Четврта македонска албанска бригада
Четврта македонска албанска бригада | |
---|---|
Активна | 26 август 1944 – 1945 |
Битки | Завршни операции за ослободување на Македонија |
Команданти | |
Истакнати команданти | Нафи Сулејмани, Чедомир Ѓукиќ |
Четвртата македонска албанска бригада (позната и како Седма македонска албанска ударна бригада), била воена единица на НОВ и ПОМ, формирана на 26 август 1944 година на планината Караорман, Струшко. Дејствувала до 1945 година. Во текот на своето постоење, се нарекувала Четврта македонска шиптарска бригада и Седма македонска шиптарска ударна бригада.
Команден состав
[уреди | уреди извор]Команданти биле Нафи Сулејмани до март 1945 година, а потоа Чедомир Ѓукиќ. Политички комесари биле Кемал Аголи, Муртеза Пеза, Џафер Кодра и Ѓорѓи Бановиќ.[1] [2] Началник на штабот од март 1945 година бил Боро Тодоровски.[1]
Бригадата била формирана од Албанско-кичевско-дебарскиот партизански одред и од новопристигнати борци од Дебарско, Струшко и Кичевско. На денот на формирањето бригадата броела околу 450 борци, претежно од албанска националност од територијата на Македонија, но во нејзиниот состав имало и Македонци, Турци и Црногорци.
На 15 септември, во селото Вранештица, бригадата формациски влегува во составот на Четириесет и осмата (македонска) дивизија на НОВЈ. Дејствувала главно во дебарско-струшкото подрачје против германските и балистичките сили. Учествувала во нападот на Кичево (8 октомври), во борбите на превојот Ќафасан, кај струшките села Радолишта и Заграчани (8 октомври), во нападот (29 октомври) и ослободувањето на Струга (8 ноември) и ја затворила македонско-албанската граница во тој реон, во борбите за ослободување на Кичево и Гостивар.
На 7 јануари 1945 година бригадата била прогласена за ударна и преименувана во Седма македонска албанска народноослободителна ударна бригада. Била прераспределена во Четириесет и втората (македонска) дивизија, со која учествувала во борбите на Сремскиот фронт и во ослободувањето на Славонска Пожега и Загреб.[3] На 1 февруари 1945 година, оваа бригада броела 2.796 борци, а во текот на битките на Сремскиот фронт загинале околу 288 борци и старешини.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 д-р Марјан Димитријевски „Македонската војска 1944-1945“, Скопје, ИНИ, 1999 г., стр. 97-99
- ↑ „„Офицер", бр. 6, 2001, 4 стр“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-11-29. Посетено на 2013-07-05.
- ↑ Билтен на ВШ на НОВ и ПОЈ, IV, стр. 46-47, Положај, ноември-декември 1944.
- ↑ „„Офицер", бр. 6, 2001, 5 стр“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-11-29. Посетено на 2013-07-05.
Литература
[уреди | уреди извор]- Таип Таипи „Борбениот пат на Четвртата (седмата) албанска бригада на НОВ на Македонија“, Скопје, 1977 (на албански).
- Таип Таипи „Албанците на Сремскиот фронт: Четвртата (седмата) албанска бригада на НОВ и ПО на Македонија“, Белград, 1981 (на српскохрватски).
- Боро Митровски, „Поважни настани во Народноослободителната борба во западна Македонија“, Гласник на ИНИ, III, 1, Скопје, 1959, стр. 5–43;
- Д-р Марјан Димитријевски, „Македонската војска 1944– 1945“, ИНИ, Скопје, 1999, стр. 97-99.