Прејди на содржината

Црква „Успение на Пресвета Богородица“ - Ваташа

Координати: 41°25′5″N 22°1′5″E / 41.41806° СГШ; 22.01806° ИГД / 41.41806; 22.01806
Од Википедија — слободната енциклопедија
Успение на Пресвета Богородица

Поглед на апсидата на црквата, видлива на главната улица во Ваташа

македонска православна црква
Епархија Повардарска
Архијерејско намесништво Кавадаречко
Парохија Ваташка
Местоположба

Карта

Координати 41°25′5″N 22°1′5″E / 41.41806° СГШ; 22.01806° ИГД / 41.41806; 22.01806
Место Ваташа
Општина Кавадарци
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Богородица Марија
Изградба XIX век
Живопис XIX век
Зограф Крсте Зограф
Архитектонски опис
Архит. тип трикорабна

Успение на Пресвета Богородица — главна црква во приградската населба Ваташа.[1][2]

Црквата се наоѓа во самото средиште на приградската населба Ваташа, сместена на главната улица, од десната страна на патот во насока на Моклиште.[2]

Историја

[уреди | уреди извор]

Црквата била подигната во XIX век.[2]

Портрет на Даскал Камче

Според преданијата, а и историските податоци, Ваташа и порано имала свој верски храм, но како духовен центар на Тиквешијата, селото неколку века по опустошувањето на старата црква, немало духовно светилиште. Со таквата состојба ваташани долго време не можеле да се помират. Еден угледен ваташки трговец и кираџија, Аџи Коле, кој бил надалеку познат трговец со вино и ракија, патувајќи по градовите во Македонија, се зарекол во себе да направи црква во своето место на живеење. Оваа своја идеја им ја кажал на ваташките првенци, а тие му дале целосна поддршка. Самиот бил многу почитуван човек не само во Ваташа, туку за него знаеле речиси сите во Тиквешијата. Со неговиот син Јордан биле во Ерусалим на поклонение и оттаму со многу почести се вратиле како аџии.[3] Во Тиквешијата биле разурнати многу цркви, а турските власти на мештаните не им дозволувале истите да ги обноват. Во почетокот на XIX век таквата состојба се подобрила и им било дозволено на христијаните барем да си ги поправаат своите духовни светилишта, меѓутоа само оние кои се наоѓале надвор од населените места.

Во Ваташа од страна на Солунскиот валија била испратена комисија која требало да ги пронајде темелите на старата црква и да утврди колку педи била долга, широка и висока старата црква. По добивањето на ферманот и дозволата од комисијата, ваташани се организирале и сите се вклучиле во нејзината изградба. Во градењето на црквата биле ангажирани околу 80 добри мајстори, а со доброволна работа во носење на камен песок, дрвена граѓа биле вклучени скоро сите христијански семејства.

Една група членови на одборот за изградба на црквата во Ваташа се упатиле и во куќата на богатиот ваташки трговец Крсте Минчев, иако биле скоро убедени дека ќе ги одбие, бидејќи иако богат, во Ваташа го знаеле како голем скржавец. Меѓутоа, кога Крсте ги ислушал луѓето за што се дојдени им одговорил: „Направете сѐ што можете за да соберете што повеќе пари, а јас ќе дадам колку што сите ваташани ќе дадат заедно“. При градбата на црквата ваташани се судриле со многу проблеми и тешкотии. Најгласни во целата таа работа биле Помаците, кои живееле на другата страна на реката Луда Мара, во Турското маало. Тие веднаш се спротивставиле со изговор дека не може да се гради црква сред село, муслиманскиот закон не го дозволувал тоа. Муслиманите не можеле да се помират наутро кога ќе станат, да гледаат во крст и да бидат окадени од чадот на темјанот. Започнала голема верска борба. Христијаните преку денот граделе, а муслиманите навечер им го уривале изграденото. Најпосле бил постигнат договор според кој, градбата на новата црква, требало да не ги надвишува покривите на останатите куќи во селото, па затоа таа била изградена со осум до десет стапки во земјата. За да бидат сигурни дека црквата нема да им биде повторно срушена, христијаните реагирале кај Али-бег, тогашен кајмакам на Кавадарци, кој со својот авторитет се заложил црквата во Ваташа да не биде срушена. Тој ги уверувал најфанатичните Помаци дека и христијаните треба да имаат свое свето место, каде што ќе можат да ги извршуваат своите верски обреди.

Црквата била оградена со висок ѕид, кој бил во височина со покривот на црквата. На покривот од црквата немало никаков христијански симбол-крст, бидејќи и тоа било една од обрските со кои христијаните се согласиле. Во 1817 година црквата била изградена и осветена. Аџи Коле бил и еден од главните ктитори на црквата, иако во нејзината изградба помало или поголемо учество дале сите ваташки семејства.[3] Ифтибарот на ваташани кон Аџи Коле бил навистина голем. Тој добил почесен стол кој се наоѓал од десната страна на владичкиот престол и овој стол се предавал од колено на колено. На црквата било поставено клепало за да ги буди христијаните и да ги кани на Божја служба. На муслиманското население во Ваташа и ова не им се бендисало, па пратиле двајца нивни луѓе со секири за да го искршат клепалото. Но, ги снашла несреќа. Во 1860 година, ваташани први во Тиквешијата подигнале своја камбанарија во црквата. На тоа Помаците одново се растревожиле, бидејќи таму каде што муезинот му се обраќа на Алаха, не може да ѕвони и камбана, меѓутоа исплашени од несреќниот случај ја проголтале и таа горчина, без притоа да креваат поголема врева.

Камбанаријата најнапред била изградена од дрво и била висока 9 метри. Многу години подоцна во 1873 година, таа била соѕидана од тврд материјал. На горниот дел од камбанаријата биле поставени камбаната и клепалото. Ѕвоното во камбанаријата, излеано во битолската ливница, го подарил Методи Џунов во 1926 година, за што постои и запис на него.[4]

Архитектура

[уреди | уреди извор]

По својата архитектурна форма црквата претставува трикорабна градба со рамни дрвени таваници на страничните кораби, додека средишниот кораб е со четири слепи калоти, од кои средните две се поголеми и покриени со фрески.[2][5]

Црквата има импозантни димензии, долга е 23,5 метри, а широка 10,3 метри. Атриумот на западната страна на објектот е со должина од 4,7 метри. Црквата речиси до половина е во земја, а височината на источниот ограден ѕид укажува на проблемите што христијаните ги имале со муслиманското население во Ваташа.[6]

Црквата е солидно градена и во неа е употребен материјал, кој најчесто им бил на дофат на селаните, а тоа е речниот камен од Луда Мара. Каменот е основниот материјал со кој се ѕидани ѕидовите на црквата, а била покриена со турски ќерамиди. Бидејќи со тек на времето кровот почнал да прокиснува, бил оштетен таванот, а со тоа и фрескоживописот со кој била живописана и целата таванска конструкција. Денес, таванот и кровот се целосно реновирани, а црквата е покриена со нови ќерамиди.

Фрескоживопис

[уреди | уреди извор]

Дел од црквата е насликан.[2][5] Фрескоживописот го изработила тајфата на Крсте Зограф од Велес во текот на 1818 година.

Во првата калота е Богородица со Христос, а наоколу се повеќе ликови на пророци. Во втората калота е претставен Исус Христос со ангели.[5]

Иконостас

[уреди | уреди извор]

На иконостасот има царски двери во резба изработени во 1818 година од непознат автор. Иконите датираат од XIX век, поточно од 1828 година, изработени од зографот Крсте од Велес.[2] Тој ја изработил иконата „Успение на Света Богородица”, која ја порачал извесен Вучко од селото Корешница, кој оваа икона ја подарил на новата црква во Ваташа. Во овој верски објект се среќаваат и неколку постари икони, за кои се претпоставува дека се донесени од Моклишкиот манастир.

Ваташката црква поседувала богат црковен инвентар. Икони, црковни книги, пехари, путири, свеќници и кандила. Од особено значење биле 75 евидентирани икони, меѓу кои и таа, „Богородица со Христос” од 1714 година.

Црковни книги

[уреди | уреди извор]

Црквата располагала и со многу богат црковен фонд на книги, од кои денес се сочувани многу мал број. Од книжниот фонд со кој некогаш можела да се гордее оваа црква денес се сочувани само 21 книга. Меѓу повредните книги со кои располагала црквата во Ваташа е „Ирмологион”, отпечатена во Виена во 1791 година. Била употребувана за литургиско пеење. Од записот направен во книгата можело да се види дека истата била набавена на Прилепскиот панаѓур. Таа била купена од Ване Велков за 8 гроша. Меѓутоа, она што е посебно значајно во оваа книга, е записот што на нејзините маргини го оставил Даскал Камче,[6] „сја книга Ирологион –поклонил Јованче Велкович, родум Мешкович на церков Светаја Богородија во храму чесноига јејо успенија – о здравии и о спасенииродители – и чадом его на послужение – 1828 маја 3. Даскал Камче“.

Свештеникот Глигорие Хаџи Јорданов од Ваташа во својот опус оставил богата црковна литература напишана на македонски црковно-словенски јазик. Еден од ракописите на Глигорие Хаџи Јорданов е Богословскиот зборник кој се чува во Филолошкиот факултет во Скопје. Овој ракопис е откриен и објавен порано, но дури при споредувањето на ракописот со новооткриените ракописи се утврдило дека и овој ракопис го напишал истиот свештеник. Откривањето на овие ракописи како и нивниот автор претставуваат драгоцен извор и прилог во проучувањето на македонската културна историја и книжевно наследство, како и костатацијата дека се откри уште едно име во македонската книжевност од крајот на XIX век.

Црковен имот

[уреди | уреди извор]

Оваа црква поседувала и голем имот со кој управувала црковно-училишната општина. Но, денес, имотот е многу намален и изнесува 9 декари шума, 7 декари лозје како и два декари обработлива земја. За овој имот и денеска се грижат членовите на црковно-манастирскиот одбор. Исто така во недвижниот имот на црквата имало и два трговски дуќани, кои во минатото кога постоела богатата ваташка чаршија, биле давани под закуп на ваташките кираџии и трговци или занаетчии.

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 „Цркви во Ваташката парохија“. Повардарска епархија. Посетено на 1 март 2018.
  3. 3,0 3,1 Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 434. ISBN 978-608-4621-04-1.
  4. Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 26. ISBN 978-608-4621-04-1.
  5. 5,0 5,1 5,2 „Културно и национално наследство на Кавадарци“. Институт за информатика. Архивирано од изворникот на 2014-02-25. Посетено на 1 март 2018.
  6. 6,0 6,1 „На денешен ден е завршена изградбата на црквата во село Ваташа“. Архивирано од изворникот на 2024-07-07. Посетено на 2024-07-07.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]