Црква „Св. Сава“ - Претор

Координати: 40°58′27.7″N 21°03′57.2″E / 40.974361° СГШ; 21.065889° ИГД / 40.974361; 21.065889
Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Сава
македонска православна црква
Епархија Преспанско-пелагониска
Архијерејско намесништво Ресенско
Парохија Подмочанско-љубојнска
Местоположба

Карта

Координати 40°58′27.7″N 21°03′57.2″E / 40.974361° СГШ; 21.065889° ИГД / 40.974361; 21.065889
Место Претор
Општина Ресен
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Сава
Изградба XIV век
обновена 1916/17
Архитектонски опис
Најпозната икона од црквата. Свети Јован Крстител со ангелски крилја. Со десната рака благословува, а во левата ја држи отсечената глава. Дело од прочуената зографска работилница на браќата Константин и Анастас од Горица, од втората половина на XVIII век.

Свети Сава — селска црква во селото Претор, Општина Ресен, Македонија.[1]

Црквата се наоѓа на 100 метри под регионалниот пат Макази – Маркова Нога, веднаш под раскрсницата од Претор, во областа Калуѓери, над детското одморалиште Мите Богоевски. Според историските податоци црквата била метох на Сливничкиот манастир и е постара од него (изградена во XIV век, на темелите на стара црква посветена на св. Никола, а обновена 1916/17 г.) Објектот е од типот на еднокорабни градби, со единствен влез од вратата на западната фасада. Апсидалниот триделен простор од источната страна се одликува со керамо-пластична ѕидарија комбинирана со камен, малтер и тула. Се претпоставува дека овој источен ѕид го претставува најстариот сочуван дел од објектот. Црквата егзистирала и во XVIII век (од средината на XVIII век потекнуваат неколку икони создадени во работилницата на прочуените зографи од Горица, браќата Константин и Атанас, кои денес, поради лошата состојба на црквата се чуваат како музејски експонати).

Според кажувањата на Јон Суџов, во дворот на црквата бил погребан некој владика.

Во својот фељтон „Преспа историска енигма“, Кирил Јоновски истакнува дека во црквата Св. Сава постоела издлабена икона во која се чувале записи на пергаменти, родослови за фамилијата Суџовци, како потомци на болјарот дедо Симеон, кој според преданието низ генерациите имал болјарски статус и бил голем земјопоседник во непосредна близина на Самоиловата престолнина.

Преданието вели дека неговиот прадедо Симеон бил ученик на Чудотворецот. За статусот на фамилијата Суџовци зборува и податокот дека тие имале изградено 3 цркви, првоизградената Св. Марија Богородица, на самиот брег на езерото, Св. Атанас до патот, најверојатно некогашна улица на градот Претор, која се протегала од самиот брег, преку сегашното село и до денешното Курбиново, а третата била црквата Св. Сава, обновена во XIV век на темели на стара црква Св. Никола. Првите две цркви се разрушени во дивеењето на Али-паша Јанински кон крајот на XVIII век, единствено е зачувана Св. Сава. За време на турското ропство, поголем дел од имотот на Суџовци бил одземен, со цел да го заштитат најплодното и најблиското земјиште од одземање ѝ го подариле на црквата Св. Сава. Таа месност, оттогаш до денес носи име Резиње, што значи подарено. Откако го заштитиле имотот преку црквата, таму населиле неколку фамилии да ја обработуваат подарената земја. Подоцна, неколкумина од родот на Суџовци се замонашиле.

Кај некогашниот смокварник, Турците насилно ја убиле момата Калина во чиј спомен и денес тамошната чешмичка се вика „Калино чешмиче“.

Во 1927 година мистериозно исчезнала иконата со старите пергаменти и други записи на родословието на Суџовци, а многу стари документи и записи, чувани во домовите на Панде и Јаким биле изгорени од српските џандари, на самиот празник Крстовден. Во времето на деталниот претрес и горењето на сè што нашле пишано во двете куќи (покрај другото и вредни старословенски и понови книги и сл.), луѓето се наоѓале на Задушница во селската црква Св. Архангел Михаил.

Денес црквата се наоѓа во многу лоша состојба, покривот е целосно испаднат, постојат видливи остатоци од конаците и црковната библиотека, која е запалена во 1946 година од страна на тогашниот комунистички режим. Јужно од црквата, сè уште постои штала.

Во 1960-те години, со цел да ја заштити, локален селанец ги варосал ѕидовите на црквата, односно фреските.

Од импозантно значење е иконата посветена на св. Јован Крстител, изложувана на неколку светски изложби. На иконата фронтално е претставен Св. Јован Крстител, со ангелски крилја. Со десната рака благословува, а во левата ја држи отсечената глава. По своите стилско–ликовни особености е атрибуирана како дело од прочуената зографска работилница на браќата Константин и Анастас од Корча, од втората половина на XVIII век.

Поради состојбата на црквата, иконата се чувала во Музејската збирка на Ресен.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]