нишки помеѓу празнини, образувајќи мрежа што ја опфаќа метагалаксијата.[6] Галаксиите и џуџестите галаксии имаат различни морфологии, и облиците зависат од нивното образување и развојна историја, вклучувајќи заемодејства со други галаксии.[7] Зависно од нејзината категорија, галаксијата може да има едно или повеќеѕѕ карактеристични елементи како спирални краци, ореол и јадро. Највеќето галаксии во јадрото имаат супермасивна црна дупка, што може да предизвика активно галактичко јадро. Галаксиите имаат и свои придружници во обик на џуџести галаксии и збиени јата.

Составните делови на галаксијата се образуваат од гасовита материја што се насобира по пат на гравитациско самопривлекување, и тоа на хиерархиски начин. Вака добиените основни делови се ѕвездите, кои пак се насобрани во јата од разните маглини што се згуснуваат.[8] Големата разноликост на ѕвездените облици се должи на разликите во масата, составот и развојниот степен на ѕвездата. Ѕвездите се среќаваат и во повеќеѕвездени системи што се вртат еден околу друг по хиерархиски систем. Од протопланетарни дискови што ги опкружуваат новосоздадените ѕвезди може да се образува планетарен систем со придружни елементи како астероиди, комети и отпаден материјал по пат на хиерархиско натрупување.

Астрономски објекти[уреди]

На табелава се наведени општите категории на објекти по место и состав.

Сончев систем Објекти вон Сончевиот систем
Прости објекти Сложени објекти Просторни објекти

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Работна група за астрономски назнаки од Комисијата 5 на МАУ (април 2008). „Именување на астрономските објекти“. Меѓународна астрономска унија. http://www.iau.org/public/naming/. конс. 4 јули 2010. 
  2. Celestial Body“, „Universe Today“ (конс. 19 мај 2010).
  3. „Гравитација и тежина на различни небесни тела“. Greater Waco Christian Home Educators. http://gwche.org/2010/04/10/gravity-and-weight-on-different-celestial-bodies/. конс. 20 март 2011. 
  4. „Речник на астрономски поими - дефиниција за атмосфера“. Планетариум „Мејнард Ф. Џордан“. http://www.galaxymaine.com/SA/SA6dictionary.htm. конс. 20 март 2011. 
  5. „Решение B5 - Дефиниција за планета во Сончевиот систем“. Меѓународна астрономска унија. https://www.iau.org/static/resolutions/Resolution_GA26-5-6.pdf. конс. 20 март 2011. 
  6. Smolin, Lee (1998). „The life of the cosmos“. Oxford University Press US. стр. 35. ISBN 0195126645. 
  7. Buta, Ronald James; Corwin, Harold G.; Odewahn, Stephen C. (2007). „The de Vaucouleurs atlas of galaxies“. Cambridge University Press. стр. 301. ISBN 0521820480. 
  8. Elmegreen, Bruce G. (јануари 2010). "The nature and nurture of star clusters". Star clusters: basic galactic building blocks throughout time and space, Proceedings of the International Astronomical Union, IAU Symposium 266: 3–13. doi:10.1017/S1743921309990809. 

Надворешни врски[уреди]